Stefan.V.CHetvtok.jpg

Православна духовност - определба
Уште на самиот почеток непоходно е да се дефинираат поимите “православие“ и “духовност“. Очигледно е дека не може да зборуваме за православна духовност ако не знаеме што точно означуваат тие зборови. Така всушност постапувале и светите отци на Црквата.
Во својата книга "Извор на знаењето", поточно во првата глава "Философски глави", св. Јован Дамаскин ги анализира поимите: суштина, природа, ипостас, лице и т.н. Сите овие зборови можат да бидат толкувани на многу начини во зависност од контекстот, па затоа тој го објаснува нивното значење.
Определбата “православна“ (ὀρθόδοξος) доаѓа од зборот “православие“ (ὀρθοδοξία) и ја покажува разликата помеѓу Православната црква и секоја друга христијанска заедница. “Православие“ означува вистинско познание за Бога и творението. Тоа е определбата што ја дава св. Анастасиј Синајски: “Православието е правилен поглед за Бога и творението, вистински поим за сè, учење за тоа што постои, такво како што навистина е . Поимот “православие“ (ὀρθοδοξία) вклучува: “право“ (ὀρθή- вистинско, правилно) и “слава“ (δόξα). Δόξα (докса) означува од една страна “верување“, “вера“, “учење“, а од друга - “прослава“ или “славословие“. Тие две значења се многу блиски. Вистинското учење за Бога во себе вклучува вистинска прослава, зашто ако Бог е “апстрактен“ (апстракција) тогаш молитвата кон таков “Бог“ ќе биде апстракна; ако Бог е личност тогаш молитвата придобива личен (дијалошки) карактер. Бог ја објавил вистинската вера, вистинското учење. Затоа кажуваме дека учењето за Бога и сè она што го засега човечкото спасение е Божјо откровение, а не човечко откритие.
 Бог ги предал (открил) тие вистини на луѓето што биле готови (подготвени) да ги примат. Јуда го опишува тој момент, кажувајќи: “Да се подвизувате за верата, еднаш за секогаш предадена на светиите“ (Јуда, 3). Во овој цитат, како и во многу други, сврзани со него, јасно се гледа дека Бог Себе си се открил на светиите, т.е. на оние што достигнале равниште на духовно израстување со кое се во состојба да го примат тоа откровение. Светите апостоли прво биле “излекувани“, а потоа го примиле откровението. Тие на своите духовни чеда тоа (откровението) го предале не просто проучувајќи (διδασκαλικά) но нај-повеќе “тајнодејсувувајќи“ (μυστηριακά) непосредно со духовното раѓање. За да биде запазена таа вера, светите отци ги формирале веро-определбите и догматите. Ние ги примаме тие догмати и веро-определби; со други зборови, верата на откровението, и живееме во Црквата за да може да бидеме “излекувани“. Затоа од една страна верата е откровение за оние кои се очистени и излекувани, а од друга - правилниот пат со кој достигнуваме “исцеление“.
 Зборот “духовност“ (πνεβματικότης) доаѓа од “духовен“ (πνεβματικός). Во тој смисол духовноста е состојба на духовниот човек. Духовниот човек има определено поведение и определен начин на мислење; се раководи од мотиви непознати за недуховните луѓе.
 Духовноста во Православната црква не е еден апстрактен религиозен живот, нити пак е плод на психичките сили на човекот. Таа не е апстрактен религиозен живот, зашто Црквата е Тело Христово, а не просто религија која теоретски верува во некаков Бог. Второто Лице на Света Троица, Логосот Божји, заради нас прими човечка природа, ја соедини со Својата Ипостас на Божествената природа и стана Глава на Црквата. Затоа Црквата е Тело на Богочовекот Христос. Духовноста, не е една од пројавите на енергиите на душата како што тоа се: расудувањето, сетилата, гневот и др. На тоа треба да се обрати посебно внимание, зашто за жал денес мнозина ја пришиваат етикетата “духовен“ кон човек кој ги развил своите интелектуални способности: научникот, артистот, уметникот, поетот и т.н. ... Слична споредба не може да биде прифатлива за Православната црква. Се разбира, немаме ништо против научниците, уметниците и т.н. ..., но не може да ги наречеме духовни луѓе во строго православниот смисол на зборот.
 Во учењето на св. апостол Павле духовниот човек е разграничен од душевниот. Човекот што во себе ја има енергијата на Светиот Дух е духовен, додека душевен е тој човек кој има тело и душа, но не го придобил Светиот Дух, Кој е живот на душата. “Душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да сознае, зашто за тоа треба да расудува на духовен начин. Духовниот човек пак испитува сè, а него никој не го испитува“ (1. Кор. 2:14-15).
 Во истото послание апостол Павел покажува разлика меѓу духовниот и плотскиот човек. Плотски човек е тој кој го нема Светиот Дух во своето срце, но ги поседува другите психосоматски функции на човечкото битие. Ете зашто е очигледно дека терминот “плотски“ не се однесува просто кон телото, а кон душевниот човек кој е оддалечен од Пресветиот Дух и кој во своите дејствија се идентифицира единствено со својата така наречена “биолошка ипостас“. “И јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, но како на телесни, како на младенци во Христа. Со млеко ве напоив, не со тврда храна, зашто уште не можевте да ја поднесувате. А ни сега не можете, зашто сте уште телесни. Не сте ли телесни и не живеете ли како обичните луѓе, штом меѓу вас има завист, спорови и поделба?“ (1 Кор. 3:1-3).
