TVIT806

МОЛИТВЕНАТА ТИШИНА

                    Молчанието е злато. Ова е голема вистина. Многупати треба да замолчиш, не од малодушност но од љубов и заради заштита. Понекогаш молчанието е спас и за тебе и за другата личност.
Не е лесно да одлучиш кога да зборуваш, а кога да молчиш. Ова произлегува од расудувањето и бара многу труд. Можеби во некои случаи било подобро да замолчите, но вие сте зборувале и тоа преминало во војна. Се разбира, се случува и спротивното. Не е лесно да се донесе одлука, но не е и невозможно.
                     Има случаи кога е потребно да молчите, а по некое време да зборувате и обратно. Особено во моменти на напнатост и лутина, кога другата личност не гледа и не слуша, зборувањето не е од полза. Молитвената тишина е најдобриот лек.
Светиите ја практикувале молитвената тишина. Однадвор молчеле, но одвнатре биле соединети со Христа, така што нивното молчание „говорело“ и ги исцелувало човечките срца. Оваа тишина не била отсуство и повлекување, туку израз на љубов и исцеление.
Живееме во време кога односите помеѓу луѓето се тешки, а молчанието е често лек кој исцелува. Особено ако наоколу постои токсична личност, молитвената тишина е клучот за мирот и спокојството.
Во многу случаи, молчанието само по себе претставува дијалог. Како што се вели - да оставиш нешто настрана, во некои случаи е животоспасоносно.
                   Колку пати сме молчеле, но како да сме кажале се? Колку пати сме молчеле со уста, а сме „зборувале со очи“?
При нашите посети на Света Гора многупати сме имале поголема полза од молчанието на светиите отколку од многуговорливоста. Таа молитвена тишина извршила внатрешна операција на нашето срце, а потоа сме почувствувале дека нешто се случува во нас, иако другиот човек не проговорил ниту збор! Но, тој зборувал во твоето срце со молитвената тишина, што е плод од подвижништвото и љубовта Христова.
               Сите овие работи, кога се прават со проникливост и се плод на молитвата и љубовта, можат да спасат одредена ситуација. Без расудување можеш да убиеш дури и со едно „те сакам“.
Многу е важно да го завршите денот и да заспиете без да повредите некого. Да не постои човек кој го загубил сонот затоа што сте го повредиле, но да постојат луѓе кои се сеќаваат на вас и се насмевнуваат затоа што сте им помогнале на некаков начин. Колку е тоа благословено!

TVIT805
             Зборовите што излегуваат од нашата уста можат да прегрнат или да убијат една личност, па затоа е неопходна расудливоста. Тие можат да создадат неизлечива рана или да ја запечатат љубовта засекогаш. Затоа е неопходна уметноста на зборот! Но, откако станавте љубов, тогаш, што и да кажете, што и да правите, сè зборува и станува Христос! „И веќе не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,20), ни вели апостол Павле.
Вашиот поглед, вашиот живот, вашето однесување, вашите зборови не само да зрачат со Христос, туку и да ги преобразуваат другите.
Да бидеме внимателни. Да се молиме и да живееме со Христа, а потоа да споделиме збор-два со внимание и љубов.

 

Автор: о. Спиридон Скутис / bogonosci.bg


За Преминпортал Симеон Стефковски

 

16ти септември 2023 лето Господово