МОЛИТВАТА СО ИСУСОВОТО  ИМЕ Е ПРИМЕНЛИВА ВО СИТЕ ОКОЛНОСТИ   (3)
(Архимандрит Софроније)

starec.Sofronij.freska.jpg
Нашето раѓање, а потоа растење на земјата, не е ништо друго туку  креативен процес, за време на кој што ја усвојуваме вистината во мера која што ни е достапна  и во надеж дека спознанијата кои што тука не се довршени, ќе бидат доведени до совршенство кога ќе прејдеме во другиот облик на постоење.

Кога во нашето духовно видение  сите проживеани искуства ќе се слеат во единствениот центар на нашата личност; кога во нашиот дух ќе се соединат  во реалноста  која што сме ја запознале и мрачниот пекол и Нетварната Светлина, ние почнуваме да го сфаќаме значењето на Името  - Исус, т.е. Спасител.
Тој, Кој што е Беспочетна Светлина, се унизил Себе си земајќи го Образот на слуга, слегувајќи во пеколот како би го избавил Адама.

 И ние сега Го призиваме во молитва:
„Исусе, Сине на Живиот Бог, помилуј не нас и Твојот свет“.


Божјото Име  откриено на луѓето послужило како врска помеѓу Бога и нас.
Со Божјото Име, подобро речено, со Божјите Имиња, во Црквата се вршат сите Свети Тајни.
Во Името на Бога треба да се извршува секое човечко дело.
Низ призивањето на Името на Севишниот, Неговото присуство постанува живо, постојано доживувано; срцето е мирно, кога  она што го правиме е по волја на Господа, а при секое скренување на било која страна од вистината , тоа чувствува извесна „нелагодност“; на тој начин, во молитвата имаме вечно будна контрола над секој покрет на нашиот дух; ниедна мисла, ниеден збор, тоа не може да го одбегне. Оваа последица на  непрестајната молитва овозможува нашите гревови да ги сведеме на возможен минимум.
„Господи Исусе Христе, Сине и Слово на Живиот Бог, помилуј не“!

„Удостој не, Господе, овој ден да се сочуваме од гревот“,  - вака да се молиме наутро. Меѓутоа само истенченото присуство на Духот Божји во нас ни дава можност да пребиваме во вистинско внатрешно трезвеноумие.
„Никој не може да рече: Исус е Господ, освен преку Духот Свет. (1 Кор.12,3).

Повторно се уверуваме дека со свесното призивање на Името Господово ние се избавуваме од грешките во нашите дела и зборови:
 „Господи Исусе, Ти си Светлина која дојде да го спаси светот; просветли ги очите на умот на срцето мое, како би можел без сопинање, како при дневна светлина, да одам пред Твоето Лице“ (Јн.11,9-10).


За да може творештвото на молитвата да доведе до оние резултати за кои што со толкаво воодушевување говорат нашите отци и учители, неопходно е да го следиме нивното учење. Првиот услов е верата во Христа како Бог Спасител;
другиот - свесност за себе си како за грешник кој што е на патот да пропадне.
 Таа свест може да достигне таква длабочина и  човекот себе да се чувствува како најлош од сите, што му се чини очигледно не заради низвршените надворешни постапки, туку заради увидот за сопствената одалеченост од Бога - која е потенцијален носител на секое зло..

Што повеќе се смируваме во болно покајание, тоа побрзо нашата молитва достигнува до Бога. А кога го губиме смирението, никакви подвизи нема да ни помогнат. Делувањето на гордоста во нас, осудувањето на братот, воздигнување над ближниот и нетрпението спрема него - не отфрлаат далеку од Господа.


Ние му приоѓаме на Бога како последни грешници. Искрено се осудуваме себе си за се.
 Ние ништо не се замислуваме, ништо не бараме, освен простување и милост.
Таква е нашата внатрешна состојба.
Ние само Го молиме Бога да ни помогне со своите гнасни страсти да не го повредуваме Светиот Дух; на својот брат (на секој човек) да не му чиниме никакво зло.
 Се осудуваме себе си како недостојни за Бога - на пеколни маки.
 Ние не очекуваме никакви особени дарови Одгоре, туку единствено со сите сили тежнееме да ја запознаеме вистинската смисла на Христовите заповеди и да живееме во склад со нив.
Ние извикуваме:

„Господи, Исусе Христе, Сине божји, помилуј не нас и Твојот свет“.

И Господ не слуша и ни испраќа спасение.  И секој што го призива Името Господово  (во такво духовно расположение) ќе се спаси (Јоил2,32).

Појкајте се (Мт. 4,17).

Потребно е  најсериозно да го прифатиме  овој Христов повик: радикално да го промениме нашиот внатрешен живот и нашето сфаќање за светот, нашиот однос спрема луѓето и спрема секоја појава од тварното постоење; да не ги убиваме непријателите, туку да  ги победуваме со љубов;
секогаш да имаме на ум дека не постои апсолутно зло;
апсолутно е само беспочетното Добро.
И ова добро ни е заповедано:
 Љубете ги непријателите свои...правете им добро на оние што ве мразат....бидете совршени како што е Совршен вашиот Отец Небесен.
 Нема човек во кој што не би била присутна во поголема или помала мера, Светлината - зашто Бог Го осветува секој човек кој што доаѓа на светот.
 Заповедта  „не се противете на злото“, е најефикасниот облик на борбата против злото. Кога луѓето насила се спротивставуваат со истите средства на кои прибегнува и оној кој што чини неправда, тогаш расте динамиката на светското зло.
Убиството на невините, често пати на невидлив начин ги преместува моралните сили на човештвото, на страната на она ДОБРО за која што невиниот човек пострада.
Сосема е поинаку кога од двете страни ќе настапи иста, недобра тенденција да се доминира.

