Hristos.prekrasno38

Анатомија на љубовта

              Што е тоа љубов? Дали може да се дефинира? „Љубовта има многу имиња и многу дела, и изобилство на обележја и преголемо мноштво на својства – вели Св. Симеон Нов Богослов - но нејзината суштина е една и за сите потполно неоткриена,и за ангелите,и за луѓето и за секое друго суштество. Таа е неопислива со зборови, недостапна е по слава, неистражена во намерата, вечна е, невидлива, со умот се замислува, но не можа да се одгатне.“ Нејзината суштина е очигледно неспознајна! Но, да се обидеме да ја издвоиме барем нејзината основна карактеристика...

ADAM.i.Eva.Hristos

          Светите Отци заклучуваат дека животот и смртта на нашата душа зависат од нашиот ближенi бидејќи љубовта кон Бога се испитува преку љубовта кон луѓето „ зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?“ (1. Јован 4:20). Затоа, невозможно е да се спасиме себеси освен преку ближниот“, вели преп. Марко Подвижник. „Не верувам во тоа, вели Св. Јован Златоуст - дека некој што не се грижи за спасението на ближниот ќе се спаси.“ Не е доволно човек да се грижи за себеси, да се грижи само за себе, затоа што невозможно e да се постигне соединување со Бог Кој е Љубов , без љубов. А љубовта кон Бога се темели на љубовта кон ближниот.
Преподобен Јован Колов, еден од најголемите отци на Египетскиот скит рекол: „Не може да се гради куќа почнувајќи од врвот, туку треба да се гради од темелот и да се продолжи кон врвот.“ Кога го прашале: „ Што означува темелот?“, тој одговорил: „Темелот е нашиот ближен, мора да го придобиеме и да почнеме од него; на него се темелат сите Христови заповеди. Ефрем Сирин, исто така рекол дека ништо не му користи на оној кој нема спасителна љубов: „Дури и некој да стекнал девственост, постел, бдеел, се молел, својата заработка ја давал на сиромашните, изградил цркви или направил нешто друго - без љубовта кон ближниот тоа ништо не е вредно“.

Angel.so.fener
         

    Според зборовите на преп. Амвросиј Оптински, „Бог му ги простува на човекот дури и најголемите гревови против Него самиот, но не му ги простува согрешенијата против ближниот, доколку човекот не се помири со него“. По Љубовта се разликуваат христијанинот од незнабожецот. „Како што ученикот по граматика, ораторот, филозофот, поетот и уметникот и секој друг ученик се препознава по својот учител – вели преподобниот Симеон Нов Богослов – така и христијанинот се препознава по Христос, кој толку многу нè возљуби што заради нас стана човек и ја предаде својата душа за нашето откупување. И затоа, кој нема љубов, како може да биде признат како Христов ученик? Напротив, кој има љубов во себе, дури и да не може да преземе на себе големи подвизи и трудови, туку само ја стекнал таа љубов, тој, според законот на нашиот учител Христос ќе се издигне до самиот врв на совршенството на светиите.“ „ По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу се¬бе.“ (Јован 13:35).


Симпатија и љубов

ANGEL1
    

             Што е тоа љубов? Дали може да се дефинира? „Љубовта има многу имиња и многу дела, и изобилство на обележја и преголемо мноштво на својства – вели Св. Симеон Нов Богослов - но нејзината суштина е една и неоткриена во потполност и за ангелите и за луѓето и за секое друго суштество. Таа е неопислива со зборови, недостапна е по слава, неистражена во намерата, вечна е, невидлива, со умот се замислува, но не можа да се одгатне.“ Нејзината суштина е очигледно неспознајна! Но, да се обидеме да ја издвоиме барем нејзината основна карактеристика... Да се сака значи дека некој или нешто ни е драго, пријатно, бидејќи ни е допадливо по своите својства и ни раѓа желба со него да општиме заради взаемна среќа. Таквата љубов ја нарекуваме симпатична, бидејќи се заснова на симпатија, сочувство и несвесна наклонетост кон некој или нешто.
Допадливоста обично се заснова на сличноста на надворешните или внатрешните особини што ни се допаѓаат кај другите. Сепак, иако симпатијата служи како основа за човекољубието, таа сепак не ја претставува самата љубов. Љубовта не се состои само од пријатни чувства и емоции, туку пред сè, се состои од благонаклонетост, од искрено расположение на душата преку која човекот им посакува добро на другите и ако е можно, се труди да им го обезбеди тоа добро. Според дефиницијата на Св.Климент Александриски, љубовта е постојана, разумна, пријателска, срдечна подготвеност да се помага во корист на другите луѓе. Тоа е љубовта - таа пред сè е делување што почива на разумна основа. Освен тоа, љубовта се простира над сите, за разлика од симпатијата која ги сака оние што се слични на неа, барајќи взаемно задоволство од односот. Затоа симпатичната љубов нема вредност пред Бога, Кој отворено рекол: „ И ако ги сакате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив “ (Лука 6:32).


