АПОСТОЛИТЕ ПЕТАР И ПАВЛЕ: ЕДИНСТВОТО ВО РАЗЛИЧНОСТА

          Православната црква денеска го празнува споменот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле. Овие двајца мажи се толку различни што многу често луѓето се прашуваат: зошто Црквата одлучила споменот за нив да им го одбележува во ист ден?


             Апостол Петар бил родум од Галилеја, а Павле бил римски граѓанин; Петар бил прост рибар, а Павле бил син на угледен фарисеј; Петар немал образование, а Павле учел кај еден од најдобрите еврејски учители во тоа време; Петар го видел Христос за време на својот земен живот, а Павле се сретнал со Господа по Неговата смрт и Воскресение. Конечно, Петар бил готов да умре за верата во Христа, а Павле можел да убие за верата во Него. Што е тоа што ги поврзува?
             Нив ги поврзуваат многу нешта: тоа е огнената вера и подготвеноста да се проповеда Евангелието до сите краишта на земјата како и способноста со својата вера да се запалат срцата на илјадници луѓе. Но, овде постои уште нешто за кое ретко се зборува, но што навистина многу придонесува за „заедништвото“ меѓу овие апостоли и не само помеѓу нив.
            Апостолите Петар и Павле во одредена смисла ги симболизираат двата вида на вера. Верата на Петар е верата на обичните луѓе. Таа е безумна, тврда, непоколеблива како карпа (патем, името Петар означува „камен“). Оваа вера е како силен даб кој постепено расте во срцето на човекот и ја придобива силата заедно со него. Ова е верата на оние кои го гледаат Христа со очите на својата душа, без сомнеж или двоумење.
                  А верата на Павле? Неговата вера е верата на луѓето кои поминале низ печката на искушението, кои успеале да надминат многу искушенија, да ги надминат сопствените заблуди и колебања и што е најважно - да го надминат своето духовно слепило и на крај да го видат Спасителот.
                 Невозможна би била верата на двајцата апостоли доколку им недостигаше она кое ги обединува - Покајанието.
Затоа што ако апостол Петар не се покаеше по неговото трикратно одрекување од Спасителот тој повеќе немаше да биде Христов ученик. И ако апостол Павле не се покаеше за лошите дела извршени врз учениците на Спасителот пред своето обраќање кон вистината тој ќе продолжеше да биде гонител на Христос.
              Покајанието на првиот му го врати апостолското достоинство, а вториот го направи апостол! Затоа, кога зборуваме за заедништвото помеѓу овие апостоли и во принцип помеѓу сите луѓе кои веруваат во Бога, можеме да кажеме дека тоа е покајанието. Токму тоа ни го отвора патот кој на крајот не само што може да ни го промени животот, туку и да го направи достоен за Христа.


Автор: Хмелницки и Староконстантиновски архиепископ Виктор (Коцаба)
bogonosci.bg / За Преминпортал Симеон Стефковски

11.07.2023