Победата  со физичката сила  не трае вечно. Бог, бидејќи е Света и чиста Светлина, отстапува од престапниците; овие пак, отпаѓаат од единствениот извор на  животот и умираат:
Не одмаздувајте се возљубени за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: Одмаздата е Моја. Јас ќе отпалтувам - вели Господ. Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро. (Рим 12,19 и 21).

Луѓето, носителите на релативната вистина, во фанатичната борба за победа на своите идеи, ја разбиваат севкупноста  на постоењето и како краен резултат на сопственото делување, предизвикуваат општа пропаст.
Во својата заслепеност, тие ги апсолутизираат позитивните аспекти на својата политичка доктрина и  подготвени се да го отстранат секого, кој што би сакал животот на  вселената да го види заснован на подобри, на  похумани принципи, пред се секако на заповедите Христови,  - убиен затоа што проповедаше љубов.

Во современиот свет евангелските зборови Христови добиваат исклучително  актуелен карактер:
 „Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите оти сето тоа треба да биде... Тогаш... вас (Христијаните) и ќе бидете мразени од сите народи заради Моето Име... и бидејќи безаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади...и тогаш ќе дојде крајот. (Мт. 24,6-14).
„Господи Исусе Христе, Сине  Божји, помилуј не нас и твојот свет“.


Светот е целиот во  спорови: помеѓу државите со различни општестевени уредувања; помеѓу расите и класите;  верувања и идеолигии... При современите сретства на масовно уривање и уништувања, сите и на секое место живеат „во очекување на несреќи, што надоаѓаат врз светот“ (Лк.21,26).

И еве, стоиме пред клопчето на нерешливите парадокси. Од една страна не можеме да останеме мирни, зашто му припаѓаме на човечкото семејство чии што судбини во многу што се заеднички; од друга страна се Христовите зборови: 
„А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“ (Лк. 21,28).

Овде не е место поподробно да се задржуваме на опишување на состојбата  на апокалиптичката напрегнатост која  што е веќе создадена, - но нема да го оставиме моќното оружје кое што ни го даде Господ - молитвата:

„Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј не нас и Твојот свет“.

И додека тоа биде практично возможно, нема да го оставаме извршувањето на литургиската жртва.

И го создаде Господ Бог човекот од земен прав и му дувна во ноздрвите  дух животен; и постана човекот жива душа (Пост. 2,7).

И ние тежнееме на кај Него, измачени од желбата со Него да се соединиме за сите времиња. А Он Самиот не чека нас, со љубов.
Жедтта за Бога е постојана нијанса на нашето земно битисување; со неа и ќе умреме.

Самиот Христос во моментот на својата смрт на крстот воскликна: Жеден сум. Тој беше и „гладен“ (Мт.21,18), и жеден,  и тешко му беше (Лк.12,50), и се тоа немаше да биде да го познаевме Бога.

И нам ни е тешко на земјата, ожалостени сме од непрекинатите кошмарни призори на насилство, убиства, омраза, па копнееме да дојдеме кај Отецот, и го призиваме Името на Неговиот Единороден Син:

„Господи, Исусе Христе, Сине Божји помилуј не“.
Тогаш им го отвори умот да ги разбираат Писмата , и им рече:    така  е напишано и така требаше да пострада Христос; и да воскресне од мртвите по третиот ден. И да биде проповедано во Негово Име покајание и проштевање на гревовите кај сите народи... (Лк. 24.45,47).

Ако Неговото Име нам ни пружа радост во спознавањето на  љубовта на Беспочетниот спрема нас, тогаш секако ќе го засакаме самото тоа Име. Во него е содржано устројството на тајната, од вечноста сокриена во Бога,  Кој создава сè, преку Исуса Христа... што  нè избра во Него пред постанокот на светот да бидеме свети и непорочни пред Него, во љубовта, предодредувајќи нè себеси за восиновување низ Исуса Христа (Еф.3,9; 1,4-5).
„Господи Исусе христе, Сине Единороден помилуј не“.

Долгогодишната молитва толку многу ја преобразува нашата падната природа, што таа постанува спремна да го прими осветувањето низ Вистината која ни се открива; и тоа пред да го напуштиме овој свет. (Јн 17,17).
„Господи Исусе, помилуј не“.

Неизмерната големина на задачата која што стои пред нас, не плаши нас. Речено ни е дека Царството небесно се освојува со напор и дека подвижниците го задобиваат (Мт.21,10), а моќта на осветувањето која истекува преку Името се уште нејасно се чувствува, Секој понатамошен напредок нужно се врзува за се подлабока свест за гревовноста која што не доведува до очај. Тогаш ние со се повеќе енергија го призиваме чудесното Име:
„Исусе Спасе мој, помилуј ме“.

Светото Предание, најдрагоценото наследство кое што Самиот Бог нам ни го предаде преку апостолите и отците на Црквата, не учи да пребиваме во духовно сиромаштво, свесни за гревовната смрт која што е присутна во нас и која неможеме да ја порекнуваме, ако навистина тежнееме да стоиме во Вистината.
Ако кажеме дека немаме грев се лажиме сами себе и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме гревовите свои Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да не очисти од секаква неправда. Ако, пак, речеме дека не сме згрешиле, Него Го правиме лажец и Словото Негово не е во нас.  (1.Јн. 1,8-10).

„Господи, Исусе Христе, Сине Божји помилуј ме грешниот“.

Преведе: М. Даниловска - Мина

 

( продолжижува)
Преведе Мина Даниловска

 Друго:

ЗА МОЛИТВАТА - Архимандрит Софроније (извадок)

ЗА МОЛИТВАТА - Архимандрит Софроније

Молитва со Исусовото име е применлива во сите околности - Архимандрит Софроније