Недела на свети Григориј Палама: Сеноќно бдение во црквата на свети Григориј Палама во Струмица (08.03.2015 )

Коефициент на духовна интелигенција

Се сеќавате ли на петте точки преку кои се проверувавме дали точно надминуваме едно искушение? Тие се: прифаќањето на сѐ како дар Божји; благодарењето на Бог за сѐ, смирената самосвест – дека сме заслужни за поголемо зло од тоа што моментално ни се случува; молитвата како наша непрекината заедница со Бог и како љубов и кон непријателите (а не како борба против искушението), и непокажувањето (надворешно) со дело или збор дека нешто вонредно ни се случува.

Не смее да се случи Христовиот верен воин да не го знае напамет точниот процес за надминување на искушението. Преку овие пет точки секогаш се проверуваме дали одиме по вистинскиот пат. Постои и еден пократок начин за надминување на искушението со кој се служат оние што веќе го усвоиле претходно наведениот процес, но кој можат да го пробаат и почетниците во духовниот живот, во момент на затемнување, а заради личен опит и увереност во ефикасноста на подвигот − во содејство на Божјата благодат.

Да се потсетиме: нашиот ум има една енергија и две функции; преку едната функција (примарната) комуницираме со Бог – со Неговата несоздадена енергија (благодат), а преку другата функција (секундарната) комуницираме со светот што нѐ опкружува. Секундарната функција ја нарекуваме и разум. Во што се состои пократкиот начин?
прв дел)
Во моментот на едно искушение, вообичаено, нашиот раслабен ум ја користи својата секундарна функција – бара човечка правда (се преплавува со помисли), се самонабљудува (станува свесен за повредените и променети чувства), размислува што се случило и како соодветно (одмазднички) да одговори во новонастанатата ситуација и слично − дејствување што ја валка (обезблагодатува) неговата енергија. Наместо сето тоа, можеме да се обидеме веднаш, преку молитвата, да ја пренасочиме енергијата и умот да профункционира во својата примарна функција – дејствување што ја преобразува неговата енергија. Исто така, можеме да го мериме и времето во кое преку функционирањето во својата примарна функција, умот ќе успее да ја смири севкупната своја душевна и, посебно, мисловна сфера – поради дејството на Божјата благодат.

Уште две напомени за крај. Прво, преку времето – поминато во чиста молитва − што ќе ни биде потребно да ја надминеме бурната внатрешна состојба после слученото искушение можеме емпириски да го измериме и коефициентот на нашата духовна интелигенција. И второ, краткиот начин што го опишав не е и не може да функционира како обична душевно-ментална техника (од типот на некои безлични медитации), туку овој подвиг мора да се заснова на личносниот однос со Личниот Бог, внатре во Црквата, и да води кон негово продлабочување преку постојано покајание (преумување).

Со сето ова што ви го кажав, ви го опишав аскетско-исихастичкиот подвиг на свети Григориј Палама, чиј спомен го славиме денес, по чии молитви Господ да нѐ помилува и спаси сите. Амин.

Митрополит Струмички Наум

 

Друго:

Коефициент на духовна интелигенција (втор дел) (11.03.2015 09:51)