Совеста и послушанието
Јул 19, 2021 | Богословие
Кога човекот е апсолутно послушен на својата совест и извршува сè што таа му укажува, тогаш таа ни најмалку не го измачува. Ова не се случува затоа што нејзиниот глас е замолкнат, туку напротив, заради неговото добро послушание не постои ништо за што неговата совест би го прекорила.
Апостол Јован вели: „Кога нашата совест не нè осудува, имаме смелост пред Бога“.
Невозможно е човекот да чекори по овој пат, а да не се сопне некаде зашто ѓаволот од една страна, а светот и телото од друга, непрестајно поставуваат пречки во неговиот живот и тој на нив се сопнува, сразмерно на своето невнимание. Затоа, за човекот е полезно кога ќе падне, веднаш да стане и да побара прошка. Кога човекот, соодветно на тежината на својот грев, ќе се покае, тогаш неговата совест, која дотогаш го мачела, веднаш престанува да го прекорува.
Совеста мораме да ја чуваме во три точки (правци) – во однос на Бога, во однос на ближните и во однос на предметите.
Во однос на Бога, човекот ја чува својата совест кога ги одбегнува различните гревови. Во однос на ближниот, совеста ја чува ако не го нажалува, не го осудува, не го клевети, не го соблазнува и не го поттикнува на лоши дела истиот тој ближен. Во однос на предметите, човекот си ја чува совеста кога не ги уништува и не ги оштетува материјалните нешта со невнимание, небрежност и несовесност.
Свети Теодор Студит ни кажува многу нешта за „несовесноста“. „Кога ќе видиш нешто да гори или да се уништува, а не го прифаќаш или не го заштитуваш, тогаш тоа е несовесност. Кога твојата облека ќе ја скинеш и ќе оставиш да се распадне сосема, тогаш тоа е несовесност. Кога можеш да работиш, а наместо тоа скиташ наоколу, тоа исто така е несовесност. Кога ќе ја оставиш својата храна, а таа ќе скисне и потоа ќе ја фрлиш, тоа е несовесност. Требаше да се погрижиш да биде изедена пред да се расипе.
Според тоа, несовесност е кога некој греши во однос на материјалните работи, а исто така и кога на кој било начин Го навредува Бога“.
Најголемото богатство се стекнува кога човекот тежнее да си ја сочува својата совест без оптоварување. Во случај да почувствува дека нешто го повредило, тој мора веднаш тоа да го поправи и да се врати во претходната состојба.
Колку пати нè прекорувала совеста?! Колку повеќе човек ја слуша својата совест и обрнува внимание на неа, толку посуптилно таа ќе го раководи. Колку таа поистенчено го раководи и прекорува, толку тој се издигнува во чистотата.
Постои исто така и „лукава совест“, која често се појавува под видот, формата и обликот на добрата совест. Меѓутоа, во суштина таа е зла и изопачена совест, совест која Му се противи на Бога.
Лукавата совест е оној глас кој за нештата нè учи опрелестно, изопачено и спротивно.
Како своја основа, извор и темел, добрата совест ги има смирението и послушанието, а лукавата за свое начело ги има гордоста и непослушноста.
Кога човекот не му е послушен на старецот, кога се противи и кога е лукав, тогаш го поседува она што се нарекува самоувереност, а самоувереноста значи лукава совест.
Смиреноумието ја раѓа добрата совест. Бидејќи овие две совести се испреплетени, човекот често се прашува: „Дали е ова лукавата или добрата совест? Да ѝ верувам на оваа мисла или на онаа?“ За да научи, или подобро кажано за да биде научен што е добрата совест, човекот мора да поседува смирение. Но, тој првенствено мора да се потчини на раководење од друг, постар водич, кој ќе биде негов духовен отец и да биде послушен за сè што тој ќе му каже. Тогаш, малку по малку, ќе почне да забележува кои мисли се лоши, а кои добри, која е нијансата на добрата, а која на лукавата совест. Од една страна, на тој начин, преку учењето и раководењето на својот духовен отец тој го избегнува падот, а од друга страна, станува со време научен кои се нијансите и какви се појавите на овие две совести. Така станува совршен човек.
