starec.Sofronij.freska.jpgМОЛИТВАТА СО ИСУСОВОТО  ИМЕ Е ПРИМЕНЛИВА ВО СИТЕ ОКОЛНОСТИ   (5)

Со тоа што сме почнале да ја сфаќаме  за нас мудрата замисла за  нашиот Творец и Бог - потстрекната е нашата љубов спрема Него и ние во молитвата чувствуваме ново вдахновение. Согледувањето на Божествената Мудрост и убавината на светот го привлекува нашиот дух кон нови успони во кои што се одвојуваме од сè што е - тварно. Ова одвојување не е никакво философско пребивање во сферата на чистите идеи,  колку и тие да се привлечни, ниту е тоа уметничко - поетско творештво,  туку е тоа обземеност на целото наше битие со енергијата на дотогаш непознатиот живот.

До издигањето на нашиот дух над сè што е тварно нè доведува Евангелието, во кое што започнуваме да го гледаме чинот на Божественото Самооткривање. Такво е влегувањето во благодатта на богословието, не како човечка наука, туку како состојба на општење со Бога.

Словото Господово ние веќе не го поставуваме пред судот на нашиот мал разум, туку самите себе се судиме во светлоста на даденото познание. Во природниот стремеж кој што следува, Евангелското слово да го направиме содржина на целокупното наше постоење, ние се ослободуваме од страстите кои што владееле со нас и со силата на Бога - Исуса,  го победуваме космичкото зло, кое што е вгнездено во нас...
 На дело спознаваме дека Он, Исус е Единствениот Спасител во  потполна смисла на зборот, а христијанската молитва после тоа се твори со непрестајното призивање на Неговото Име:

„Господи Исусе Христе, Сине Божји и Боже, помилуј нè нас и Твојот свет“.

„Голема е тајната на побожноста, Бог се јави во плот, посведочен беше  од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот му поверува и се вознесе во слава.
 (1 Тим. 3,16).
Сите сме ние наследници Адамови, кој што падна со Луциферовиот пад. Ако сме ние  Творба, а не Пра или Само-битие, тогаш е безумство да се претпостави дека можеме да постанеме „еднакви на Бога“ така што ќе го заобиколиме.
 
Основата на нашиот живот е „појавата на Бога во тело“. Ако надежта   во обожувањето е неотуѓива од нашиот дух, тогаш патот до тоа обожување   е усвојувањето на животот на Бога, кој што ни се покажа во нашиот облик на постоење; да, ние сме должни во себе да  го впиеме Неговото Слово, Неговиот Дух;
да му станеме слични во сите свои дела.
И колку е попотполна  нашата  сличност со Него во овој свет, со тоа попотполно и посовршено ќе биде и нашето обожение.  Апостол Павле повторно вели:  „ кој се соединува  со Господа (преку молитва и Причест), еден Дух е со Него (1 Кор. 6,17); затоа се молиме:

„Господи Исусе Христе, Единороден Сине на Отецот, Ти си единствена надеж наша, со себе и преку Тебе приведи нè нас при Отецот...и помилуј ме грешниот“.

Во подвигот на молитвата секој оди до мерката која што му е достапна. Не е лесно да се  пронајдеш самиот себе си, границата на сопствените сили.
 Оној што е воден преку Светиот Дух никогаш нема да престане себе си да се осудува како недостоен за Божјата милост.
 Но и таквите луѓе во моментите на тешко очајување си дозволуваат себе си привремено  да се оттргнат од работ на бездната каде што стоеле со духот, за да им дадат одмор на телото и на  психата, а потоа пак доаѓаат да стојат над провалијата.

Но, дури и кога подвижникот се одмора или се наоѓа во период на целосен мир - во длабочината на срцето секогаш стои извесна рана која што не му дозволува да се препушти на гордите размислувања за себе.
Аскетското смирение сè повеќе и повеќе се вкоренува во неговата душа и на некој начин постанува негова природа.  Жалоста и болката  се карактеристики на нашето земно патување. Без тоа, никој од синовите Адамови не може да се  утврди во смирението.
 А оној што ќе истрпи до крајот , се удостојува  со дарот на „Христовото смирение“ (Мт. 11, 29) за кого старецот Силуан зборува дека е „неописливо“, зашто му припаѓа на друг, виши план на постоењето. Стекнувањето на овој дар е возможно преку непрестајното сеќавање на Христа и молитвата Нему упатена:
„Господи, Исусе Христе, Единствен, навистина Безгрешен, помилуј ме грешниот“.

Отците не учат да се молиме со Исусовото Име, не менувајќи ја често формулата. Но, од друга страна, од време на време и тоа е потребно, за да се обнови вниманието,   така дури и би  се зајакнала молитвата, кога умот преоѓа кон богословските согледувања  или кога срцето се шири за да го опфати целиот свет во себе.

Така со Името на Исуса Христа може да се покрие секое внатрешно  и надворешно случување; на тој начин оваа  прекрасна молитва постанува сèопфатна, универзална, космичка.

Преведе  М. Даниловска - Мина

Друго:

ЗА МОЛИТВАТА - Архимандрит Софроније (извадок)

ЗА МОЛИТВАТА - Архимандрит Софроније

Молитва со Исусовото име е применлива во сите околности - Архимандрит Софроније

Молитва со Исусовото име е применлива во сите околности (3) - Архимандрит Софроније

Молитва со Исусовото име е применлива во сите околности (4) - Архимандрит Софроније