Критика кон недостатокот од интерес кон догматите

Протојереј Георгиј Флоровски

florovski2

Упокоениот митрополит Евлогиј го разгледувал оживувањето на религиозноста помеѓу Русите и Русите во прогонство. Очигледен факт било дека таквото будење постои. Причините за тоа биле очигледни: шок од трагични случувања, несигурност и неизвесност, патење и страв. Меѓутоа што е тоа што ги привлекува Русите во Црквата? Догматите, православното учење? Да, говореше митрополитот, така било во минатото, посебно во Византија помеѓу Грците, но никако во Русија. Имаше време кога и лаиците беа длабоко заинтересирани за прашањата од православната  вера. Но Русите, тврдеше тој, со исклучок на неколку учени богослови, сѐ уште го немаа достигнато тоа ниво за да се фатат во костец со некои од догматските проблеми, всушност, не ни имале интерес за да се занимаваат со тоа. Можеби, признава митрополитот, за тоа е виновна РПЦ зашто не ја развивала љубовта и интересот за богословието. Според неговото мислење, вистинската причина за недостаток од интерес за догматите помеѓу Русите, е тоа што тие ниту го негувале, ниту го разбирале теоретскиот аспект на остварување и воплотување на црковните идеали во човечкиот живот. Тие над сѐ го чуваат обредниот вид на религиозност, убавината на богослужбите, иконите, пеењето итн. Понатаму митрополитот ја објаснувал психолошката и образовната вредност на обредите, но додавал дека тие, меѓу другото, можеби биле слабо сфатени и дека луѓето не знаат која е правата вистина која се пројавува и симболично се покажува во нив. Сепак, тврдел тој, обредите сами по себе допираат, возвишуваат и вдахнoвуваат, без оглед на своето значење.

Може да се посомнева во исправноста на овој опис како Русите го доживуваат Христијанството, но ставот кој го изнел митрополитот е типичен приказ на некои појави во Руската Црква. Разни писатели тврдат дека Русите не го учат Христијанството од Светото Писмо, туку од Житијата на светителите. Исто така се докажува дека за православните Христијанството не преставува „учење“, туку „живот“. Православните не се занимаваат со „догматски системи“, туку со самиот „живот“. Тие не стигнуваат до Вистината со умствено промислување, туку преку созерцување на срцето, аскетски. Православното учење не би требало да се бара во некакви системи, туку во символите, обредите и иконите. Сѐ оди дотаму, што се тврди дека во Православниот Исток нема „теорија на христијанството“, туку постојат светители, икони, поезија итн.

Нема православен или, пак, римокатолик кој би се откажал од големото значење на свештените обреди и житијата на светителите. Но она што збунува во погоре наведените ставови е нивната исклучителност, нивното пренагласување на формата „не, туку…“. Треба да се запраша зошто „доктринарните системи“ и „интелектуалното разбирање“ толку многу се зaгушувани, со презир обезвредувани и на крај, сосема елиминирани. Се чини дека рамнотежата е нарушена. Во секој случај, ова пренагласување на „уметничкиот“ вид  на обредите не е во склад со самото исконско предание на православната уметност. Зашто ако може да се учи од православната химнографија и од иконите, тоа е затоа што во нив е воплотена и искажана одредена „теорија на христијанството“. А „теорија“ пред сѐ значи „созерцување“, тоа е согледување и гледање, поетско согледување и интелектуална визија. Според православното духовно предание, умот е владетелската сила на внатрешниот живот, то хегемоникон.

Традиционалната источна химнографија, која Русите ја наследиле од  Грците, не е само лирика, таа не е одбележана со чувствителност, туку со трезвеност. Таа навистина е висока поезија, но тоа е „метафизичка“ или попрво богословска поезија, која без колебање понекогаш ја користи сложената богословска терминологија. Всушност, некои од најубавите песни на источната Црква се едноставни парафрази на догматските дефиниции: „Синот, без мајка роден од Отецот пред сите векови, Кој не претрпел промени, ниту мешање, ниту раздвојување, но својствата на двете природи во потполност ги зачувал“ (Догматик на 3 глас).

