Ете она што дојде да нѐ повика, сега ни се јави: Бог надумно се соединува со луѓето; со гласот на Архангелот прелеста се изгонува, а Дева радост прима; небото слегува на земјата и светот од првата клетва се ослободува. Созданието нека се радува и гласно нека запее: Создателу и Избавителу наш, Господи слава Ти!
(Стихира на Стиховните)
„Празникот на Благовештение – тоа е првиот цвет на Пасхата што Гавриил го држи во својата рака. Радувај се Благодатна, Господ е со тебе! Затоа и на Пасха, кога веќе сѐ ќе расцути со новиот божествен живот, за кој е создаден човекот, ние слушаме: Ангелот ѝ пееше на Благодатната: чиста Дево радувај се, и пак ќе речам радувај се! Тој живот се исполнува во љубовта, љубовта Божја кон човекот и на човекот кон Бога. Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен (Јован 3,16). И ете тоа се исполни на денот на Благовештението и во Овоплотувањето на Синот Божји. Така силно Го возљуби Бога Пречистата Дева, со сето срце, сета мисла своја, сета душа и сила, што Бог Словото стана плот во неа и преку неа. Таа љубов, тој живот божествен, ни се открива како тајна на послушанието на Пресвета Дева Марија. Нејзината вера кон Бога е безгранична. Со сета душа и тело, и младост, и зрелост, и мајчинство и девство, таа Му припаѓа на Господа. Зашто таа е во Бога, а не во себе. И не мисли за ништо друго, освен да биде слугинка Господова. Тоа нејзино смирение ја избра за Божја Мајка“ (А. Шаргунов).
Несфатливата за човечкиот разум тајна на овој празник како да ги пронижуваше мислите на огромното мноштво присутни верни, кои зедоа удел во сеноќната молитва во чест на светото Благовештение со кое започна Божјиот Домострој за нашето спасение. Тоа таинство се препознаваше и во умилителните стихири со кои се величаше смирениот сад на Премудроста Божја – Пречистата Дева, и во озарените од радост лица на присутните, па и во раскошниот лик на цветно украсениот храм, достоен за убавината и чистотата на Небесната Царица. Сѐ наоколу го сведочеше славното торжество на овој празник. Созерцателната, пак, беседа на нашиот сакан Старец, архимандрит Партениј, кој размислувајќи за големината и силата на пожртвуваната мајчинска љубов овде на земјата и неспоредливо повозвишената љубов на Богомајката, на прекрасен начин ги воведе во пространството на оваа надумна тајна, и им ја отвори вратата кон духовната длабочина на денешното Благовестие, без кое ќе беше затворен нашиот пат кон небото:
Слово на Неговото Високопредобие, Архимандрит Партениј, изговорено пред почетокот на бдението во чест на празникот Благовештение на Пресвета Богородица
Најнапред, мили мои, дозволете ми да ви посакам на сите едно топло добредојде, во овој прекрасен и светлозарен ден кога го славиме Благовештението на Пресвета Богородица. Овој полн со благодат и величие Празник за нас се покажува како некое божествено пристаниште на спокојот, еден мал радосен одмор за обновување на силите среде подвигот на Светата Четириесетница. „Денес сета твар се радува“, пишува вдахновено и самиот црковен песнописец, и продолжува „како што Архангелот ти вели радувај се, благословена, чесна и пречиста Мајко на Христа Бога“ (седален на Празникот).
На овој ден, всушност, Пресвета Дева Марија го слушнала радосниот поздрав од Архангелот Гавриил за воплотување на Спасителот на светот, Синот Божји: Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! … Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји (Лука 1:28,35). А Богоблагодатната од своја страна, пак, предавајќи го целосно своето пречисто битие во служба на Господа, му одговорила на Божјиот благовесник: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои! (Лука 1,38) Со тоа Пресвета Богородица станува непосредна соучесничка во делото за спасението на човекот и на сиот свет. Таа прекротка Личност, прифаќајќи да стане Мајка на Синот Божји и Синот Човечки, постана една заедничка Мајка на сите нас. Со други зборови, Бог, во личноста на Дева Марија, нам, луѓето, ни подари Мајка.
А каков голем дар е тоа за нас не морам да ви кажувам. Доволно е само да си помислите за пожртвуваната љубов на нашите земски мајки. Еве денес во мојата игуменска гостоприемница дојдоа две мајки, чиишто чеда се лекуваат од зависности во нашиот Манастир. Зборувавме за напредокот и поведението на нивните деца. Едното момче го искритикував повеќе од другото, бидејќи не се труди доволно и не е сосема искрено. Притоа, на ликот на мајката од тоа момче што го укорував, забележав страдање. Секој збор што го кажував ѝ предизвикуваше болка што се одразуваше на нејзиното лице. Ја чувствував и ја гледав нејзината болка. Ова ме поттикна на едно друго дете од кај нас да му зборувам за тоа колку е голема љубовта на мајката, колку таа страда за својата рожба. Овие две мајки денес си ги бараа тука своите духовно изгубени деца, сакаа да ги видат здрави и радосни, сакаа да ги најдат чедата што ги изгледале, пораснале, за коишто се жртвувале. На истиот тој начин, со љубов уште поголема од мајчинската, Бог го бараше изгубеното човештво, заблудениот од грев човек, кој во Едемската градина ја прекрши заповедта на љубовта кон Бога и отпадна стрмоглаво во бездната на гревот и на распадливоста. Страдаше човекот, но страдаше и Бог, барајќи го Своето возљубено создание. Испраќаше ангели, гласници, пророци, да го подигаат пропаднатото човештво, да го навестуваат неговото враќање при Творецот. Најпосле, Самиот Он, преку Второто Лице на Божествената Троица, прими човечко тело од Пресвета Богородица за да го спаси човекот. Создателот се поистовети со созданието, за да го врати созданието при Себеси. Оваа љубов Божја е невозможно докрај да се сфати со човечкиот ум, зашто е безгранична како и Самиот Бог. Но доколку се обидеме да ја замислиме силата на мајчинската љубов, којашто е најголема сила на земјата, можеби донекаде и ќе ја сфатиме неописливата Божествена љубов, барем во онаа мера колку што на човека му е дадено да прими.
