Богородица Исцелителка


Благодатната Исцелителка

Не залудно нашиот земен живот се нарекува долина на плачот (Пс. 83:7). Тука страдаат и плачат грешниците, страдаат и плачат и праведниците. За неверниите луѓе во тоа се крие нерешлива загатка, недостижна тајна, а за нас, просветлените со Христовата вера, тука нема никаква тајна, никаква загатка.
Кога апостолите го видоа слепородениот и Го прашаа Господа кој згрешил, тој или родителите негови, та се родил слеп, Господ, Срцеведецот им одговори: ниту тој згрешил, ниту неговите родители, но тоа стана за да се јават делата Божји врз него (Јован 9:2, 3). И Тој веднаш го изврши врз него Своето Божествено дело – го исцели. Така, не секогаш скрбта и болеста се испраќаат на човекот заради неговите гревови; понекогаш скрбта и болеста се за слава Божја, за да се јават делата Божји врз праведникот, кој е во скрб. И Господ Бог, Кој е дивен   во Своите светии, ги јавува Своите дивни   дела преку светите Свои, а најмногу преку најсветата од светите – Пресветата Своја Мајка.


Еве еден поучлив расказ за исцелувањето на болен праведник.


Живеел пред некое време благочестив клирик [1] по име Викентиј. Тој имал добар обичај секој пат кога влегува или излегува од црква, да ги преклони колена пред лицето на Божјата Мајка и да рече: “Радувај се, Благодатна! Господ е со Тебе. Блажена е Твојата утроба, која Го носела Христа, и Твоите гради, од кои се доел Господ Бог, нашиот Спасител!”
Еднаш овој исполнет со почит клирик тешко се разболел, така што јазикот му загноил и од силна болка изгубил свест. Едвај доаѓајќи на себе, тој умствено ја кажал својата вообичаена молитва и во истата минута до перницата на постелата видел едно прекрасно момче. Тоа бил неговиот Ангел чувар. Божјиот Ангел го гледал болниот со сострадание и молитвено повикувал: “О, Господарке премилостива! Ти го знаеш благочестивиот подвиг на овој страдалник; ја знаеш неговата почит кон Тебе, секој ден тој Ти го принесува архангелскиот поздрав… А еве, сега неговиот јазик, кој привикнал да го величи плодот на Твојата утроба, сиот е покриен со рани; паднат во бесвест од болката, тој изговара само безумни слова… О, премилостива Господарке! Сврти го Својот мајчински поглед кон овој страдалник и поштеди го!” Така се молел Божјиот Ангел за болниот и едвај ја доискажал својата молитва, кога пред нив во небесна светлина се појавила Мајката на Господа и откако го исцелила болниот, станала невидлива… А болниот станал од својата бедна постела, отишол во црквата и почнал да пее на клиросот заедно со другите клирици. Сите знаеле за неговата тешка болест и биле зачудени од неговото ненадејно исцеление. Кога тој раскажал за своето видение, сите ја прославиле Мајката на милосрдието, која го исцелила својот слуга.
Ова чудо е прикажано на иконата на Божјата Мајка, наречена Изцелителка. Таа икона, прославена со чуда од пред сто и педесет години, се наоѓа во Московскиот Алексеевски женски манастир. И досега болните доаѓаат со вера кај неа и според својата вера добиваат исцеление. Особено често ја земаат благочестивите жители на главниот град во своите домови, при постелата на некој болен, и премилосрдната Исцелителка на човековите страдања им испраќа на болните олеснување, а на оние кои се во скрб – благодатна утеха…
Многумина ли се меѓу нас, браќа мои, оние среќници кои би можеле да кажат за себе дека се целосно здрави и телесно и духовно? Многумина ли се оние кои не би се пожалиле на телесна болест; а што се однесува до душата – кој од нас не е болен? Сите – сите ние сме болни; ако не телесно, тогаш душевно – срцето, умот, волјата се болни! Разликата е само во тоа дека телесната болест не е секогаш по наша вина; понекогаш Господ допушта таква болест, за да се јави славата Божја врз праведникот кој страда, додека за духовните болести, т.е. за нашите гревови, не е виновен никој, освен самите… Целиот свет е една огромна болница и секој грешник е тешко болен страдалник.
А што да кажеме, кога некој несреќник воопшто не ги гледа гревовите, воопшто не размисува за нив? Тоа само покажува дека болеста на неговата душа е премногу тешка и опасна, дека тој се наоѓа, така да се каже, во духовно безумство. Само благодатната Божја сила може да ја исцели заразената душа од гревот, но за тоа е потребно грешникот да дојде на себеси и да се освести, за да ја види сопствената безпомошна положба и да повика кон Бога, просејќи помилување, така како што клирикот Викентиј ја повикуваше Божјата Мајка.
