Божествена Литургија во Водоча на Велики Четврток (09.04.2015 12:56)

 Тајната вечера

 
Во почетокот е Тајната вечера. Бог ја прими Нашата словесна и бескрвна жртва во наднебесниот Негов жртвеник. Сѐ преку неа постана и без неа ништо не стана, од тоа што постана, во Црквата. Во неа има живот и животот е светлина на луѓето. И светлината во темнината свети и мракот не ја опфаќа. Ниту ќе ја опфати. Евхаристија – бескраен беспочеток. Веќе и уште не. Царство Небесно, благословено.

Што да напише човек за Тајната вечера, а да не пишува и за содржината на својот живот, барем онаков каков што би требало да биде. Или каков живот човек живее ако истиот не е Благодарење? Нема разлика меѓу Евхаристијата и нашиот живот, или ако има – немаме живот. Односно, колку поголема е разликата меѓу содржината на Литургијата и содржината на нашиот живот, толку повеќе тој е бессодржаен. 

Тајната вечера. Непрекинлива сила, живот и сведоштво. Црпиш сила од неа, ја живееш и ја сведочиш, со своето присуство и надвор од неа. Мислиш и истовремено богомислиш. Словиш и славословиш. Делаш Домострој. Мислата, словото и делото немаат суштинска  разлика, во неа. Сѐ, во неа, повторно принесуваш. Љубиш и не бараш, а најмногу добиваш – Него. Слобода. Секогаш сам и никогаш осамен.

Благодарење. Тајна што не требаше да остане толку тајна. Непроценлив дар, незаслужен. Дело Христово во кое постојано се учествува иако само еднаш се случи. Соборно сведоштво во личен подвиг подготвено. Принос пред олтарот во храмот и состојба на умот пред олтарот од своето срце. Извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот.   

Божествена Евхаристија. Велиш: „ангел на мирот“, и секој човек е посетен. „Чувар на нашите души и тела“, и секој демон отстапува – додека не биде повикан. „Простување и разрешување“, и секој грев е простен – додека повторно не биде направен. „Сѐ што е добро и полезно за нашите души и тела“, и сѐ на добро се менува – додека ние не го промениме, по наше.

Ако некој праша – како тоа? Ќе му одговориме: од Богородица и Приснодева Марија родениот, Богочовекот Исус Христос, Чие слово не останува без сила, е Оној Кој принесува и Се принесува, Кој прима и Се раздава. Само Нему слава Му вознесуваме со Беспочетниот Негов Отец и со пресветиот и благ и животворен Негов Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.    

Митрополит Струмички Наум

 

P. S. Во чест и спомен на Преблагословената славна Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, по Чии молитви, прими ја оваа Наша жртва, Боже, во наднебесниот Твој жртвеник.

9-ти април, лето Господово 2015

Извор: МПЦ-ОА