ЕСХАТОНОТ И РАДОСТА

Za.Shmeman.

 Za.Shmeman.1

ЕСХАТОНОТ И РАДОСТА
Од отец Александар Шмеман до преподобниот Порфириј Кавсокаливит

Za.Shmeman.2

                   Човекот е создаден за радост и блаженство на царството Божјо (Мт. 25:21). Првенствено Божјиот план за создавање на човекот не содржел болка, страдање и смрт, туку екстатичност и полнота на животот. Бог слободно и со љубов избира да му даде на човекот и на целото создание учество по благодат во Неговото вечно блаженство. Тоа е онтолошката вистина на човекот и на создавањето на светот, односно учество во Божјата радост.
                Затоа светиот апостол Павле зборува за радоста како плод на Светиот Дух (Гал. 5:22-26). Затоа што јавувањето на последните времиња, односно на царството Божјо во историјата, е дело на Светиот Дух. Тој го внесува во човечкото битие опитот и присуството на радоста, покажувајќи дека тоа не е историски производ или човечко достигнување, туку благодат и Божјо делување.
Затоа радоста е онтолошки и есхатолошки настан кој доаѓа од иднината, осветлувајќи ја сегашноста на нашите животи. Радоста во овој свет е дело на противречност, дело на крајниот протест против болката и страдањето, против едно болно и гладно дете, во крајна линија против присуството на смртта. Радоста не може да биде производ на овој свет, никој не може да се насмее пред страдањето и смртта. Нема место за радост, апатија или стоицизам пред смртта.
                   Христос, за разлика од Сократ, не ја прифаќа смртта без негодување, како природен настан за човекот и тоа е така затоа што не ја смета за дел од Божјото создание. Радоста не е од овој свет, но таа е посведочена во животот на верниците како парусија ( присуство ) на Светиот Дух. Секој пат кога се смееме, сведочиме за Светлината што доаѓа од иднината како одговор на сегашноста. Сведочиме за радоста не поради тоа што сме, туку поради тоа што ќе станеме.