А да се освестиш – тоа значи да ги видиш своите гревови. И кога човек ќе ги види своите гревови многубројни како морскиот песок – тоа е почетокот на оздравување на душата, како што учат светите отци. Но, како можеме да ги видиме своите гревови, ако никогаш не погледнуваме во светлото огледало на Божјите заповеди, ако никогаш не се молиме со молитвата на свети Ефрем Сирин: Дај ми, Господи Цару, да ги согледам моите прегрешенија? Како ќе ја познаеме сопствената духовна немоќ, ако не се ни обидуваме да се бориме со своите гревовни навики, ако не сакаме да се самопринудиме дури ни кон некоја мала добродетел?
Клирикот Викентиј секој ден по неколку пати ги преклонувал колената пред лицето на нашата Владичица Богородица, секој ден ја ублажувал Присноблажената Божја Мајка и таа негова добродетел го привлекла кон него милосрдието на Небесната Царица во многускрбниот час на неговите телесни страдања. А ние, со што ќе го привлечеме кон себе Божјото милосрдие, со што ќе го заслужиме состраданието на нашиот Ангел Чувар – што ќе посочи тој, нашиот постојано буден ​​застапник, пред Мајката на сите оскрбени, пред Иселителката на сите болни, пред премилостивата Застапница за сите грешници што се каат? Има ли кај нас барем едно, какво и да било, добро дело, барем една добродетел, пријатна на Бога, на која би погледнале милостиво Небесната Царица и Нејзиниот Божествен Син, нашиот Господ Исус Христос? Се разбира, на Него Самиот не Му се потребни нашите добри дела, но нам тие ни се потребни и неопходни, зашто се како животворен фластер врз раните на душата.
Та, не залудно светите отци Божјите заповеди ги нарекуваат животворни. Почни само да ги исполнуваш како што треба, без да умуваш непотребно, без да се самопревознесуваш, туку единствено од љубов кон Господа, и тогаш сам ќе видиш, ќе почувствуваш со срцето, дека душата ти се смирува, срцето се очистува од страстите и се загрева од љубовта кон Бога и ближниот, дека целото твое битие се обновува од благодатта на Божјиот Животворен Дух. Таков е законот на благодатниот живот.
И така, боледуваш ли телесно, боледуваш ли душевно, ако сакаш да се исцелиш од несреќите – самиот излези во пресрет на Божјата благодат што те повикува. Не само да просиш во молитва, туку барај и чукај на вратата на Божјото милосрдие преку своите добри дела, а најмногу – преку делата на милосрдието, пројавено кон твојот ближен, и верувај дека тие врати ќе се отворат за тебе и ти ќе го добиеш саканото исцеление…
Светата Црква ти ги нуди своите благодатни лековити средства, а ти погрижи се да ги искористиш како што треба; таа ќе те ослободи во таинството Покајание со власта, која ú е дадена, од твоите гревови, а ти избави се од непријателот, простувајќи и помирувајќи се со него, и измиј ја душа со солзите на покајанието; таа ќе те нахрани во таинството Причест со бесмртната храна – со Христовото Тело и Крв, а ти претходно очисти се себеси за таа небесна трпеза со пост и молитва, сам во името Христово нахрани го гладниот, напој го жедниот, облечи го голиот, утеши го болниот, посети го затворениот во темница; Светата Црква за исцелување на телесните немоќи ќе ти го понуди таинството Елеосвештение, а ти самиот најди момент да ја излекуваш оскрбената душа на беспомошното сираче, стани за него татко и мајка, направи што можеш за него. Та нели и додека лежиш на постела во болест, можеш – навистина можеш – да вршиш дела на милосрдие кон својот ближен, ако Господ те благословил со земни блага! Само прави го тоа смирено, во името на Божјата заповед; прави го, ако тоа е можно, тајно; ти самиот бараш милост кај Бога – тогаш стори му милост на твојот ближен и Бог нема да ти ја откаже Својата милост. Ете што значи да излезеш во пресрет на сèисцелителната Божја благодат.
И така, принудувај се, брате, да вршиш добро колку што можеш. Господ ќе види твојот труд, ќе погледне милостиво на смирниот напор, со кој ти се самопринудуваш да вршиш добри дела во Неговото име, ќе погледне милостиво на твојата духовна ништожност и ако твоето тело боледува или пак душата страда, Тој ќе те исцели со Својата благодат. Запомни дека ако постапуваш така, тогаш и твојот Ангел Чувар и сите Божји светии, а особено премилостивата наша Застапница, Пресветата Богородица, нема да те остават без своите молитви и застапништво пред Господа Бога. Амин.
[1] Клирик – црковен певец или чтец, или општо – служител во црквата.

 
Извор: Утешение в болести и скърби

Преземено од: Маран Ата

 

23-ти октомври, лето Господово 2013