Карактеристики на љубовта

Svetitel.milostiv
               Вистинската љубов го бара она што е корисно за сите, без разлика кои се тие „сите“ по положба, обичаи или вероисповед. Сите други особини што ги спомнува светиот апостол Павле произлегуваат токму од таа основна карактеристика (1. Кор 13:4-7). Првата меѓу нив е долготрпеливоста, благодарение на која љубовта смело ги поднесува сите непријатности, навреди и падови, без воопшто да се возбудува. Како искра која што паѓа во морето и веднаш исчезнува, без да му нанесе никаква штета на морето, така и сè непријатно и неочекувано што ќе ја снајде долготрпеливата душа набргу исчезнува, без воопшто да ја вознемири.
            Друга карактеристика на љубовта е милосрдноста. Љубовта е благотворна и поднесувајќи непријатности никому не наштетува. Напротив, таа се обидува да сочувствува со неволниот, се обидува да му ја олесни бедата и се додека не го утеши, додека не му помогне на неволниот, таа самата не може да се смири. Освен тоа, љубовта не завидува ниту на даровите, ниту на надворешната благосостојба, ниту на успехот во работата, бидејќи тоа е спротивно на нејзината природа. Нејзиното битие го сака доброто за другите и таа не бара да биде посреќна од другите.
         Исто така, љубовта не се гордее ниту со збор ниту со дела. Таа делува тајно, внимавајќи каде и што корисно може да направи и кога го наоѓа, тоа го прави без врева и покажување. Умисленоста е карактеристична за страсната љубов, која непромислено дозволува многу работи, делува жестоко во верувањето дека сè што доаѓа од неа е убаво и треба да предизвикува само восхит и пофалба кај другите. Затоа, таа се меша во сè со своето расудување, а зад себе не остава ништо друго освен конфузија. А љубовта не се фали, не се полни како меур, кој е полн со сопствената празнина. Таа не мисли за себе дека е подобра од другите, туку размислува смирено.
           Љубовта не прави ништо непристојно, не се гнаси и не се гади од ништо што е добро за ближниот. Таа ќе направи сè за да помогне, дури и ако е принудена да доживее нешто лошо и срамно. Како родителите кои колку и да се мудри и красноречиви не се срамат заедно со своите деца да си играат и да се ‘’борат’’ и никој што ги гледа нема тоа да го осуди, па дури и ќе го пофали. Љубовта не го бара своето, бидејќи љубениот за неа претставува сè, а таа самата се срамува кога не може него да го спаси од срамот.               Љубовта не се раздразнува или огорчува од неуспехот на сопствените напори или кога ќе доживее непријатност од оној што го љуби.
           Блажениот Теодорит пишува дека „ако доживееш нешто болно од некого, треба великодушно да го поднесеш.“ Љубовни мисли за злото, не мислејќи дека во постапките на љубениот постоело нешто зло. Таа во злото не гледа зло. Таа сама не прави ништо лошо и не се сомнева во ништо лошо од никој. Исто така, љубовта не се радува на неправдата, туку се радува на вистината, т.е. не се радува кога другите страдаат од било какво морално зло, туку се радува на оние кои напредуваат во добродетелите. Сè покрива со добар збор и однос: навреди, огорченост, гревови и недостатоци на љубениот. Таа верува во сè, што и да каже љубениот, не сомневајќи се дека тој може да кажува и лаги. На сè се надева и никогаш не застанува ако наиде на неуспех, туку пронаоѓа нови начини да твори добро. Не очајува ако љубениот се приклони кон нешто лошо, туку очекува тој да се промени кон подобро. Сè поднесува, односно весело ги поднесува непријатностите и доброволно ги поднесува сите напори, имајќи само една цел - да му добротвори на љубениот. Никогаш не престанува, останува постојана и непоколеблива, и не слабее дури и кога ќе претрпи навреди од љубениот, бидејќи не може да го мрази што и да се случи. Со такви бои божествениот апостол Павле ја насликал неизмерната убавина на вистинската љубов.