Ова всушност е Халкидонски термин, кој бара богословско разбирање. Убаво е кажано дека иконите всушност се „догматски споменици“ (В.В. Болотов). Иконите ја сведочат истата Вистина која е дефинирана со догматите, а според Седмиот Вселенски собор, тие треба да бидат плод на јасни и исправни догмати. Накратко овде нема место за разделување од типот „не, туку“. Навистина, догматите треба да бидат живеани, а не само разгледувани со апстрактно мислење, поради таа причина настојувањето на ставот „не учење, туку живот“ претставува измама. Оваа навика на разделување и раздвојување е изопачување на самиот „живот“.  Не може да се раздвои „духовноста“ од „богословието“ на свети Јован Дамаскин или свети Григориј Назијанзин. Самата срж на духовноста на свети Јован Кронштатски исчезнува кога таа смислено се одвојува од неговото богословско согледување. Во православното предание светоста секогаш е богословски толкувана, не во категорија на естетска чувствителност или восхитеност, туку со духовна трезвеност и урамнотеженост со верноста на Вистината.

Многу збунува големиот недостиг на инерес за „догматските системи“, за догматите на Црквата, во различни кругови на современото православно друштво, како и тоа што често „побожноста“ одлучно се одвојува од „верата“ (во смисла на „теоретско“ познавање). Преголем е интересот за садот, а премал за Богатството кое тој сад го чини толку вреден. Символите и обредите се средства на Вистината, а доколку не успеат да ја изразат, едноставно ја губат својата улога. За жал многу често се нагласува ставот декa „занимавањето со догматите“ е нешто прилично архаично и повеќе грчко отколку руско (повторно „не, туку“). Но, постои само едно православно предание, кое ги надминува сите национални бариери. Неделата на православието, која верно ја прославуваме во првата недела на Великиот пост, во суштина е богословски празник. Наследството од Светите Отци е сржта на православното Предание, а тоа наследство е богословско. Учењето на Отците е извор на православниот живот. Оправдано може да се утврди дека нашата модерна конфузија произлегува од современото занемарување на „исправната доктрина“, од недостаток на „исправно учење“ за работите на верата.

Православието се темели на сопствените вредности од Вселенските Собор. Но, често се заборава дека тие собори се занимавале токму со формулирање на христијанските догмати и подетално излагање на „догматските системи“. Дали претставува чекор понапред, тоа што сега не сме поттикнати или пак вдахновени со догматското учење на оние великани, кои своите животи ги посветиле на востановување на вистинската вера, Православието? Ние ги славиме Трите Ерарси, кои над сѐ биле вселенски учители, учители на вистинската вера, но необично сме рамнодушни кон нивниот траен придонес за животот на Црквата, односно кон нивното учење, нивното богословие, нивното толкување на христијанската Вистина со „зборови на разумот“. Зарем нам, во оваа доба на интелектуална конфузија, пред сѐ не ни е потребно нашиот ум да биде просветлен со „Светлината на Разумот“ (т.е со Светлината на богопознанието, од тропарот на Рождество Христово)?  Без трезвено раководење и без постојаност на исправното учење, нашите чувства ќе бидат искривени, а нашите срца измамени.

Сегашното религиозно оживување, будењето на срцето, би требало да го прифатиме како дар на благодатта, како знак на Божјата милост, но исто така и како јасен повик за проучување и разбирање, за спознавање на Вистината која го опфаќа целиот наш живот. Постои несреќна предрасуда, чиј извор не е во Православието, дека „учењето“ претставува апстракција, а богословието само обичен интелектуализам. Но, нашиот Господ и Исцелител е Логосот и Тој ги просветува луѓето, а Светиот Дух, Животворецот е Дух на Вистината.  „Емоциите“  се човечки , но Вистината е Божествена.

Да ги разубавуваме садовите, но да не заборавиме дека тие се од земја. Во нив е скриено Вечното Богатство: Логосот на Животот.

 

Превод од српски јазик:

Благоја Трајкоски, дипломиран Теолог

Православна светлина бр. 29

Извор: Амвон