Само Христос може да ги научи луѓето да сакаат
Интервју со прот. Алексеј Умински за модерното семејство и зачувувањето на љубовта меѓу неговите членови.

- Во 80-тите години во советскиот образовен систем имаше предмет „Етика и психологија на семејниот живот“. Вреди ли ваков предмет да им се предава на учениците денес?
- Тешко прашање. Времињата брзо се менуваат, етиката на односите се менува. Се разбира, од секој можен аспект, би бил корисен предмет како „Етика на човечките односи“ или „Психологија на човечките односи“. Всушност, да се формулира што е семејство за современиот човек е доста комплицирано. Ние, како православни христијани, сме привлечени од традиционалните формулации на семејството и се обидуваме да инсистираме дека семејството е само она што го разбираме и гледаме, но современиот свет отиде предалеку од концептот на традиционално семејство. Ми се чини дека ако во училиштата се воведе предмет за семејни односи, тој ќе се заснова пред се на логиката на сексуалните односи, наместо на традиционалните односи. Прашањето е во каква состојба е модерниот свет, како го гледа и разбира семејството. Современиот свет дава сложена дефиниција на таковиот концепт како семејство. Воопшто не е како што беше во 19 век. И не на тој начин се формираше семејството во традиционалното општество, кога претставата за семејството беше класно заснована. Луѓето кои влегуваа во заедница практично живееја во услови кога не носеа лични одлуки за бракот, а прашањето за бракот и стапувањето во брак го решаваа првенствено родителите на младите, а соодветно на тоа и самото семејство беше сериозна структура определена од нај традиционалната доминантна на општеството. Можеме, на пример, да се потсетиме дека не толку одамна, во средината на минатиот век, во Западна Европа, разводот беше комплицирана работа. Така, државните закони на Италија не ви дозволуваа да се разведете толку лесно како што можете денес. Затоа постојат филмови како “Развод на италијански начин”. Иако знаеме дека истото беше и во Русија пред револуцијата: тогаш разводот беше исклучително тешка работа. За да го добиеш, требаше да поминеш низ доста комплицирани процедури, а и стапувањето во втор брак беше доста тешко.
Пред да се постави вакво прашање, треба да разјасниме: дали современото општество чувствува потреба да воведе ваква предмет?

 

Uminski.Aleksej

- Добро е младите да растат во семејства каде што има пример за добри односи меѓу родителите, каде што има љубов. И ако семејството е нецелосно или домот е арена на постојани конфликти, дали некоја книга или филм може да помогат да се изгради семејството, да се зачува?
              - Започнуваме разговор за овој проблем како да сме на точка кога сите разбираат за што се работи. Ми се чини дека треба малку да се свестиме затоа што ја повторуваме мантрата на традиционалните вредности. А каде се тие, традиционалните вредности? За кого тие се навистина вредности? Ние цело време се обидуваме да се преправаме дека она што во црковното опкружување значи нешто - традиционалните вредности - значи и за остатокот од светот. За кого се однесува ова? За луѓето кои се венчаат внатре во црквата, за руското општество или за некој друг? Сите луѓе се различни. Одамна веќе никој не се учи како да живее од филмови и книги. Таквата систематичност на животното тренирање е можна само во традиционалното или тоталитарното општество. Во таков случај, целата структура на образованието, обуката, системот на вредности е поставена како државна линија за воспитување на новата личност, како што беше во Советскиот Сојуз, кога имаше некоја јавна вредност прифатена од сите. Ако поставиме такво прашање внатре во црковниот живот, има на што да се потпреме, бидејќи црковното општество има своја аксиологија, има работи што ги цени, како на пример Светото Писмо, Светото Предание врз основа на кое можеме да зборуваме за семејството. За какво семејство да зборуваме денес во рамките на современото општество, кога кај нас има толкав број на разводи? Бројот на распаднати семејства е поголем од бројот на бракови. За кои филмови, книги? „Свадбата на Балзаминов“?