Hristos.prekrasno40

Човечката љубов е расипана од гревот
                  Во наше време многумина красноречиво зборуваат за љубовта; сите се повикуваат на стекнување љубов; песни се пеат само за љубовта; целиот свет е буквално опиен од идејата за љубов. Но, како што велат светите отци, да не помисли некој кога ќе го слушне зборот љубов дека тоа е лесно да се постигне. И тоа не е случајно. По гревопадот, нашите својства се променија, тие беа оштетени од гревот, а особено се оштети својството на љубовта. „Чувството на љубов кон ближниот е карактеристично за секоја човечка душа – пишува св. Игнатиј Брајанчанинов - но како и сите други чувства, природната љубов е изопачена од гревот. Во какви рани е само нашата природна љубов, каква тешка рана има на неа - пристрасност. Оној кој е потчинет на пристрасноста на срцето, способен е за секаква неправда, за секакво беззаконие, само да ја задоволи својата болна љубов.“ Какви само страсти се обидуваат да се прикажат како најсвета и најневина љубов! И човекољубие, и лажно смирение, и наместена скромност и блуд во најсуптилните прикриени облици - сето тоа се обидува да се облече во облеката на љубовта. Но, ние не треба да ја глумиме христијанската љубов, туку да направиме сè за навистина да ја стекнеме таа вистинска љубов кон ближниот.

Zitie.na.sv.Pantelejmon
Самољубие и вистинска љубов

          За полесно да ја научиме вистинската љубов, Господ ни заповеда да го сакаме ближниот како себеси. Следејќи ја оваа заповед, би можеле брзо да научиме вистински да сакаме, кога би умееле да се сакаме себеси. Без разлика на својата необичност, основата на таквата изјава се наоѓа во тажното искуство на човештвото. Како што сведочат фактите, луѓето најмногу се мразат себеси и се обидуваат да си нанесат секакво зло.
Која е причината за ова? Причината е што правилната љубов кон себе се заменува со неправилна љубов, наречена самољубие. Тоа нè поттикнува да се стремиме непромислено да ги исполниме сите наши желби расипани од гревот. Се занимаваме со задоволување на сопствените страсти. И токму преку нив си наштетуваме себеси, се упропастуваме самите себе. Правилната љубов кон себе, како и љубовта кон ближните, се состои во исполнување на Христовите заповеди, бидејќи „ љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, “ (1. Јован 5,3).
Затоа свети Игнатиј Брјанчанинов директно и конкретно укажува дека треба да се сака ближниот на следниов начин: „Не лути се и немој да му мислиш зло, не зборувај никакви прекорни, погрдни, подбивни, зајадливи зборови, чувај го мирот со него, според твоите можности, смири се пред него; не се свети ни директно ниту индиректно; попушти секаде каде што е можно... Однесувајте се кон ближните како што би сакале тие да се однесуваат со вас.“ Затоа духовната љубов е често строга, лишена од било какви изливи на нежност и наклонетост, бидејќи оној што љуби со вистинска љубов се грижи пред сè за ползата на љубениот, а не за исполнување на сопствените хировити желби.

TVIT717
Љубов кон сите и кон секого
             Дали таквата љубов е секогаш еднаква во својата сила и во своите манифестации? Иако христијанството пропишува иста љубов кон сите луѓе, не ја исклучува можноста таа љубов да добива различни нијанси и да има различни степени, според различните луѓе кон кои се простира. Впрочем, тоа е очигледно, бидејќи во спротивно таквата љубов не би била живо човечко чувство.
Според учењето на преп. Јован Касијан, онаа љубов што ја нарекуваат „агапи“, што во превод од грчки значи грижа, заштита, може да се дава на секого, но расположението на срцето, наклонетоста на срцето не им се поклонува на многумина, туку само на оние кои ги поврзува еднаквоста на темпераментот или заедништвото во добродетелите. Но повторно, дури и таквата љубов се разликува според околностите. Имено, едно е љубовта кон родителите, друго е кон сопругот ( сопругата ), друго е кон браќата, друго е кон децата, а поинаку е кон непријателите. Ниту Христос немал еднаква љубов кон сите. Особено ги сакал дванаесетте ученици што ги избрал, а меѓу нив бил и Јован, кого го сакал повеќе од другите. Таа љубов кон едниот не значи рамнодушност кон другиот, туку само големо изобилие на љубов кон него.

