Петровиот плач – Игумен Гаврил

Откако св. ап. Петар се откажа од Христа три пати, а по песната на петелот како што беше речено, совеста негова се разбуди и тој горко заплака. А зошто се случи? Заради преголемата верба во себе, наместо во Него. Заради самоувереноста. Господ, Кој ги знае срцата на сите, веќе ги беше предупредил учениците дека кога ќе дојде искушението, ќе биде оставен. Петар тогаш, самоуверено и гордо, а избрзувајќи вели дека и сите да се соблазнат заради Него, тој никогаш нема да го остави. „Вистина, ти велам: дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене” (Марко 14, 30). Зошто Тој, Господ, ја препознава слабоста, превознесувањето човечко оти “…духот е бодар, но телото е слабо.” (Марко14, 38)
Доаѓа искушението, Господ се сокрива, благодатта се повлекува и Петар се откажува од Христа. Петелот запеја, се разбуди совеста, Петар се сеќава на својот грев и горко плаче. Жалејќи плаче зашто се одрече од Христа. Додека Христос беше со него, односно додека ја имаше во себе благодатта Божја, тој храбро велеше дека ќе биде со Христа и ќе умре за Него, а кога благодатта се скри тој трипати се одрече од Него.
Откако се одрече од својот Учител и Бог, во неговото срце се всели покајниот плач, низ кој го бараше загубениот Господ. Деноноќно повикување во длабочината на своето испразнето срце: Господи Исусе Христе, помилуј ме!

И кога слушна за Воскресението Негово прв истрча да (Го) види и да Му падене пред нозете барајќи прошка, а заедно со Јована. Петар и Јован. Покајание и љубов. А зар љубовта без плач, покајание, безусловно давање е љубов? И повторно и повторно повикуваше: Каде си Исусе? Каде си Исусе, Боже мој? И Го немаше. Го најде само повојот Негов положен во гробот.
Труд, напор, усрдност, покајнички плач се скалилата до Него. Чекорејќи по нив светлината на надежта не може, а да не не огрее: Тој е тука и ќе се појави.
Што го исполни срцето Петрово и што се случуваше во душата негова кога Христос дојде, кога пред него се појави и кога тој повторно го виде својот Бог и Спасител. Кога неизмерната љубов Господова му даде повторна можност за покајание? Се случи нов живот. Нова надеж. Нова љубов. Трипати, според трикратното откажување, Го прашува: “Ме љубеш ли?”. “Да Господи, Ти знаеш дека те љубам”. И повторно Бог го прими Петра и Петар Бога, и во неговото срце се всели безмерната преслатка благодат Божја и тој сакаше сам да е со Господа. Та и ученикот кого го љубеше Он (Јован), му пречеше. И дури тогаш Господ му дозволи да врви по Него. Го праќа во мисија.
Како би ги протолкувале овие настани? Сите ние заради своите гревови се откажуваме од Христа, секојдневно. Гревот е отстапување од Христос, од Бог. Но Бог е милостив, Бог е љубов и Он ни даде начин како својот грешен живот преку покајанието и љубовтa треба да го усмериме. Падот на Петар не е случаен, Господ, Кој ги знае срцата на сите, принесувајќи ни се себе и тогаш и сега, низ падовите не усмерува. Зошто без Бога, без Неговата благодат, не можеме ништо да направиме.
Сите ние имеме потреба од Бога, сите ние сакаме да го пронајдеме Бога и cите ние сакаме да сме со Бога. А Бог е во нас, нашето срце е Негово пребивалиште. Скриен од мноштвото наши страсти во него (срцето), Тој чека на нас да го пронајдеме. Покајничкиот плач, првиот чекор на скалилото до Него, а изговарајќи Господе Исусе Христе помилуј ме непрестајно во неговото пребивалиште (срцето) е патот на градењето личносна заедница со Него.
Дали св.ап.Петар згреши кога праша: “А овој пак зошто?”
Господи Исусе Христе, по молитвите на светиот апостол Петар, помилуј ме.

Извор: http://www.prohor.org/%D0%BF%D0%B5%D1%82%D1%80%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D1%87-%D0%B8%D0%B3%D1%83%D0%BC%D0%B5%D0%BD-%D0%B3%D0%B0%D0%B2%D1%80%D0%B8%D0%BB/