Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

           

Драги браќа и сестри,

Помеѓу сета светска суета и животната врева, во молитвена атмосфера и совршена тишина во сите православни цркви и манастири од нивните средини, односно од амвоните се слушаат овие Божествени зборови. „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир“ (Лк. 8, 48).

Овие зборови не биле кажани само на болната жена, која се допрела до облеката на Христа, и се излекувала, и со духовен страв пришла кон Него и ја објавила вистинитоста на нејзиното исцелување пред сиот народ, дека штом се допрела до крајот од облеката, веднаш престанало крвотечението. Тоа е кажано и запишано, и ќе се повторува за сите тие кои ќе ги имаат повредено своите нозе во животниот пат, ќе разберат и ќе почуствуваат дека само во Него е единствената сила, и изворот на сите добрини, и изворот на сите наши исцеленија. Ово е кажано за оние кои ќе разберат и ќе се трудат да појдат кај Лекар, Кој ги излекувал од лошите духови, Кој им го вратил видот на слепите, Кој ги воскреснувал умрените, Кој никого не одбил да му помогне.

Само да се допрам до Неговата облека... Oд таков допир се излекувала оваа жена, и уште во првата минута на восхитеноста ѝ се сторило дека никој од многубројниот народ не забележил дека е болна и дека се излекувала. Ете во тој момент, таа го слушнала прашањето: „Кој се допре до Мене?“ Колку можеле овие зборови да ја потресат оваа жена, бидејќи таа можеби мислела дека според еврејскиот закон немала право да се допира како болна до здрави луѓе, а камоли пак до ваков Учител? - Таа со страв паднала пред Христа и за се му раскажала. Како одговор се слушнале најголемите зборови, не само за неа, туку за целиот свет: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!“ (Лк. 8, 48).

Колкаво големо значение има допирањето до облеката на Христа Господа! Облеката во која е облечен семоќниот Создател - тоа е целиот свет, бидејќи за тоа е речено: „Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор“ (Пс. 103, 2). Целиот свет и секое појавување во природата, звездите, цвеќињата, птиците, полињата, дрвјата, морињата, реките и секој човек и дивите животни, - сите овие разни примери се раширена облека Господова, до која ние обично се допираме без некои посебни возбудувања, рамнодушно, незабележувајќи ја сета големина на прекрасната убавина во светот која го надминува секој разум или ум. Како прекрасно таа Божја убавина ја опишува нашиот преродбеник Константин Миладинов:

„Тамо дарбите природна сила

Со сета, раскош ги растурила;

Бистро езеро гледаш белеит,

Или од ветар синотемнеит;

Поле погледниш, или планина,

Сегде Божева је хубавина“. (Т'га за Југ)

Еден, пак, руски поет, му пишува на Ампер, како на голем научник и свој пријател, кој е создател на електричните изуми: „Чувај се од тоа, да се занимаваш само со наука. Со една рака, проучувај ја природата, а со другата, како децата, држи се, за облеката на таткото, држи се за крајот на облеката Господова“.

Што туку прозвучиле одобрителните зборовите Христови за жената која се излекувала, во тој момент доаѓа од домот на управникот на синагогата Јаир, слугата и Му вели: „Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот!“ (Лк. 8,49). Гледајќи го натажениот родител Христос му вели: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!“ (Лк. 8, 50). Колку се овие светли зборови! Колку овие зборови ја бодрат секоја душа во моменти на сомневања, на паѓања или, пак, во очајување. Само верувај дека Господ е секогаш со тебе, дека Он е Многумилостив, нема да те остави. Од што се плашиш? Што може луѓето да ги исплаши со таква вера?

Во домот на Јаир се слушнале силни зборови, кои ги разбираат сите умрени во гробовите како и оние што лежат на смртниот одар: „Девојко стани! И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде“ (Лк. 8, 54-55). Многу значајни се зборовите, се поврати духот, што значи дека тој привремено отишол некаде, а сега се враќа, додека телото без живот лежело на одарот. Девојката станала, и за да ги увери дека е жива Господ наредил да ѝ дадат да јаде.

Верата е главен двигател во нашиот живот. Верата ги тера родителите да се грижат за своите деца, да ги изгледат и пораснат, за да имаат родителите среќна старост со нив. Учителот верува дека ги учи учениците, верувајќи дека ќе воспита добри и учени луѓе. Каде ли се нема вера? Таа го движи животот напред. Без вера би настанал застој, би настанало мртвило. Верата е сила што создава, таа прави чуда. Со вера и со истрајност се постигнати големи успеси и чудни научни откритија. Верата е темел на целокупниот напредок на човештвото.

Верата е корен на животот. Ништо без корен не може да расте. Секоја билка, секое дрво, секоја најмала тревка има свој корен, со кој таа го впива својот животен сок од земјата. Пресечете го коренот, билката се суши. Така е и со верата и со животот, ако се изгуби верата и животот е без смисла.

Во верата е силата, во верата е животот. Ако денес нашиот живот е тешкотија, ако е излишен, затворен, неплоден, тоа е затоа што ни недостасува верата - коренот на животот.

Драги браќа и сестри, излегувајќи од светиот храм, да си спомнеме уште еднаш за овие Божествени зборови, и како лековит фластер да ги примиме во нашите срца: „Не бој се, ќерко верата твоја те спаси!“; „Не бој се, само верувај“; „Девојко стани!“

Да се помолиме и на света Матрона чиј спомен исто така го празнуваме, таа со света Петка, нека ја зацврсти нашата вера и надеж во Воскеснатиот Господ Исус Христос, таа вера да воскресне во нашите души во нашите срца за да можеме подостоинствено да одиме по вистинскиот пат, патот, кој води во царството небесно. По молитвите на света Петка така нека биде. Амин.