Љубов кон најблиските
                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                      Во однос на луѓето со кои христијанинот доаѓа во непосреден контакт, љубовта може и треба да се изразува нееднакво и во различни форми, дотолку повеќе што неговата љубов, како човек, всушност може да се прошири само на ограничен круг на луѓе кои се во негова близина. Нашиот ближен, како што Господ јасно покажа во приказната за добриот Самарјанин, е тој што ни е блиску во даден момент. Луѓето кои се поставени во потесни односи со некоја личност и се директно зависни од неа, природно имаат право да уживаат поголема грижа, заштита и сите манифестации на љубов од неа.
Пред сè, човекот мора да ги сака своите родители, браќа, сестри. Знаеме дека Самиот Господ, иако веќе висеше на крстот во неискажливи маки, сепак не заборави да се погрижи за Својата Мајка, доверувајќи му ја грижата за Неа на Својот сакан ученик. Правдата тоа го бара. Христијаните мора да прават добро секому, но, како што учи светиот апостол Павле, првенствено на своите по вера. „ Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се од¬ре¬кол од верата и полош е од безверник. “, вели светиот апостол (1. Тим 5:8).
Истиот тој апостол, сведочи за себе дека би сакал да биде доверен од Христос за неговите браќа, сродници по тело (Рим. 9:3), односно за еврејскиот народ. Во Светото Писмо се сретнуваат некои изјави, кои ако се сфатат буквално, сведочат за и повикуваат на, како што изгледа, откажување од семејните врски и омраза. Самиот Христос рекол дека дошол да одвои човек од татко, ќерка од мајка, снаа од свекрва. „ И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни. “ (Мт 10:35-36). Но, смислата овде е дека ако домашните се обидат да го одвлечат од следењето на Христос, кого христијанинот мора да го сака повеќе од своите најблиски, тогаш тие стануваат негови непријатели.
Ќе забележите всушност дека домашните се тие кои стануваат непријатели на христијанинот, а не тој на нив, бидејќи за христијанинот воопшто не треба да има непријатели - тој е повикан да ги сака дури и нив. Христос предупредува на таквата приврзаност кон ближните која може да се покаже посилна од љубовта кон Него самиот и да не ги издржи искушенијата. Од оваа гледна точка и токму во оваа смисла, треба да се разбере второто место во Евангелието за омразата кон своите роднини: „Ако некој дојде кај Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик. “ (Лука 14:26). Се разбира, омразата како морална состојба не треба да игра никаква улога кај христијанинот. Омразата овде се подразбира во смисла на подготвеност, решителност да се жртвува дури и љубовта кон ближните заради Христа. Таа омраза се нарекува бестрасна, света, непорочна. „Кога нашите ближни по тело имаат намера да нè одвлечат од Божјата волја - продолжува свети Игнатиј Брјанчанинов - да им покажеме света омраза, слична на онаа која јагнињата им ја покажуваат на волците, кога не се преобразуваат во волци и не се бранат од волци со забите свои.
Светата омраза кон ближните се состои во чување на верноста кон Бога, во несогласување со порочната волја на луѓето, дури и ако тие луѓе се најблиски роднини, во великодушно трпење на навредите што ни ги нанесуваат, во молитва за нивно спасение - во никој случај со навреда, ниту во постапки слични на навреда, со кои се изразува омраза кон паднатата природа.“ Ова го вели и Св. Јован Лествичник: „Ние се оддалечуваме од нашите ближни и од нивните места не од омраза кон нив, туку за да ја избегнеме штетата што тие можат да ни ја нанесат.“ Значи, ако живеењето заедно со сродниците по плот е пречка за живеење според христијанските начела , тогаш христијанинот, се разбира, не мора да се стреми да се согласи со нив, туку треба да ја прекине заедницата со нив, поради непријателството што владее во односот кон него.
Пазете се, не непријателство кон нив, туку непријателство кон него. Во таа смисла, Господ учи и да се отсече рака, нога или око, ако тоа нè соблазнува, иако ни се неопходни. Но, христијанинот не треба да престане да ги сака своите ближни. Тој мора да ја зачува таа љубов, која на грчки се изразува со збор како што е „филосторгија“, што означува токму нежна љубов и наклонетост.

