д-р Драган Михајловиќ

cavka.jpgКолку е убаво да имаш јужен сосед! Се што е топло и убаво, доаѓа од југ: ластовички, штркчиња, топли ветришта (со и без прав)... Чистата провокација „Што јужније, то тужније“ доаѓа од – север! Не наседнувајте на нивните провокации. Свртете се кон нашите јужни, топли браќа.

Со години наназад, од нашиот Јужен добиваме предлог за сложено име на нашата татковина и мајчевина. Навистина не можам да ги разберам нашите географски дезориентирани политичари! Предлогот е феноменален. Ни се нуди шанса којашто не ì е дадена на ниту една земја до сега: да имаме сложено, до бесвест комплицирано име! Пропуштањето на таа шанса ќе биде ступидна глупост.

Еве зошто.

На пример, едно сложено географско име: „Република 76 степени источно од Ипсвич, 35 степени западно од Оксфич, со просечна надморска височина 670 метри, средна годишна температура 16 степени Целзиусови (за меѓународна употреба, може и во Фаренхајтови), просечен индекс на UV зрачење 7, среден воздушен притисок 978 HPa, средно годишно ниво на врнежи 120 L/m квадратен.“ (Можеме да се спориме евентуално дали во името да влезе и податокот за ветриштата што дуваат од разни страни, но тоа суштински нема да влијае на географскиот идентитет на нашата мила државичка).

Замислете колку интересно ќе биде кога ќе треба да го изговараат името на нашата земја, на пр., на натпреварот за песна на Евровизија, при доделување медал на олимписки игри. Колку мизерно во таква пригода би звучело: „Чаталунга од Чад прескокнал 2,5 метри“. Колку бедно и просто име. Уште не си го ни изговорил до крај, а ушното тапанче престанало да вибрира.

А сигурно дека ќе не има во секој квиз (од типот „Гола вода“, „За ич пари“ и сл.). За крстозборки да не зборувам. Замислете, прашање во крстозбор: „Држава со 170 букви!“ Паловина крстозбор ќе биде резервиран за нашата земја. Цел свет ќе нè научи!
Сложено си е сложено, разбираш!

 Или, друг пример.

Во ерата на сеопштата дигитализација, би било интересно да се размисли за едно дигитално бинарно име:
„110001010010101001100101001001001010100“.

Чисто дигитално име. Никој не би можел да ни префрли дека зад него се кријат историски, географски, физиолошки аспирации... А и многу лесно се изговара: „Зиро зиро уан, уан уан зиро...“ Малку ќе биде проблем со децата во градинките, дур го научат името. Ќе има претумбации на цифри. Но, кој ќе забележи дека некаде во средината на името, наместо „...11010010011...“ детето изговорило „...11010100011...“ А, ајде нека каже „Акмедонија“! Веднаш сите ќе забележат дека е противуставно.

А, да не зборуваме за можноста за директна комуникација со вонземните цивилизации. Знаете, нели, дека во тие комуникации се е бинарно. Ние би биле првата земја којашто би комуницирала со вонземците со нашето уставно име!
 
Најмногу што би прифатиле при усвојувањето на бинарното име е да додадеме уште две нули (00), како додавка во заграда. (Срам да ви е ако ова ве асоцира на нешто! Не сте државотворни!)

А сето тоа ни доаѓа од нашите Јужни!

А што би рекле за едно име во вид на бар-код? Прва држава во Разединети Нации со бар-код име! Секој што ќе сака да го прочита нашето име, ќе мора да има бар-код читач. Ете ти перспектива за нашата електронска индустрија. Производство на државни бар-код читачи!

Замислете, на вести на CNN, спикерот зема во рака бар-код читач... раката му се тресе додека го насочува зракот на нашето бар-код именце, незнае што ќе излезе од читачот... Кога, таму, оп! – Македонија! Да ти е мило што се викаш по бар-кодовски. Еј, прва во свет бар-код држава. А какви сè опции постојат! При читањето, веднаш да ти го дава името на главниот град и на градоначалникот, па името на реката што тече низ главниот град...
Навистина, во бар-код името има и една стапица: 666! Но, јас имам доверба во нашето геополитичко раководство. Треба само баровите да се напишат на кирилица, и ете ти од 666 – три деветки. А сета таа благодат ни доаѓа од нашите Јужни!
 

Еј, Јужни, Јужни, колку сме ви дужни...!

Посети: {moshits}