Нашето време е неправедно кон големиот благослов кој што ни го дал Бог. Кон благословот на заповедите. Нашиот век смета дека исполнувањето на заповедите преставува механичка, површна етика, а разговорот за заповедите е морализирање, кое води кон лицемерие.

Во пракса сепак тоа не е сосема така. Ако сме внимателни ќе откриеме дека и Евангелието, и литературата на Отците, и опитот на Црквата, се исполнети со побуди кон исполнување на заповедите и ја определуваат светоста како израз на нивното исполнување. „Ако мене ме љубите ќе ги пазите моите заповеди“. Опитот да ги исполнуваме заповедите нè пренесува над сомнежите и опасните акробатски „опити“ кон реалната дејствителност на нашите немоќи (слабости).

Често ние ја читаме оваа или некоја друга книга, водиме прекрасни разговори, зборуваме за широчината на срцето, за нерасеаноста на умот, за духовните искачувања, а недолго после тоа, во нашиот дом нашиот сопруг или сопруга ни преречуваат за нешто, а ние реагираме бурно и раздразнето. Која е смислата на сите тие беседи тогаш?

Црква

Држиме во рацете бројаница, го пазиме постот (зошто така сме свикнале), но не можеме да ги запазиме заповедите за љубовта и трпението. Немаме взаемно отстапување, прошка. Ние се држиме традиционално монашки, притоа остануваме жестокосрдечни луѓе. Имено заповедите и нашата усрдност ја смекнуваат душата како памук. Заповедите постојат поради две причини: да нè смират и да ни го покажат патот.

Колку усрдност е потребно за да ја исполниме било која од заповедите! Колку грижа е потребна! Полесно е да прочитаме дел од „Добротољубието“ или „Словата“ на Авва Исак и да сметаме дека се сме разбрале и почувствувале, дека сме достигнале до некоја „духовна состојба“ отколку да се обидеме да не кажеме една од „секојдневните” лаги или да го прифатиме детето, такво какво што е, или да ги потрпиме нашите родители или взаемно да се потрпиме. Ние гледаме дека кога се обидуваме да ги запазиме заповедите, тоа се покажува многу тешко за нас, на тој начин се смируваме.

Заповедите не само што нè смируваат, туку и ни служат како своевидни „патни знаци“ по нашиот пат. Често гледаме одлево и оддесно на асфалтот, столбови од фосфорен материјал тие го покажуваат патот, кога тој е покриен со снег. Истото својство го имаат и заповедите: ни покажуваат каде да одиме.

Затоа е важно секој христијанин со помошта на духовникот да ги определи заповедите, во кој треба да се подвизува во својот живот. На тој начин човекот непрестано се учи, пројавувајќи усрдност кон конкретната заповед. Не се оправдува со леснотија, не останува рамнодушен, а чесно стои на страната на вистината. Човек не се самоизмамува и опрелестува себеси, а гледа која од заповедите и во каква мера може да се исполни. Така тој го разликува патот и маршутата, на кој со молитва проси содејство од Бога и Негов благослов, зошто ако некоја од заповедите се претвори во дел од неговиот личен опит, тоа би се случило само по Божјата благодат.

Во духовниот живот достигнувањето на добродетелите не е наше достигнување или успех, а дар Божји и плод на Светиот Дух. Наши се согласноста и довербата кон Божјата благодат.

Митрополит Месогејски и Левреотикијски Николај

Извор. Агапи