Оние што се надвор од послушанието претрпуваат штета. Човекот е под притисок и на едната и на другата совест; едната тежнее да го спаси, а другата да го уништи, па често се случува да не знае која да ја одбере. Оној што е послушен ја одбегнува таа опасност и малку по малку станува искусен и опитен во разликувањето на добрата од лукавата совест.
Ава Пимен имал две помисли и отишол да му ги соопшти на својот духовен отец. Овој живеел многу далеку, така што авата тргнал наутро, а стасал дури навечер. Ја заборавил едната помисла, па му ја кажал само онаа другата. Штом се вратил во својата ќелија и го ставил клучот во клучалката, се сетил и на втората (заборавената) помисла. Не ја ни отворил вратата, туку се вратил да му ја соопшти на својот духовник. Тој, кога ја видел неговата ревност и прецизност, воскликнал: „Пимене, Пимене, пастиру на ангелите! Твојата добродетел ќе ти го направи името познато во целиот свет!“
За да стане некој доволно опитен во разликувањето на добрата совест од лошата, мора да мине низ послушанието. Доколку не помине низ послушанието ќе остане неопитен. Тој може да има благодатни дарови, може да има добра душа, може да прави разни добри дела, но ќе увидиш дека секогаш „куца“ во поглед на расудувањето и смирението. Првата и превосходна добродетел што ја дава потчинетоста на старецот е расудувањето, кое доаѓа преку смирението. Со други зборови, послушанието го кали карактерот на човекот и најпрво му дава расудување и смирение.
„Прашај го таткото свој и тој ќе ти објави“ – вели Светото Писмо. Тоа го гледаме и на светоотечкиот пат по којшто чекореа светителите. Во Житијата на пустинските отци (Геронтикон) читаме дека извесен Захариј имал видение, но дека неговиот духовен отец не бил во состојба да протолкува дали видението е од Бога или од демонот. Потоа ученикот отишол кај некој старец со дар на расудување, кој му рекол: „Видението беше од Бога, но ти оди и потчини му се на својот духовен отец“. Ова покажува дека послушанието е поважно од видението.
Колку многу ни оставија отците за наше поучување! Патот кој е најдобар, најисправен, најсигурен и најслободен од одговорност е патот на послушанието кон духовниот отец. „Оној што го практикува послушанието, ги исполнил сите заповеди Христови“ – вели Ава Паламон.
„Послушникот го одбрал најдобриот пат“ – вели Ава Мојсеј. „Чеда мои, итајте таму кајшто е послушанието. Таму лежат радоста, мирот, братољубието, единството, будноста, утехата, венците и наградите“. Меѓутоа, кога како послушници сакаме да ја истакнеме својата сопствена волја, патот станува тежок, суров и опасен. Кога, пак, се држиме за послушанието, престојуваме во љубов, подвиг, братољубие, овенчување, осветување и спасение.
Самоволието е голема брана, голема препрека. Тоа е ѕид меѓу душата и Бога! Како ѕидот што стои пред нас и ни го затскрива сонцето, па местото станува влажно и нездраво и не дава плодови зашто таму не сјае сонцето, така се случува и со ѕидот на самоволието. Кога тој ќе се најде пред душата, таа потемнува и станува бесплодна.
Сонце на Правдата е Христос. Кога душата не е затскриена, Христовите зраци доаѓаат и ја осветлуваат, а човекот донесува плодови и се осветува.
Само оној што ги вкусил плодовите на послушанието може да зборува за него. Послушанието е најблагодатниот пат. Но над сè, оној што е послушен го изгонува злобниот демон на егоизмот и гордоста, причинителот на секое зло, и преку тоа стекнува смирение и безгрижност.
Старец Ефрем Филотејски
https://www.tiveriopol.mk/sovesta-i-poslusanieto/