- Со какви прашања за основање на семејство најчесто ви доаѓаат младите од парохијата?
             - Младите кои сакаат да основаат семејство не се толку загрижени за да добијат совет. Очигледно е дека какви одговори и совети да им се дадат, нивните животи ќе се формираат поинаку. Бракот во 21 век, во 20 век и во 19 век се сосема различни работи. Подготовката за брак беше поинаква, спроведувањето, реализацијата... Брак порано и денес - тоа се работи кои не се споредуваат едно со друго. Најсериозното и најважното нешто што се случува денес е тоа што младите ја преземаат одговорноста за бракот врз себе. Дури и кога се венчаваа во мое време, во 20 век, гаранти на бракот беа родителите. Беше прифатено младите прво да се запознаат, потоа да им се претстават на родителите, возрасните да ја запознаат невестата, младоженецот; се случуваше во изборот на младите на некој начин, иако периферно (на крајот на 20 век во најмала мера, но сепак постоеше) да учествуваат родителите. Не случајно за време на венчавката се изговара: „Спомни ги, Господи Боже наш, и родителите кои ги воспитале, зашто родителските молитви ги зацврстуваат темелите на домовите“.
           Во 19 век и пред тоа, браковите ги договарале родителите. Да потсетиме: младите мажи и жени можеби не се познавале многу добро пред бракот, тие биле избрани од нивните родители, младите речиси никогаш не биле одговорни за изборот. Ако се склучил брак, тогаш луѓето се запознавале во средината во која се родени и израснати. Тешко е да се замисли дека потомок на кнежевско семејство би се оженил со селанка. „Сиромашната Лиза“ на Карамзин е нешто неостварливо. Очигледно е дека аристократите се венчавале со аристократи, претставниците на свештенството се женеле со претставници на свештенството, трговците наоѓале придружници во животот во нивната околина итн. Луѓето не излегувале надвор од својата класа, бидејќи бракот бил општествен феномен. Бракот бил гарантирано здрав и одржлив не затоа што сите знаеле да живеат добро во него, како правилно да постапуваат, како правилно да ги воспитуваат своите деца, туку затоа што немале личен избор до степен во кој тој постои денес. И вредноста на бракот била гарантирана не само со семејните врски, туку и со законите на државата. Во тоа време исто така немаше абортуси само затоа што беа забранети, немаше разводи затоа што и тие беа забранети. Немаше ништо слично на она што се случува во современиот свет надесно и налево. Денеска бракот е обврска на младите кои немаат животно искуство, немаат материјална сигурност, немаат сопствен дом, а често немаат ни сигурна работа. Имаат само чувства кои се подготвени да ги дадат, да ги пренесат еден на друг, а малку им пречи мислењето на другите во оваа прилика. Затоа, секој пат кога младите денес ќе посакаат да се венчаат, десет пати размислуваат дали треба да го сторат тоа. Се плашат дека заедницата ќе им биде со краток рок, несреќна, се плашат дека ќе се разведат (ако се родат деца, кој ќе ги воспитува), па не се мажат, туку влегуваат во интимни врски за да си ги тестираат чувствата, да видат како ќе биде понатаму.
Младите не доаѓаат со овие прашања кај свештеникот пред моментот во кој сакаат да стапат во брак. Ако имаат поминато некое сериозно искуство во врската, на пример, живеат заедно три години и не се скарале сериозно, ништо лошо не се случило, тогаш може да се венчаат. Не им треба совет или одговори на прашањата.

Uminski.Aleksej2


- Кои грешки доведуваат до прекин во врската?
                 - Во текот на животот се прават грешки, а меѓу луѓето се случуваат разводи, несогласувања, дури и кај оние кои штотуку се венчале. Во последно време гледам разводи меѓу луѓе кои се во брак повеќе од десет години, добро се познаваат, живеат во стабилни услови, и изгледа дека немаат материјални проблеми. И одеднаш излегува дека во браковите каде што има тинејџери, односно најболната и најосетливата возраст, се случува најстрашното - разводот. Кога релативно млади парови - незрели и сè уште не се познаваат многу добро, кои стапиле во брак и се разделиле после некое време - тоа е грешка, секој може да направи грешка. Лошо е, страшно е, но сепак не е најлошо. Но јас, просто гледам, веројатно не само јас, туку и голем број на свештеници ќе потврдат дека се распаѓаат црковни бракови, бракови на свештеници после долг, долготраен соживот! Тоа е катастрофа е, беда, кога луѓето ќе се најдат себеси неспособни да сакаат, кога нивните чувства се исцрпени, кога постои ужасен замор еден од друг, толку сериозен замор што сопружниците не можат да бидат во иста просторија, кога им е тешко заедно и се непријатни еден за друг. Ова е апсолутно страшно, ова е главното прашање со кое се соочуваме сите ние денес. И пред Црквата, вклучително: што се случува со нашите семејства, што се случува внатре во бракот, што денес го нарекуваме семејство и што ставаме во концептот „висока цел на семејството како мала црква“.
                Поентата овде е што кај нас, се испоставува, до ден-денес отсуствуваат таканаречените „социјални врски“ што го штителе семејството во минатите векови. Кај нас нема педагогија на љубовта. Едноставно, се наоѓаме себеси неспособни да љубиме, бидејќи бракот е единственото христијанско поле каде човекот постојано е тестиран за љубов. На кое било друго место можеме да извршиме одделни чинови на љубов, одвреме-навреме да одговориме на одделни пориви со тоа што веднаш ќе покажеме милост, ќе покажеме понизност или понекогаш покажувајќи пожртвуваност, односно тоа се посебни дејства во нашиот христијански живот, за кои ние христијаните многу ги цениме кај себеси. А бракот е кога треба да те сакаат постојано. И наутро, и во текот на денот и навечер. Да те сакаат и кога сте уморни и кога сте одморени, кога сте сити и кога сте гладни, кога имате проблеми и кога ги немате, кога поминувате низ тешки искуства во вашето семејството и, напротив, кога се е лесно... Со други зборови, постојано треба да бидеш во состојба да сакаш. И одеднаш излегува дека човек едноставно не е способен да сака. Не знае да ја сака сопругата или жената да го сака својот сопруг, не знае вистински да ги сака своите деца кои постојано се околу него, тоа е пространството на неговиот живот. Тука изнедрува таа беда, таа криза на христијанството како таква, криза на црковноста, затоа што ако семејството сериозно го наречеме „мала црква“, тогаш токму во неа тестираме колку сме способни да бидеме вистински христијанин секој ден, колку сме подготвени да живееме според Евангелието. Ако не си способен за тоа внатре во семејството, како ќе бидеш способен за тоа некаде на друго место?


