Превознесувањето или себепреценувањето – Свети Теофан Затворник

(Во што се состои неговата опасност за душата)

Раздразливоста, гневот, нетрпеливоста, суетата – се разбира, сето тоа се лоши дела. Но добро е што веќе сте свесни за нивната злоба. Побарајте ги нивните причини и притиснете ги, па и овие изроди ќе пропаднат сами по себе. Погледнете има ли во вас себепреценување, односно постоење на чувство дека, небаре, претставувате нешто значајно, или, да го дефинираме со негативно одредување, отсуство на чувство дека сте никои и ништо. Тоа чувство е длабоко скриено, но тоа управува со сè во животот. Од него доаѓа првото и основно наше барање – сè да биде по наша волја, и штом не е така, роптаме кон Бога и им се лутиме на луѓето. Оттаму и уверувањето дека сме способни сè сами да направиме и устроиме, и кога ќе посегнеме по средствата за кои ќе се определиме, очекуваме дека сè ќе биде токму онака како што сме замислиле. Бидејќи своето дело го започнуваме без усрдна молитва, и на ист начин го продолжуваме, а го завршуваме со роптање доколку не е сè онака како што сме намислиле, во нас се раѓа и чувство на себедоволност, доколку сè се одвива по наша волја. Бога во сето тоа Го замислуваме како надворешен набљудувач, а не како главен актер. Значи, внимателно преиспитајте се да видите има ли нешто од ова во вашето битие, и ако има од тоа макар и во мала мера, потрудете се да го оживеете во себе чувството на својата ништожност во секој поглед. И секогаш за ова молете Му се на Господа. И што подлабоко изградете во себе и убедување, и чувство дека Господ е уредител на сè и во надворениот и во внатрешниот живот.

Без Господа ништо суштински добро не може да се вкорени во нас. Ако е така, значи дека е потребно да Му се прилепиме. Не треба да ги прекинуваме ни личните трудови и напори, но не смееме да полагаме надеж во нив; и ништо од самите тие напори не треба да очекуваме, доколку Господ не благослови.

(Азбучник на духовниот живот, том 1, писмо 120)

Превод: ѓакон Јани Мулев

Извор: Ортодоксија и ортопраксија