БОЖИК КАКО ПОСЛАНИЕ ЗА ЖИВОТОТ

„Во Него имаше Живот и Животот им беше светлина на луѓето, и Светлината свети и мракот не ја опфати„ (Јн. 1,4-5)

Овие евангелски зборови укажуваат на вистинската смисла на празникот на Рождеството Христово. Тие се и самата суштина на радоста која Црквата ја воспева во божикниот тропар: со Рождеството Твое Христе, Боже наш, засветли во светот, светлината на разумот...односно, верата,  дека со Христос во светот не влезе само образот на совршениот човек, туку многу повозвишеното, сеопфатното откривање на личната смисла на човекот и светот. Секое случување поврзано со библиската вистина е чудо, а празнувајќи го Рождеството Христово ние се допираме до тоа чудо. Со Христовото раѓање се случува чудото на средбата на Бог со човекот, средбата на небесниот Човек – Христос, со земниот човек Адам, а тоа значи средба на секој од нас како личност со овоплотениот Бог. Празнувајќи го овој голем празник, ние Го запознаваме Бог, Кој ни дошол во пресрет, поминувајќи го сиот пат на Своето величие до нашата ништовност постанувајќи еден од нас. Затоа, на овој празник, ние сме повикани да излеземе во пресрет на Христос, со умот да се вознесеме од земјата на небото. Раѓањето Христово е токму тој пат на Бог кон човекот, и на човекот кон Бог, доаѓање на Бог на земјата, и искачување на човекот кон царството Небесно. Овој празник е празникот на пресоздавањето, празник на повторното создавање, како што го нарекува св. Григориј Богослов, празник на повторното општење на Бог со човекот. Човечката историја започна кога Бог го создаде човекот, но спасението на паднатиот во грев човек и свет започнува со Боговоплотувањето. Христос ги помина сите фази од човечкиот живот, искусил сé како и ние, освен грев (Евр. 4,15), овоплотувањето, раѓањето, искушенијата, страдањата, смртта, но победувајќи го гревот, смртта немаше власт над Него и ја победи со Своето Воскресение, поразувајќи го ѓаволот. Од неопфатно величие, до неизглаголиво смирение со раѓањето во пештера, низ страдања и смрт до повторно откривање на славата од гробот преку Воскресението.

Празникот на Раѓањето Христово е втемелен како исполнување на сите човечки копнежи, претчувствува и очекувања, исполнување на севкупната и неуништива жед на човекот за доброто, а воедно, тоа е и празник на новата епоха. Ете сé ново создавам (Откр. 21,5), вели Господ, со Неговото доаѓање во плот, започнува не само уште една религија, туку започнува новиот живот, бидејќи Оној Кој е Извор на севкупниот живот се вочовечува, станува човек, за човекот во Него  да се обожи, да постане бог по благодат, ова е неизмерна радост за човекот и светот, затоа празнувајќи Црквата пее: Христос се раѓа - прославете го! Христос на земјатa - пресретнете Го! Христос на небесата - вознесете се кон Него!

Само со учество во литургискиот живот на Црквата, можеме во сета полнота да празнуваме, најпрво да ја спознаеме нашата гревовна состојба, нашата саможивост, гордост и острастеност, и да се преумиме со Светлината на разумот, да се покаеме, и да направиме пештера во нашето срце во која ќе се роди Изворот на животот – Христос, за да го очисти нашето срце од страстите низ наш постојан подвиг на покајание, пост и молитва, и преку исповед на нашите гревови да го примиме Телото и Крвта Христови во Литургијата, та соединувајќи се со Него, да посведочиме вистински дека сме Црква - Тело Христово, како залог за нашето обожување и вечниот живот во царстовото Божјо кои ги предвкусуваме во секоја Литургијата на Црквата. Нема поголемо сведоштво за нашиот Господ и Спасител, од оној момент кога ќе ги чуеме зборовите на крајот од Литургијата, со мир да излеземе, а тој мир да го посведочиме вистински пред светот со личен пример, дека во себе сме Го примиле Миротворецот и Спасителот и да воскликнеме заедно со ангелите: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, и меѓу луѓето добра волја.