Za.Shmeman.6


            Оваа есхатолошка радост и убавина ја пренеле во нивниот живот и дело двајца големи црковни личности, о. Александар Шмеман и преп. Порфириј Кавсокаливит.
              Нивното сведоштвото на еден апсолутен начин ни покажува дека радоста е критериум на здравата христијанска духовност. Онаму каде што ја нема радоста, отсутен е и Бог, без тоа да води и до отсуство на проблеми и маки во животот. Како што забележува о. Александар Шмеман, „Изворот на лажната религија е неможноста да се радуваме, поточно отсуството на радоста. Радоста е апсолутно важна затоа што несомнено е плод на Божјото присуство. Не е возможно некој да знае дека Бог постои а да не се радува...“
Христијанскиот живот не може да се идентификува со намргоденост и злочестие, со негација на животот и даровите на Божјото создание. Духовноста која го поништува и не го преобразува животот и созданието не може да биде христијанска. Да не заборавиме дека едно од најголемите обвинувања против христијанската црква беше дека ја изгубила радоста на Духот, заменувајќи ја со нејасно нематеријално метафизичко искуство. „Само како радост Црквата триумфираше во светот и го загуби светот кога ја изгуби и радоста...“ (За животот на светот)
                    Духовноста на о. Шмеман и преп. Порфириј не е ниту нематеријална ниту бестелесна, туку е отелотворена. Св. Порфириј вели: „Радувајте се на сè што не опкружува. Сè нè учи и води кон Бога. Сите работи околу нас се капки на Божјата љубов. И живите и неживите, и растенијата, и животните, и птиците, и планините, и морето, и зајдисонцето и ѕвезденото небо. Тоа се малите пројави на љубовта, преку кои стигнуваме до големата Љубов, до Христос“ (2). И за двајцата, аскетското одрекување од светот се бори против мудроста, која ги претвора силата и власта во идол, против владеењето со материјата на штета на духот а во никој случај против Божјото создавање на светот.
                Секаков презир, понижување или противречење на создавањето е демонски чин и хула против Самиот Бог. Според о. Александар Шмеман: „Лажниот аскетизам, без исклучок, живее гнасејќи се од плотта, светот, животот. Се храни со презир, учествувајќи во богохулењето на демонот против создавањето“ (3). Напротив, во Црквата создавањето на тварта е извор на радост и благослов, повик за живот и заедништво, во кои човекот е повикан да ги живее даровите на светот, принесувајќи ги како Евхаристија (благодарење) на Бог. Затоа, во Светата Евхаристија, која е центар на црковниот живот, човекот преку Христа во Светиот Дух го воздигнува целото создание кон Бога Отецот. „Целото создание е создадено за да го открие и објави Царството Божјо... Евхаристијата е влез на Црквата во радоста на нејзиниот Господ“ (За животот на светот).
                 Но, оваа есхатолошка радост не е идеја или емоција, туку личност. Радоста во Црквата извира од односот со една личност, Христовата. Не може да постои радост кога сè е заплашено од ништавилото на смртта. Затоа, Христос е причината и изворот на радоста, бидејќи само Тој го ослободува човекот од оковите на смртта, настан кој во својата апсолутна форма ќе се појави во есхатонот на историјата (1. Кор. 15:56). Така за о. Александар Шмеман „единствено важно нешто во животот е тоа што ја разрушува смртта, поточно не „тоа“ туку „тој“ - Христос. Несомнено, има само една радост: да Го познаеш (Христос) и да Го споделиш со другите“ (Дневникот). А св. Порфириј вели дека „Христос е радоста, вистинската светлина, среќата. Христос е нашата надеж. Од таму извира радоста... Радоста е Самиот Христос. Радост што те прави поинаков човек...“ (Живот и слова).
Оваа последна радост на соединувањето на сè, видливо и невидливо, разбирливо и воочливо, со Христос во царството на Отецот, иако веќе присутно, доаѓа и како ветување и како полнота. Есхатонот влегува во сегашноста на нашиот живот, преку Светиот Дух, преку секојдневните дела и искуства. Со други зборови, човечкото секојдневие е исполнето со капки и моменти на вечноста способни да го нахранат нашето постоење со смисла.
                   За о. Александар Шмеман и преп. Порфириј ова искуство не го поништува овој живот заради некаков друг, туку го преобразува во место за средба со Бога. Тоа не е ниту привилегија на духовна елита, туку можност за сите луѓе и созданија. Св. Порфириј ги поттикнува луѓето да живеат и да уживаат во сè без да го криминализираат животното искуство: „Сè е свето, и морето и капењето и јадењето. Уживајте во се. Сè нè збогатува, сè нè води кон големата Љубов, сè нè води кон Христос...“ (Живот и слова). Отец Александар Шмеман среќата ја препознава во наједноставните и најочигледните нешта, кои кога ги презираме или понижувачки поминуваме покрај нив, правиме грев: „Доста го почувствував мојот грев, што не ја прифаќам, со други зборови, реалноста на мојот живот и дека не останувам верен во нештата што изгледаат безначајни. Мораме да го прифатиме секој ден и сè во него како дар од Бога и секој ден да го преобразуваме во радост“ (Дневникот).
                  Така станува јасно дека радоста е онтолошки и есхатолошки настан што верникот го претвкусува во Светата Евхаристија и последователно во секојдневниот живот: „изворот на есхатолошката светлина на воздигнувањето на целиот живот е Светата Тајна Евхаристија...“. (Дневникот). Отец Александар Шмеман верува дека есхатологијата е одговорот на Црквата на суровите и болни прашања на нашето време. Тоа е радоста што ја победува светската тага, ослободувањето од скршеното минато и предавањето на полнотата на иднината. Како што забележува во неговиот „Дневник“: „Христијанството останува исклучиво „Константиново“, па оттука и неговата срамна немоќ. Единствената можност што постои е есхатологијата. Постојано мислам дека токму оваа есхатологија на христијанството вклучува толкување на сè: на животот и смртта, на падот на развиениот свет, на страшното заживување на исламот, на тајната на Русија, на екологијата, на психологијата, на сè. "
               Секој усилба на Црквата да убеди, имајќи ја како појдовна точка историјата, преминува во идеологија, мириса на крв и смрт. Само есхатонот, како радост на Царството Божјо, може да биде одговор за еден распнат свет кој копнее по Воскресението. Впечатливи се зборовите на Достоевски во делото Злосторство и казна, каде последниот збор, за несреќните и намачените од овој свет, не го има историјата, туку есхатонот и Воскресението: „сакаа да зборуваат, но не можеа. Очите им се наполнија со солзи. Беа бледи и слаби, но на нивните згмечени лица сега трепереше зората на новата иднина, на целосното воскресение во еден нов живот...“.

 

Отец Харалампиј Пападопулос / Извор: sveticarboris.net
Подготвил: Симеон Стефковски

 

Април 2024 лето Господово