Halloween – празник на нечистите сили, кој нашите најмили и најмлади го одбележуваат во ноќта спроти 1 Ноември. Но за да можеме да ја разбереме суштината на ова безумно празнување, ние мораме да ги допреме неговите корени. Празникот своите корени ги има уште во дохристијанската епоха, меѓу примитивните келтски пагани во регионите на Англија, Ирска и Северна Франција. Келтите верувале во раѓањето на живот после смртта. Почетокот на „новата“ година, на новиот живот воопшто, тие го одбележувале ноќта спроти 1 ноември, кога настанувал преминот од светлиот во темниот период. Тогаш го прославувале богот Самахин кој според нив, бил господар на смртта. Се верувало дека во таа ноќ душите на мртвите, коишто пребиваат во светот на темнината, студот и смртта, ги посетуваат домовите на земјата, претставувајќи се пред живите со ненаситен глад. И доколку душите на мртвите не биле смилостивени со приносите, тогаш гневот на богот Самахин ќе се излеел врз живите луѓе. Оттука и вкоренувањето на обичај во паганскиот свет, а и во современиот свет да се шетаат скитници за време на Halloween облечени во костими на ѓаволи, вештерки и слично, за да го претстават заедничарењето на светот на живите со задгробниот свет и нечистите сили. Подоцна, како атрибут на празникот се јавува светилник во вид на глава од тиква, со кој децата облечени во бело, ги плашат возрасните, кои, пак, се искупуваат со своите подароци.

Доаѓањето на Господ Исус Христос во светот донесе нов, свеж и позитивен поглед на сфаќањето за животот и смртта. Затоа Христијанските Отци, уште во првите векови се обиделе да ја исправат ваквата погрешна есхатолошка перцепција, и на паганското празнување му го спротивставиле празникот „Ден на сите Светии“, кој во својата суштина има сосема друга смисла. Во православниот свет тој се слави една недела после Педесетница, а во римокатоличкиот му претходи на Рождественскиот пост и се слави на 1 ноември. Инаку, празникот „Ден на сите Светии“ се поврзува со зборот Halloween, кој, пак, произлегува од зборовите All Hallow’s Eve – Вечер на сите Светии, или All Hallowed Souls Eve – Вечер на сите свети души.

Современото општество, за жал, понекогаш од недоволно познавање на христијанската традиција, паганскиот празник го поистоветува со римокатоличкиот празник „Ден на сите Светии“, и тоа од година во година оди сѐ подалеку и во ова собитие внесува антихристијански елементи преполни со секаква нечистотија. Не смееме да заборавиме дека некогаш на Запад, старите христијански народи невино се забавуваа правејќи контраст помеѓу лицата на своите деца и тиквите, со цел да ја символизираат Христовата победа над злото. Денес, пак, на истиот тој Запад злото се зацарува; и не ретко слушаме за секаков криминал, вандализам и неконтролиран терор кој е извршуван од тинејџерските банди за време празнувањето на Halloween. И какво добро може да се препознае во маските кои го изобразуваат нечестивиот? И што има позитивно во децата маскирани во вампири, вештерки и ѓаволи?

Самото празнување на Halloween е парадоксално. А парадоксот лежи во неговото одобрување од страна на образовните институции што му противречи на самиот (ако сѐ уште постои) морален и културен карактер на образованието. Современото општество, кое се претставува како атеистичко, а понекогаш и нихилистичко кон религијата, дозволувајќи го одбележувањето на ова собитие, внесува религиозни елементи во истото тоа општество: култот на смртта, олицетворение на смртта и духовите на злото. Но, немојте да помислите дека се внесуваат конструктивни религиозни традиции! Напротив, се внесува психолошко доживување на стравот и фобиите. Прифаќањето на Halloween значи да го претвориме крајот на нашиот земен живот во карневал чијашто парола наводно успокојува: „Ништо не е страшно, сѐ е смешно и весело и смртта не постои; таа е само едно преоблечено чудовиште, затоа продолжи да живееш според принципот: ’Собери од животот колку што е можно повеќе‘“. Светската постмодернистичка сцена затропа и на вратите од нашата земја. Популарниот актерски караван станува идол кој најмладите го обожуваат и подражаваат. За целата среќа, во нашава земја тој сѐ уште нема земено силен замав, но добро е да се погрижиме навреме да го спречиме ширењето на овој деструктивен духовен ураган, кој ги уништува детските души. А најсилен бедем и сигурна заштита во тоа се родителите, кои треба со сите расположливи сили да се спротивстават на ваквите појави, да ги одбиваат предлозите за „невините и весели детски забави“, па дури и тогаш кога тие се понудени од страна на образовните институции.


Времињата се сериозно променети, и на местото на невините (или речиси невините) семејни забави, дојде таканаречената забавна индустрија, која сѐ повеќе поприма мистични значења. Всушност, современиот Halloween е еден вид на бизнис проект, во којшто плитките и  нечестиви трговци заработуваат на лекомислениот интерес на најмладите. Но најстрашното е во тоа што некои повисоки инстанции заработуваат на сигурната демонизација на детската свест, зашто ова собитие се восприема како пример за подражавање. Оваа антикултурна и аморална појава ја уништува психата на детето, кое доколку ја поддржува, неминовно ќе ги вкуси горките плодови на ноќните кошмари, немотивираната и неконтролирана агресија и „чувај Боже“ - самоубиствата.

Да, бизнис проект во кој децата трошат пари за ѓаволските маски, а возрасните сѐ повеќе се заинтересирани за комерцијалната страна на празнувањето на Halloween. Тоа е цела трговска индустрија. Но тоа е трговија, во која топ производ е детската душа. Како врв на празнувањето на овој ден е прикажувањето на филмот „Ноќта на вештерките“, во кој едно момче, во пресрет на празникот ја убива својата шест годишна сестра и како резултат на тоа станува крвав манијакален убиец. И голема е веројатноста во иднина, многу млади луѓе, привлечени од демонската психологија на ваквиот тип филмови, да направат некој сличен потег.

Затоа образованието безусловно треба да се залага да ги воспитува децата во духот на конструктивната религиозна традиција. Спроведувањето на „невини и забавни“, а во својата суштина деструктивни школски активности во пресрет на празникот, се спротивни на основните културно образовни традиции кои грижливо биле негувани од страна на нашите предци. Кога тие би можеле да проговорат, а говорат во разумот и срцето на сите оние кои го почитуваат нивното дело, тоа вака би звучело: Нормалната религиозност исчезнува, а на нејзино место доаѓа комерцијалниот ужас, од каде што заклучуваме дека светот отстапува од Христа и почнува да му служи на мракот.

Извор: Бигорски манастир

 

 Друго:

Halloween забавите – враќање кон примитивниот паганизам? ...

Свети Јован Шангајски и ноќта на вештерките

Забава за „широкоградни“

Православие или Паганизам