 Ако цитираниот пасаж го соединиме со другите кои се однесуваат на христијанското осиновување по благодат, ќе се увериме дека според апостол Павле, духовен е оној човек што станал син Божји по благодат. “И така, браќа, ние не сме му должни на телото, та да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате работите на телото, ќе бидете живи. Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: "Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји“. (Рим. 8:12-16)
 Од овие зборови следува дека, духовен е човекот кој сведочи за Светиот Дух во своето срце и со сигурност чуствува дека е обиталиште на Троичниот Бог. На тој начин разбира јасно дека е син Божји по благодат и во срцето си вика: “Ава Оче!“ Согласно со сведочењето на светите отци тој срдечен зов (повик) е всушност срдечно-умната (καρδιακή-νεορά) молитва.
 Кога го поставуваме прашањето што означува човек да стане храм на Светиот Дух, св. Василиј Велики боговдахновено учи дека таков е човекот кој не се тревожи од искушенијата и секојдневните грижи, а го следи Бога и општи со Него. Тоа поконкретно означува дека духовен е оној човек кој во себе го има Светиот Дух и е утврден од постојаното спомнување за Бога .
 Согласно со св. Григориј Палама, како што човекот надарен со разум, се нарекува разумен, така и човекот обогатен со Светиот Дух, се нарекува духовен. Последниот, според св. Григориј Палама е “нов човек“, обновен од благодатта на Пресветиот Дух.
 Истиот став го споделуваат и други св. отци. Св. Сименон Нов Богослов за тоа кажува дека човекот кој е благоразумен, воздржан, смирен и кој се моли и предстои пред Бога “оди во Духот“. Тој е духомен човек par exellence.
 Согласно св. Симеон Нов Богослов, кога кај некој човек умната и интелектуална страна од душата не се облечени во образот на Христа, човекот е плотски, зашто не поседува осет (чуство) за духовната слава. Тој плотски човек е како слепец што не може да ја види сончевата светлина. Така, со тоа плотскиот човек истовремено е и слеп и безживотен. Напротив, духовниот човек кој учествува во енергиите на Светиот Дух, е жив во Бога .
 Како што спомнавме пред тоа дека општењето со Пресветиот Дух го прави плотскиот човек духовен, па затоа, согласно според православното учење, духовниот човек е свет par exellence. Поточно кажано светец е тој кој со многуобразни начини учествува во нетварната Божја благодат, во обожувачката Божја благодат и енергија.
 Светците се носители и изразители на православната духовност. Тие живеат во Бога и Го следат не отстапувајќи од Него. Затоа кажуваме дека православната духовност не е апстракна, а е воплотена во лицата на светците. Од тука следува дека светците не се просто добри, висококарактерни личности во конкретниот смисол на тој збор, или просто такви кои се добри по карактер, а луѓе во кои дејствува Светиот Дух. Располагаме со доволно докази за постоење на светците. Би сакал да спомнам две од нив: Првото е нивното православно учење. Светците го примале и го примаат Божјото откровение; тие го живеат и изразуваат (предаваат). Светиите се непогрешлив критериум за вселенските собори. Втор доказ се нивните свети мошти. Постоењето на светите мошти сведочи дека Божјата благодат со посредство на умот го преобразува телото и последното исто така учествува во Пресветиот Дух.
 Основното значење (задача) на Црквата е да го води човекот кон обожување, општење и соединување со Бога. Во тој смисол ние може сигурно да кажеме дека делото на Црквата е “да создава мошти“.
 И така православната духовност е опит во Христос, атмосфера на новиот човек прероден од Божјата благодат. Тука не станува збор за апстракно емоционална или психолошка состојба, а за единство на човекот со Бога.
 Во тие рамки, може да определиме некои карактеристики на православната духовност.
 На прво место, таа е христоцентрична - Христос стана единствениот лек за луѓето, поради ипостасното соединување на божествената и човечка природа во Неговото Лице. На второ место, таа е троичноцентрична, така што Христос секогаш е соединет со Отецот и Светиот Дух. Сите тајни се извршуваат во името на Троичниот Бог. Така што Главата на Црквата, Христос не може да биде замислен надвор од неа. Затоа православната духовност е црковноцентрична, така што ние во Црквата можеме да влеземе во општење со Христос. На крај, како што ќе објасниме понатаму, православната духовност е светотаинствена и подвижничка.


Извадок од: Православна духовност, архим. Јеротеос Влахос.
Праксис В. Търново. 2005. Наслов на оргиналот: Άρηιμ. Ίεροθέος Βλάχου ΜΙΚΡΑ ΕΙΣΟΔΟΣ ΣΤΙΝ ΟΡΘΔΟΞΗ ΠΝΕΒΜΑΤΙΚΟΤΗΤΑ


Превод: Ристески Борис Гоце