Не само во пресрет на овој празник, туку постојано треба да ги чиниме делата на покајнието (Гал. 5, 22-23), покажувајќи ја на тој начин љубовта кон ближниот, за да не заборавиме дека Христос се роди, пострада, умре и Воскресна за секој човек, за секоја личност, бидејќи во секоја личност се изобразува Христос, Он се поистоветува со најмалиот. Од љубовта која треба да ја подариме на ближниот зависи и нашето спасение, и вечниот живот. Затоа да гледаме кон секој човек со Христови очи, да покажеме љубов, да бидеме сострадални, да се молиме, да помогнеме, да ги благословиме оние што се однесуваат непријателски, но и да се радуваме во Господа, Кој ни покажа како тоа да го правиме, не апстрактно со давање на пишани повелби, туку конкретно со дела, а тогаш ќе можеме да го разбереме христијанството преку неговата љубов, радост и празнување, полесно и повеќе отколку преку било какви дефиниции.

Црквата со празникот Рождество Христово ни ја јавува серадосната тајна, тајната на слободната љубов која никој со ништо не му ја наметнува на човекот. Христос ни се дарува како Младенец, како Дете, исклучиво со љубов и со потполна доверба во нас, не со страв и сила и не со предрасуди, туку со радост и потполно љубовно давање кон нас, такви какви што сме.  Да одговориме на таа љубов и да го предадеме нашето срце на Богомладенецот Кој има бескрајна доверба во нас, да ја послушаме поуката Негова, бидете како деца (Мт. 18,3), и со таква детска искреност, восхит, радост и љубов да му пристапиме Нему, а таквата љубов е дарот на новиот живот. Смислата и целта на овој голем празник, но и на сите празници е да се научиме да се уподобуваме на Христа, да ги поминеме сите фази од својот живот во подвизи на покајание, постојана молитва и добри дела, поточно редоследно да ги поминеме сите фази од крсниот пат на Спасителот, од утробата на нашите мајки до смртта, да бидеме мртви за гревот, а живи за Бог во Христа Исуса (Рим. 6,11), за да воскреснеме заедно со Него и да бидеме воведени во царстовото Небесно. Со Христос заедно да се родиме, да се сораспнеме и да се сопогребеме, за да совоскреснеме со Него (1 Кор. 15,22).

И покрај сиот труд и напор, страдањата, искушенијата и смртта се насекаде околу нас, страдаат ближните (сите луѓе), страда и светот, се бара излез, а човекот и светот се потпираат на разумот, бегајќи од Светлината, и се стремат кон единство, мир, љубов и благосостојба, а каде човекот и светот да го најде тоа? Сигурно не во економијата, во протекувањето на „доверливите„ информации, во силата на оружјето, во стравот, во политичките надмудрувања, во соперништвото, или пак на самити, форуми и конференции! Нема друг одговор на ова, освен Христос Богочовекот. Нема друг пат за човекот освен заповедта за љубов кон Бог и ближните, кои ни ги даде Богочовекот Христос. Нема друга цел освен царството Божјо кое ни го објави Христос, и нема друг пат освен патот на прифаќањето на повикот кон светост и совршенство кое ни ги јави Христос, бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен (Мт. 5,48). Само со подвиг во Христос Спасителот, можеме да го достигнеме обожувањето и светоста, а таа состојба преку благодатта на Светиот Дух која ни се дарува со нашиот активен литургиски живот во Црквата, да ја  пренесеме на сите и на сé околу нас, бидејќи сé што е соединето со Бог е спасено. Овој подвиг на спасение е личен, но и соборен преку литургиското единство на Црквата остварено низ причестувањето со Телото и Крвта Христови.

Во радоста на Христовото Рождество не треба да се заборави на семејствотото како домашна црква, на бракот како света тајна, на светоста на животот преку подигнувањето и воспитувањето на деца во семејството, воспитувањето во училиштето и социјалните установи, бидејќи сé што чиниме на личен план се пренесува во семејствотото, од семејствотот на околината, општеството и светот. Да се трудиме да се просветиме и обожиме со незалезната Светлина на разумот – Христос, за да ја сведочиме пред светот.

ХРИСТОС СЕ РОДИ !

презвитер Горан Стојчевски

ПРЕМИН бр. 85/86