Созерцувајќи за Божјата љубов, во внатрешниот наш човек се раѓа и буди една неземна обновувачка радост. Рековме дека Архангелот Гавриил ја поздравил Марија со зборовите радувај се. Овој поздрав, впрочем, е испратен и до сите нас: Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе (Лука 2,10) – им рекол Ангелот на пастирите при Рождеството Христово. Исто така, и по воскресението Господ ги пресретнал апостолите со поздравот радувајте се (Матеј 28,9). Гледаме, есхатолошката радост што произлегува од заедницата со Бога и којашто е крајната цел на делото за спасението, започна со мигот на Благовештението. Затоа и во тропарот на овој Празник се вели: „Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева и Гавриил благодат благовестува“. Преку жената, преку која некогаш влезе гревот во светот, сега доаѓа неговото спасение. Настанува едно необично зачнување, едно чудесно воплотување, откривање на најголемата вечна тајна. До денот на Благовештението се знаело само дека првосоздадените настанале на необичен начин, преку непосредно Божјо дејствие: Адам бил сотворен од земјен прав и вдахнат со дух животен од Божјиот дах, а Ева настанала од реброто Адамово. Потоа, нивниот син Каин се родил на вообичаен начин, како што се раѓа секое човечко битие до денес. Зачнувањето, пак, и раѓањето, пак, на Синот Божји останува најголемо таинство во вселената, единственото ново под Сонцето, навестено и признато и од други религии. Ете, на пример, дури и во Куранот, којшто не е во континуитет и согласност со Божјото вистинско Откровение, сепак, Бог и таму оставил знак за оваа возвишена тајна за натприродното зачнување на Дева Марија. Додека сите пророци се родиле на вообичаен начин, Исус од Назарет бил роден од Девица. Самото тоа, оваа необична новост под Сонцето, која и во другите религии, по милост Божја, им е оставена како знак за препознавање на вистината, покажува дека единствено Христос е Спасението на светот, Кое дојде да им се објави на сите народи, од сите краишта и времиња. Кој има очи ќе види! Преку Христа човекот добива посиновение од Бога, прима обожение. Он е Оној Кој го соедини човекот со Бога, Кој ја спаси нашата природа од трулежноста и ѝ ја врати нејзината првобитна убавина.
Така, мили мои, денес нам на сите, преку нашата Небесна Закрилничка и сострадална Мајка, ни е упатен поздравот на радоста. Христијанинот не смее да тагува за ништо од овој свет, вклучително ни за смртта. Единственото за кое треба да тагуваме, но и тоа не без надеж, е гревот во нас, со кого Го натажуваме нашиот Спасител и којшто нѐ одделува од Него. Затоа кога ќе ги видиме нашите ближни паднати во некаков грев, никако да не ги осудуваме, туку да сочувствуваме и да се молиме за нив, зашто и тие во својот грев се оддалечиле од својот Господ, како што се оддалечуваме и ние кога грешиме. Во тој подвиг на љубовта и проштевањето да ја имаме за пример самата Пресвета Богородица, која Го сместила во утробата Оној Кого ни небесата не можат да Го соберат, Го родила и Го изгледала Христа. Кога под Крстот на Голгота неизмерно страдала, гледајќи како луѓето ја убиваат нејзината Рожба, Таа не го замразила човештвото, туку исполнета со прошка и милост за сите, подобно на својот Син, се молела и за тие што Го распнувале. Љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат (Матеј 5,44) – вели Господ во Евангелието. Богородица во целост ја исполнила оваа заповед и затоа до денес и засекогаш Таа останува наш совршен пример. Нам, Христијаните, ни е должност да љубиме и да простуваме. Во тоа најмногу може да ни помогне токму нашата сочувствителна Мајка, нашата Богородица, Која никогаш нема да нѐ заборави, да нѐ остави. Таа и сите мајки ги вдахновува кон мајчинско сочувство и љубов, зашто и мајката како човек, доколку не е осолена од Божјата агапи, од Божјата љубов, може да згреши, да застрани, па дури и сосема да олади. Само љубовта која за причина Го има Бога никогаш не згаснува. Тогаш и мајчинската, па и секоја друга љубов на овој свет станува вистинска.
Да ја помолиме вечерва Пресвета Богородица да ни помогне нашите срца да станат сочувствителни и љубовни и така да станеме вистински благовесници на радоста. Како што Богоблагословената по Воскресението на нејзиниот Син зела удел во апостолското дело, ширејќи ја насекаде радосната вест, па и тука, на оваа почва каде што живееме, така и ние да бидеме благовесници на Христовата радост. Прво да ја здобиеме таа внатрешна радост, преку светотаинскиот живот во Црквата и подвигот на љубовта, а потоа неуморно да им ја предаваме на луѓето околу нас. Кога другите ќе видат дека искрено љубиме и со радост го шириме Евангелието, и тие ќе посакаат да тргнат по тој пат. Оној кој не може да ја привлече својата околина кон Христа, да знаете дека имa проблем, нему нешто му недостасува. Вистинскиот Христијанин е човек на радоста, на љубовта, на добрината. Да нѐ удостои Пресвета Богородица сите да станеме такви!
Добро бдение!
Извор: Бигорски манастир