Zvonko.sv.Vasa10

Милостивиот Самарјанин (29.11.2020 17:01)

Деца, го чувте денешното евангелско четиво (Лука 10, 25–37).

Сите ние сме гости на овој свет, кои повеќе – кои помалку, повредени од демоните – разбојниците, сместени од милостивиот Самарјанин – Христос, на лекување во гостилницата – Црквата. Гостилничар е Епископот. Милостивиот Самарјанин – Христос му остава сè што му е потребно на гостилничарот за да ги догледа и излекува сите оние чии срца и души, па и тела, се повредени од демонскиот напад.

Богочовекот Христос му остави на свештенството и личен пример, и толку неисцрпна благодат што повредениот гостин никогаш не може да потроши повеќе од тоа. Ветувањето за доплата се однесува само за малодушните гостилничари. Затоа, на гостилничарот му останува само совесно и смирено да ја изврши работата за којашто му е однапред преплатено.

А ако ја заврши работата како дете Божјо – а не како наемник – трошејќи се себеси и „повеќе од она што му е платено“, блазе си му на таквиот гостилничар кој Бог ќе Го направи свој „должник“. Него Бог ќе го направи син Свој по благодат, а каква било друга доплата веќе не е воопшто важна...

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 

 Извор:

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7351