ПРОШТАЛНОТО ПИСМО НА СТАРЕЦ ПОРФИРИЈ
In Житија, Македонија, Православие, Православна светлина, велес, мпц, црква, orthodox on Декември 20, 2011 at 10:05 am

Во времето кога се наоѓал во свештениот скит Кавсокаливија (во превод – колиби во пламен) на Света Гора, старец Порфириј порачал да му се ископа гроб, а на едно свое духовно чедо му издиктирал проштално писмо, со совети и простувања до сите свои духовни деца.

Ова писмо, кое овде е наведено во целина, онака како што било добиено од женскиот манастир „Свето Преображение Господово“, датира од 17 јуни 1991 год. Пронајдено е на денот на неговото преставување пред Господа, заедно со монашката одежда наменета за неговиот погреб. Тоа претставува уште еден доказ за неговото крајно смирение.

Љубени мои духовни деца,

Би сакал, додека сум уште при здрав разум, да ви дадам неколку совети.

Од најрано детство, постојано живеев во грев. Мајка ми ме праќаше да чувам стока во планината, зашто татко ми – поради тоа што бевме многу сиромашни – беше заминат во Америка, каде работеше на Панамскиот канал, заради нас – неговите деца. Чувајќи ја стоката, на глас го изговарав житието на свети Јован Каливит; силно го засакав свети Јован и изговарав многубројни молитви за деца – тогаш имав помеѓу дванаесет и петнаесет години, не се сеќавам баш најдобро. Посакувајќи да го следам неговиот пример, скришно и со голема тешкотија ги напуштив родителите и дојдов во Кавсокаливија на Света Гора, каде станав послушник на двајца старци, браќа по мајка, Пантелејмон и Јоаникиј.

Се покажа дека тие беа многу побожни и преполни со добродетели; јас многу ги засакав, па по нивниот благослов примив крајно послушание кон нив. Тоа многу ми помогна: чувствував голема љубов кон Бога и ми беше многу добро. Но, поради своите гревови, јас по Божјо допуштение тешко се разболев, така што моите старци ми заповедаа да се вратам кај своите родители во родното село наречено Свети Јован во Евија. Поради тоа што уште од најрано детство правев многу гревови, кога се вратив во светот, продолжив со гревовите, кои до денес многу се намножија. Меѓутоа светот за мене имаше добро мислење, така што сите мислеа дека сум свет.

Но сепак јас чувствувам дека сум најгрешниот човек на светот. Сè на коешто успеав да се сетам, јас секако го исповедав и знам дека Бог сето тоа ми го прости. Но јас чувстувам дека имам направено премногу духовни прегрешенија и ве молам сите вас кои ме познававте, да се молите за мене, зашто за време на мојот живот и јас скрушено се молев за вас. Сега кога одам на небо, мислам дека Бог ќе ме праша: „Што бараш ти овде?“ Имам само едно нешто да Му одговорам: „Не сум достоен, Господи, да бидам овде; Твојата љубов нека направи со мене што сака“. Што ќе биде понатаму – не знам. Меѓутоа сакам тогаш да проработи љубовта Божја.

Секогаш се молам моите духовни чеда да го засакаат Бога, Кој е сè и во сè, Кој би нè удостоил да стапиме во Неговата несоздадена земска Црква. Зашто одовде треба да почнеме. Секогаш се трудев да се молам, да ги читам црковните химни, Светото Писмо, житијата на нашите светители и сакам и вие да го правите истото. Со Божјата Благодат јас се трудев да му се приближам на Бога; се молам и вие да го правите истото.

Смирено ве преколнувам сите вас да ми простите за сè со што сум ве разжалостил.

Јеромонах Порфириј

Во Кавсокаливија, 4/17 јуни 1991

Превод од српски јазик:

Благоја Трајкоски, дипл. Теолог

Православна светлина бр. 20

Преземено од: Ортодоксија и ортопраксија