Vecerna.Ksenija.jpg

Штетноста на гордоста

Во 9.век во градот Едеса на епископскиот престол се наоѓал големиот Божји угодник, свети Теодор. Во тоа време, во близината на градот, се подвизувал прекрасниот столпник, по име Теодосиј. Тој бил духовен човек, а за своите високи монашки подвизи од Бога бил надарен со дарот на прозорливоста. Едескиот епископ честопати доаѓал кај столпникот за да води со мено духовни разговори. Еднаш свети Теодор го запрашал:
 -Колку години веќе стоиш на тој столп? Во името на Бога, те молам, раскажи ми за целиот твој живот!
Старецот, откако длабоко воздивнал, заплакал и рекол:

 Бидејќи ме замолуваш, владико, во името на Бога сè ќе ти раскажам. Но, ти до мојата смрт некому не раскажувај за ова, кое јас ќе ти го откријам.
Јас од светот се одреков, заедно со мојот постар брат Јован, уште во својата младост. Ние заедно поживеавме во еден манастир три години. Таму во нас се распали желба за постински живот, и ние, откако зедовме благослов, се оддалечивме во пустињата покрај Вавилон. Таму најдовме две пештери, раздалечени една од друга и во нив се населивме, каде што живеевме во безмолвие и одделно се молевме. За храна ни служеа пустинските билки и плодови. Во сабота и недела се собиравме на општо пеење и молитва, а после тоа повторно се разделувавме, и секој од нас се оддаваше на молитва и богомислие. Ако случајно се сретневме во пустињата, ние ги менувавме своите правци за да не   се  собираме заедно. Честопати Ангел Господен доаѓаше при секој од нас за да нè утешува.

Еден ден јас одев низ пустињата, молејќи се и барајќи храна, и оддалеку го здогледав својот брат. Тој врвеше спокојно, но одеднаш уплашено застана, со погледот вперен во земјата. Извесно време стоеше, потоа се прекрсти и го прескокна местото што беше пред него, како да прескокнуваше некаква замка, и побегна во својата пештера. Јас се вчудоневидив, како на големиот скок, така и на брзото бегство на мојот брат и отидов до она место за да видам какво зло здогледал мојот брат што така брзо побегна. Кога дојдов до местото, видов еден куп истурено злато. Направив молитва, ја соблеков својата мантија и во неа го собрав истуреното злато и со голема тешкотија успеав да го донесам до мојата пештера. На братот ништо не му кажав. После тоа отидов во градот и купив една голема куќа со убави соби и чиста дова, изградив црква, уредив манастир и собрав 40 монаси. Изградив зграда за прием на туѓинци и болница, каде ќе бидат прибирани туѓинци и болни, купив ниви и имоти и откако го уредив сето тоа, најдов и еден добар маж за управник, кого и го поставив за игумен на манстирот. Останаа уште две илјади жолтици. Илјада му врачив на игуменот за манастирските потреби, а другите илјада ги раздадов на бедните, а за себе не задржав ниту една жолтица. После тоа, го целивав игуменот, се збогував со нив, и повторно се вратив во пустињата за да го побарам својот брат.

Врвејќи низ пустињата, во моето срце се провлекоа високоумни мисли за себе. Јас почнав со гордост да мислам дека мојот брат не можеше да устрои никакво добро со пронајденото злато, а јас, погледај, колку големо и благородни дело извршив! Така размислувајќи, се приближив до она место, каде живееше мојот брат. Но, високоумните помисли сè повеќе и повеќе ме надвладуваа. И во своето самомислење, јас констатирав дека сум многу подобар од мојот брат. Тогаш ме сретна Ангелот, кој претходно ме посетуваше. Откако ме погледна со строги очи, тој гневно ми рече:
- Зошто високоумствуваш за себе  и со горди помисли се возвисуваш пред својот брат? Вистина ти велам, дека целиот твој труд за ова време – и градењето на црквата, и уредувањето на манастирот, и сè што си направил, не може да се спореди со оној скок на твојот брат, со кој го прескокна купот со злато, зашто со него тој не го прескокна златото, туку онаа голема провалија, која го дели богатиот од сиромавиот Лазар. Тој летна со лесни крилја и сега го чека крилото Авраамово... Впрочем, нема никакво сомневање дека твојот брат е подобар пред Бога. Ти нема да го достигнеш неговото совршенство, макар и во гордоста да мислиш дека си посовршен. Затоа, додека си жив, нема да го видиш неговото лице, ниту, пак, мене ќе ме видиш повторно, сè додека не го умилостивиш Бога со многу солзи.

Откако го рече тоа, Ангелот се изгуби од моите очи. Јас се упатив кон пештерата од мојот брат, но таму не го најдов Јован. Тогаш јас започнав да викам и силно да плачам, сè додека од плачење не исчезнаа моите сили. Седум дена поминав во такво плачење и ете, најпосле, го слушнав гласот на Ангелот, кој од далеку ми зборуваше:
  - Ти треба да одиш покрај градот Едеса и таму ќе се искачиш на столб и да живееш во покајание, сè додека Бог не се смилува на тебе.
 Јас излегов од пустињата со силно плачење, дојдов тука, се искачив на овој столб и 49 години поминав на него, борејќи се со своите безбројни помисли, кои како темен облак се надвиснале над мене. Некаква неутешна жалст го исполнуваше моети срце. Во педесеттата година, една саботна вечер, пријатна светлина изгреа во моето срце и го растера облакот на помислите. Целата ноќ ја поминав без сон, молејќи се со умилно срце и поросувајќи се со утешителни солзи. Во неделата наутро, кон третиот час, во моментот кога јас ги пеев псалмите на кои им е редот, одеднаш пред мене застана светлиот Ангел и ми рече:
  - Мир на тебе и спасение!
 Јас почувствував утеха во своето срце, паднав на земјата и со солзи реков:
  - Зошто ме отфрли од своето лице? Зошто ме оддели од мојот брат? Ете, досега лежам, страдајќи од многу неволји.
 Ангелот ме фати за раката, ме исправи и ми рече:
  - Од тебе опстапив заради твоето високоумие, зашто во својата свест го понижи својот брат. Но, јас сосема не те напуштив, зашто преку целото време невидливо бев со тебе и те чував како што Бог ми заповеда. Сега, откако целосно се смири, Бог си спомна за тебе и ме испрати да пребивам со тебе на јаве, и одве и во идниот живот. Ете, Бог ти ја дава благодатта на прозорливоста... Твојот брат е жив  и постојано се моли за тебе, но ти ќе го видиш во безсмртниот живот.
 Едескиот епископ, откако го слушнал сето тоа, го прославил Бога, Кој мудро ги избавува Своите слуги од сите гревови.

 

Извадок од книгата “Гордост и смириние” 
од Архимандрит Серафим

Слава на Троичниот Бог за сè!

 

Подготвил:
богослов Стојанче Андов