Празникот Преполовение се слави на средината меѓу Пасха и Духовден, т.е. на 25-от ден по Велигден. Започнува да се празнува во четвртата Среда после Велигден и продолжува се до наредната среда. Значи, има попразненство во времетраење од 8 дена (вклучувајќи го и денот на Празникот). Всушност, Црквата го одредила овој празник како една врска помеѓу двата претходно спомнати големи празници (Пасха и Педесетница), на тој начин соединувајќи ги во едно преку ова празнување.

Hristos.Sudija.jpg

 Црквата го именувала овој празник според настанот опишан во Светото Евангелие – кога Господ Исус Христос, во третата година од Својата Евангелска мисија, на средината (преполовението) на Старозаветниот празник Сеници влегол во Храмот и почнал да поучува. „А кога се преполови празникот, влезе Исус во Храмот и поучуваше...“(Јован, 7, 14-36).

Празникот Сеници бил еден од трите големи сенародни Еврејски празници во спомен на пребивањето на Евреите во сеници (шатори) за време на нивното талкање во пустината, и посебно во спомен на настанот кога Бог на Гората на сениците му ја покажал на Мојсеј Скинијата (Исход, 25, 40), која Мојсеј требало да ја направи по Божјо упатство (Исход, 39, 43; 40, 1). Празникот се славел осум денови, а првиот и последниот ден биле посебно свети.


Она што посебно го поврзува овој Старозаветен празник со денешниот Христијански празник Преполовение е прославувањето на осмиот ден, кое се состоело од чинот на торжествено излевање на вода. Водоизлевањето всушност било како предзнак на излевањето на Светиот Дух, за кое Господ им кажувал на Евреите токму на последниот голем ден од празникот Сеници, кога ги поучувал во Храмот: „...Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено, ќе потечат реки од жива вода. А ова го рече за Духот Кого ќе Го примат оние кои веруваат во Него...“(Јован, 7, 38-39).


Значи, кога се преполовил празникот Сеници, Господ влегол во Ерусалимскиот Храм и почнал да им говори на Евреите. Во голема мера, она што Бог го говорел тогаш било тесно поврзано со настанот кога Он кај бањата Витезда чудесно го излекувал раслабениот а Евреите исполнети со омраза и завист Го осудувале дека ја нарушува Саботата, а со тоа и Законот, бидејќи тоа добро дело го извршил во сабота. Исус мудро им докажувал, поткрепувајќи се токму на Законот, дека неправедно го осудуваат и ги укорувал за нивното неверување и лицемерие. Ете зошто во Богослужбата составена за сегашниот празник може да се забележат многу делови каде што се спомнува токму за тоа исцелување на раслабениот и Господовото обраќање кон лицемерните и тврди по срце Евреи.

„На книжниците устите им ги затвораше, а Јудејците ги изобличуваше Месијата Господ, зборувајќи им: немојте, законопрестапници, по лице неправедно да судите, што во сабота раслабениот го подигнав, зашто сум Господар и на саботата и на Законот. Зошто сакате да ме убиете Мене, Кој мртвите ги воздигнувам?“ (од Хвалитните Стихири на Утрената Богослужба).

Преполовение на Педесетница е древен Христијански празник. За него во своите учења спомнува светиот Јован Златоуст, а Светиот Анатолиј Константинополски (во V век), преподобниот Андреј Критски (во VII век), Св.Јован Дамаскин (во VIII век) и преподобниот Теофан Исповедник (во IX век) го воспеале и со духовни песни, преку кои Црквата и денес Го прославува Господа на средината (преполовението) на Педесетница.


Спомнувајќи ја Неделата на раслабениот кога се осветувала водата од Ангелот во бањата Витезда, потсетувајќи се на Господовите зборови за изливањето на Светиот Дух врз верните, и наговестувајќи ја средбата на Исус со Самарјанката што ќе се прославува наредната Недела, Црквата одредила во денот Преполовение, после Литургијата да се извршува Мал Водосвет и да Му се принесат молитви на  Господа да ги напои жедните со вода на благочестие, како што Он возгласил, велејќи: „кој е жеден, нека дојде кај Мене и нека пие“ (Јован, 7, 37).

Подготви С.Л.


Користени се информации од Книгата „Дни Богослуженија Православној Церкви“ од протоереј Деболски.

Друго:

Hristos.Sudija.jpg