Hristos.prekrasno45

АКО САКАШ ДА БИДЕШ СОВРШЕН

Во ова неделно евангелско четиво, Господ разговара со богат млад човек за вечниот живот...


Како можам да влезам во вечниот живот?…

Hristos.prekrasno43

          „Ако сакаш да влезеш во вечниот живот“, му вели Господ на младиот човек, „пази ги заповедите“. „Не убивај; не врши прељуба; не сведочи лажно; почитувај ги татко ти и мајка си; сакај го својот ближен како себеси“.
Младичот одговара: „Сето тоа сум го запазил од младини; што друго ми недостасува?".
              И тука Господ прецизира: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им на сиромасите; и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене“. „Кога младиот го слушна овој збор, си замина тажен бидејќи имаше многу имот“ – заклучува евангелистот...


Многумина ја сфаќаат оваа евангелска нарација како безусловно барање за откажување од секакво богатство, од секаква сопственост, како безусловна неопходност да се живее во целосна сиромаштија.
Но, ова не е така.
              Евангелието во основа не бара ништо. Тоа нуди „Ако сакаш да бидеш совршен...“ Ако сакаш да излезеш од тесниот свет на човечките односи и состојби во огромните пространства на светот на христијанските доблести. Освен тоа, Евангелието не само што нè повикува да ги жртвуваме земните богатства за небесните, туку и нè предупредува. Тоа нè предупредува за искушението што се крие во секое земно богатство, во секоја земна работа.
Младиот човек си заминал „натажен“, бидејќи имал голем имот и тој стоел помеѓу него и Бога, а немал сила да се откаже од својот имот заради царството небесно.
Ова е најголемата беда за христијанинот. И не само во однос на богатството, туку и во однос на земните нешта воопшто. Без разлика дали тоа ќе биде приврзаност кон околината, кон луѓето, кон роднините - ова е приврзаност што ја победува љубовта кон Бога и го прави човекот тажен да се оддалечи од Него.
Тешко, многу тешко човек да најде сила да чекори по овој пат. И ова е големото значење на секоја „загуба“. Лишување од богатство, здравје, блиски.

Hristos.prekrasno44
            Самиот Господ ни доаѓа на помош, Самиот ни покажува колку се слаби нашите вредности пред Неговата вечна светост и моќ. Тој оди кон нас, а наша задача е да се сретнеме со Него, да се смириме пред Него, да го земеме крстот со вера и љубов и да се плашиме пред се да не си заминеме „тажни“. И како што на бојното поле херојот е подготвен да жртвува сè за да ја одржи својата лојалност, така и христијанинот мора да биде подготвен да жртвува сè за да му остане верен на Христа.
Најстрашното е да го предадеш Христа, а најдобро е да Му останеш верен, дури и во мали нешта, затоа што на оние што се верни во малите нешта им е ветено: „Влези во радоста на господарот свој“.


Автор: јеромонах Методиј (Савелов-Јогел)
Извор: „Пред очите на Божјата правда“ / bogonosci.bg


За Преминпортал Симеон Стефковски

 28.08.2023 лето Господово