TVIT718
Љубов меѓу половите
           Таква треба да биде и љубовта помеѓу еден млад човек и девојка, помеѓу мажот и жената, т.е. ваква треба да биде брачната љубов. Во својата вистинска форма, љубовта е стремеж на душата кон душата. Не на телото кон телото, туку на душата кон душата - наклонетост на срцето што се заснова на хармонијата на две души, тогаш кога луѓето еден во друг го пронаоѓаат своето надополнување. Таквото чувство, по својата природа, е способно не да се намалува, туку да расте. Тоа е чувство на взаемно духовно тежнеење и духовно го поткрепува физичкиот стремеж на мажот кон жената и на жената кон мажот.
Кај светите Отци може да се најдат длабоки дефиниции за брачната љубов. Значењето на тие дефиниции се сведува на тоа дека таквата љубов е органско спојување на две души во една душа, тоа е желба и сила на другиот да се предаде сета своја сила, сета содржина на својата душа и од другиот и да се придобие сето добро што тој го поседува. Таквата љубов не е чувство, страст, физичка наклонетост. Вклучува некој елемент на разумност, внатрешна претпазливост, што е способност трезвено да се оцени некоја личност, неговите морални квалитети.
           Вистинската љубов е подготвеност да се предадете себеси, целата своја сила, потполно на другиот. Токму тоа ја одликува љубовта кога човек љуби со душата, со сите сили на својата душа. А ако е заљубен, тоа значи дека во него е возбуден еден страстен дел од неговата душа. По правило, тоа е поврзано со возбудата во крвта. Сите постапки, зборови и мисли на вљубените се силно емотивно обоени. Таквите сензации и чувства се производ на телото.
Во пристрасната љубов не се сака личноста, туку чувството што таа го буди; се сака опиеноста, а човекот се љуби како основа на тоа опиеност. Интересен е само предметот на страста, а не личноста како личност. Во тој случај, човекот се сака само себеси и ја бара првенствено својата корист, своето задоволство, својата среќа. Опасноста од таквата љубов лежи и во тоа што, по правило, создава лажна слика за саканата личност. Кога луѓето поттикнати од страсната љубов ќе се сретнат, а страста ќе се задоволи, тогаш умот почнува да осликува друга слика за истата личност. Лажен е и тој лик, бидејќи клатното ( тегот ) се придвижило од една во друга лага, односно прво се идеализирал тој лик, а потоа, напротив, се појавува одвратност, па дури и чувство на омраза. Тоа е болест која е опасна затоа што пациентот сака да биде болен и боледува до лудило. Никој не е безбеден од заразувањето со оваа болест. А светите отци велат дека кога некој одеднаш ќе се зарази со оваа болест, откако ќе го погоди ѓаволовата стрела (или, како што се нарекува световно, Аморовата стрела), не треба да очајува, знаејќи дека во себе ја носиме способноста да бидеме заразени од секакви страсти. Само треба да ги вложиме сите наши напори во исцелувањето.

SV.Serafim.Sarovski.mechka
Љубовта кон непријателите
          Треба да внимаваме на секој начин, пазејќи нашата љубов да биде заради Христа, бидејќи само Христос може да ѝ даде вистинитост на нашата љубов. Само Тој може да нè научи да ги сакаме не само ближните, не само познаниците, не само оние што се однесуваат убаво со нас, туку и оние што нè мразат и ни се непријатели. Љубовта кон непријателите е неразбирлива за телесниот разум. Но „Христос – според св. Јован Златоуст – не заповедал ништо невозможно. Така многумина ги надминаа Неговите заповеди. Кој го направил тоа? Павле, Петар, целиот собор на светиите - тие ги сакаа своите непријатели на начин што никој друг не може да ги сака ни своите ближни.“ Да се потсетиме што светиот апостол Павле посакувал за своите непријатели, кои го каменувале и го камшикувале, да оди во Геената наместо нив , а веќе имал можност да влезе во Царството Небесно.
Светиот пророк Мојсеј се молел и за своите противници кои сакале да го убијат и поради нив сакал да биде избришан од книгата на животот. Светиот пророк Давид, имајќи прилика да го убие својот противник Саул, го остава жив тогаш кога тој работел против него. Ако тоа било возможно дури и во Стариот завет, толку повеќе луѓе во Новиот завет добиваат можност да ги сакаат своите непријатели.
Сепак, Евангелието не пропишува слепа, крајна љубов кон непријателите, туку љубов осветена со духовно расудување. Евангелието зборува за љубов кон непријателите, но истовремено заповеда да не им се доверува, т.е. дека треба да бидеме внимателни со нив. Спасителот, опоменувајќи ги своите ученици, им рекол: „ Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предаваат на судовите и по синагоги¬те нивни ќе ве тепаат. И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците. “ (Мт 10,17-18). Во тие зборови, очигледно е упатството да се однесуваме претпазливо и мудро со непријателите. Доволно е ако љубовта кон нив се манифестира со простување на навредите што ни ги нанеле, молитва за нив, благословување, добри зборови за нив, заблагодарување на Бога за нанесените напади и правење добро за нив, до степен на телесна смрт за нивно спасение.

В. Н. Коржевски
Извор: Патишта на спасението за христијаните ihtus.ru / prijateljboziji.com
Превод Симеон Стефковски

Извор: ПРЕМИН бр169/170

 

12 јули 2023 лето Господово