- Што би ги советувале брачните парови да го сочуваат семејството и да ја зајакнат врската?
                 - Невозможно е да се даде било каква ригидна математичка формулација, во животот на човекот нема готови рецепти, совети. Сепак, секој мора да научи да сака, семејството е таква област на взаемно смирение, на проникнување еден во друг. Исто така, во христијанското семејство е важно како луѓето го разбираат својот однос со Христос, колку заедничката религиозност на христијанските семејства се јавува во секое правило за безусловно исполнување или како ние самите го градиме својот живот. Извесна надворешна религиозност, исто така може да биде поттик за зачувување на семејството, но при тоа, таа може да биде празна и мртва; може да има некои надворешни принципи на кои луѓето се придржуваат. Често оваа надворешност создава илузија на стабилност и зачувување, и многумина ги живеат своите животи на таков начин. Се чини дека семејството е здраво и стабилно, но во својата суштина ова се добро извршени функции на улоги на луѓето кои ја презеле оваа улога - да живеат со некоја должност и одговорност. Таму можеби нема баш љубов, а љубовта е живо нешто, не е можно да се подложи на правила, но можеш да живееш и да ја цениш. Ако еден од двајцата се покаже дека не може да ја цени, или за некој оваа потреба не е очигледна, семејството ќе пропадне. Семејството е голем ризик, како и човечкиот живот воопшто. Само Христос може да ги научи луѓето да сакаат, а не некој надворешен совет што може да му се даде на човекот преку интервју.


- Како тоа да се спроведе во пракса, имајќи предвид дека се распаѓаат и семејствата во кои сопрузите се членови на црквата?
               - Мора да сакаш да љубиш, а не да ја искористуваш љубовта.


- Често ситниците ги уништуваат врските. На пример, расправијата кој да ги мие садовите, а кој да вози. Дали е правилно да се делат домашните работи на машки и женски?

           - Можеби треба да се разделам, можеби не. Јас на пример, не умеам да готвам. Се разбира, ако сум сам, можам да пржам јајца или да си сварам макарони. Но, некое вкусно и извонредно јадење може да направи само мојата сопруга, бидејќи има талент за тоа и и се допаѓа да го прави тоа. Истиот е мојот однос кон некои работи од домаќинството. Можам да одам во непеглани кошули, не ми е гајле дали кошулата е пеглана или не. Го имам облечено подрасникот над кошулата и не се гледа. А за жена ми ова е важно и поради таа причина секогаш ги пегла. Познавам и други семејства каде што мажите одлично готват и не ги пуштаат ни своите жени до шпоретот кога ќе дојдат гости.
Тука не станува збор за некакви договори, туку за внатрешен порив, прашање кој за што е способен. Луѓето секогаш се надополнуваат, еден без друг не се реализираат целосно. Во семејството, луѓето меѓусебно си овозможуваат преку оваа полнота да станат посовршени. Бог нè создал несовршени за да можеме преку љубов да се надополнуваме, а семејството е совршена кокреација преку тоа што луѓето се создаваат едни со други, секој надополнувајќи се. Ова е она што мислам дека е христијанското семејство.


- Семејството е столбот на детето, а што да правиме ако возрасните не можат да живеат во мир, постојано се во конфликт: дали е секогаш правилно да се зачува семејството заради децата или има случаи кога е подобро да се разведеш?
             - Секое семејство е посебна работа, секое има свои кризи, причини за несогласувања, со други зборови - своја историја на болести. И секој случај мора да се расчисти, се работи за конкретни луѓе. Некоректно и неодговорно е да се каже: „Да, семејството мора да се зачува, без оглед на цената“, или „Не, подобро е да се разведете“. Ваквите одлуки не треба да се носат спонтано, не е можно да се најде еден рецепт или одговор за сите случаи.

Uminski.Aleksej1
- А ако веќе нема љубов, а децата гледаат лажна слика?
               - Поголемиот дел од не се распаѓаат браковите поради сериозни причини (прељуба, алкохолизам), туку поради тековни домашни проблеми. Понекогаш тоа е само затоа што на луѓето им здодеало еден со друг. Затоа што или не биле блиски на почетокот, или не успеале да ја задржат љубовта. Луѓето кои се разведуваат често се уверуваат: „Никој не е виновен, само неусогласеност на карактери, не си одговараме“. Меѓутоа, кога љубовта исчезнува, луѓето се одговорни за тоа. Таа не умира сама. Едноставно не ја чуваат, а љубовта мора да се одржува. Како огниште во кое ставаат дрва за да не згасне.


* Интервјуто е за веб-страницата „Азбука на верата“ (www.azbyka.ru)
Разговарала: Александра Грипас

За Преминпортал Симеон Стефковски

 

 Maj 2023 leto Gospodovo