Не сонувај


Кој ли ме разбуди во ноќва?
Кој ли немир се спушти над мојата глава сонлива
Дали е тоа заборавен грев
Несознаен во моето срце
Или е тоа голем змев
Чиј здив треба да ме заплаши.

Ако си ти Пријателе,
Кој ме следиш по сите патишта
Тогаш нека е благословена Твојата грижа
Која ми дава сон немирен
Да не се одмарам во својата немаштија
Туку да чекорам во ден потрезвен.

Ако е повик на мојата душа
На која и притежнала мојата лукавост
Добра одлика на мојата гордост,
Нека ме потсети Твојата милост
На данокот платен за моите недела.



Ако е скокот на душманот беден
Не ми давај да се смеам над оној кој не е вреден
За да не ликувајки над туѓите рани
Да ги гледам само моите мани.

Пријди Седржителу до твојот слуга
Иако ваква беда нема да најдеш друга
Не гнаси се од Твоето создание
Посвети ми го повторно Твоето внимание,

Дај ми сила да одам во гори диви
Да се ритам по своите а не по туѓите ниви
Да очистам очи од тие бои сиви
Да се прибројам кон оние кои Ти се мили.

 

Од богољубивата поезија „Манастирски води“ на сестринството од Слепченскиот Претеченски манастир

Друго: