Св. Серафим Звездински

За бескрајната вредност на Литургијата

✣✤✣

 На земјата нема ништо подрагоцено од божествената Литургија. Кога би се собрале скапоценостите од целиот свет, кога би се ископало сето злато, сите скапоцени камења, кога од морското дно би се извадиле сите бисери, и кога сето тоа би се ставило на едниот тас од вагата, а на другиот Литургијата, дури и Литургијата што ја служи еден обичен селски свештеник во најсиромашниот селски храм, повторно тасот со божествената Литургија ќе натежне.

"Човекот не сфаќа, не е свесен каква скапоценост поседува. Не е свесен за тоа, сè додека таа среќа не му се одземе. За жал, не е својствено за човекот да го цени она што без труд го добива; тој не го цени сонцето, не го цени воздухот што го дише. Но, кога ќе му се одземат сонцето и воздухот, кога мракот ќе настапи и кога ќе нема што да дише, тогаш човекот ќе сфати што поседувал и од што сега е лишен.

Истото се однесува и на божествената Литургија. Таа се служи секојдневно; човекот има можност секој ден да оди во црква – но, не оди, а ако, пак, некогаш појде, тој обично е невнимателен, расеан, носејќи ги со себе во храмот и животните грижи. Зошто е тоа така? Па, затоа што тој не размислува што значи Литургијата, не ја сфаќа целата длабочина и целата важност на службата што се служи пред неговите очи. Но, треба да се знае дека од сите чудеса, најголемо, најнеразбирливо, најчудесно чудо е токму божествената Литургија, Евхаристијата. Само заради божествените Тајни, сонцето на небото го осветлува денот, а месечината ноќта; и ѕвездите небески ја испраќаат својата прекрасна светлина, и земјата го дава својот леб – за да послужи како светол Агнец на Престолот. Само заради божествената Литургија земјата го дава својот плод; лебот со кој се храниме, тоа се трошките од Господовата трпеза. Во Откровението, св. Јован Богослов го опишува своето видение: жена облечена во сонцето на правдата. Од бездната змејот се обидува да ѝ пушти отров. Жената бега од него во пустината, но кога и таму ќе ја стигне, тогаш таа се сокрива во пештерата. Според толкувањата на светите Отци, жената која ја видел св. Јован Богослов, е Црквата, облечена во Христа - Сонцето на Правдата. Во последните времиња ќе има такво гонење на Црквата, што таа ќе се сокрива во пустина. Божествената Литургија ќе се служи под земјата. Ако не се служи божествената Литургија, земјата ќе престане да го дава својот род.

Божествената Литургија го отсликува целиот земен живот на Спасителот. Денес постои изум што се нарекува фотографија. Тоа е снимка на некоја личност. Ќе ја погледнеш и ќе речеш: „Колку наликува, и очи, и образи и нос – како да е жив“. Ако тоа е фотографија на близок и драг човек, се трудиш да ја сочуваш, да биде покрај тебе, зашто таа ја заменува драгата личност што не можеш да ја видиш. Истото може да се рече и за божествената Литургија. Таа е вистинска фотографија, вистинска снимка на целокупниот земен живот на нашиот Господ Исус Христос. Од Витлеем, каде што пречистата Дева отиде заради пописот и каде што се роди Господ, па до Јордан, од Јордан до Гетсиманија, од Гетсиманија до Голгота, од Голгота до Воскресението, од Воскресението до Елеонската гора – сè се гледа во Литургијата. И покрај тоа што ние не припаѓаме на оние блажени кои живееле на земјата во Христово време, кои ја имале таа среќа да Го гледаат лице в лице, сепак и ние, поседувајќи го скапоцениот дар што ни го остави Господ Исус Христос, сме исто толку среќни, како и тие.

 Како што понекогаш мајката го води своето дете за рака, како што понекогаш таа седи покрај него и внимава на него, а понекогаш, пак, го зема во прегратка, го милува, го гали и го храни, така и Господ во Своите црковни служби и во Своите лични молитви, како да нè држи за рака, нè запазува од далечина, а на божествената Литургија, Он нè зема во Својата прегратка, нè седнува заедно со Себе на трпезата и нè храни од неа. На Божествената Литургија разговараме со Бога лице в лице, непосредно Му зборуваме за своите потреби, лично заблагодарувајќи и молејќи Му се. Затоа молитвата за време на божествената Литургија е поделотворна од било која друга молитва. Затоа е востановено, на божествената Литургија. да се молиме и за упокоените. Таа молитва носи особена радост во душите на упокоените. Божествената Литургија е прозорец што Господ го отвори во овој грешен, неверен и прељуботворен свет – прозорец низ кој влегува свеж воздух. Кога не би постоел тој прозорец верните би се задушиле. Божествената Литургија е единствениот сигурен темел, околу кој треба да ги навиткаме нишките на нашиот живот. А на што друго можеме да ги навиткаме? На славата? Но, тој темел е трулежен. На богатството? Но, тој темел е непостојан. И што и да спомнеме, с# ќе биде непостојано и трулежно. Единствен вистински и единствен цврст темел е божествената Литургија.

Христијаните од првите векови на христијанството секојдневно присуствувале на божествената Литургија и секојдневно се причестувале со Светите Христови Тајни. Тогаш животот на христијаните бил толку свет и непорочен, толку тие пребивале во Бога, што нивниот живот им бил единствена подготовка за примање на Светите Тајни и тие немале потреба од друга подготовка. Ако христијаните од тоа време морале да отсуствуваат и да одат на пат, тогаш сите, без оглед на тоа дали биле робови или слободни, мажи или жени – сите со себе, во посебни мали садови, ги носеле светите Тајни и самите се причестувале со нив. Секој христијанин обично носел по три драгоцености: крст, свето Евангелие и садови со светите Тајни. Кога паганите се обидувале да ја уништат засекогаш божествената Литургија, тогаш христијаните ја пролевале својата крв. Биле мачени, распнувани, горени на клада, често убивани во самите храмови, во самите катакомби во кои се извршувала Евхаристијата. Во древните времиња било вообичаено Литургијата да се отслужува на гробовите на убиените христијани, како потсетник за тоа со каква цена е откупена Литургијата. И ден денес во Црквата останал споменот за тоа – во светите антиминси се ставаат честици од моштите на светиите.

Hristos.S.jpg

Преданието за еден старец и подвижник исто така зборува за значењето на божествената Литургија. Имено, тој видел огнено море: брановите се издигнувале и беснееле, правејќи страшна глетка. На спротивниот брег се наоѓала прекрасна градина. Од таму допирало пеењето на птиците и мирисот на цвеќињата. Подвижникот слушнал глас: „Помини преку ова море“. Но, било невозможно да се помине. Долго време тој стоел така и додека размислувал како да помине, повторно слушнал глас: „Земи ги двете крилја што ги дава божествената Литургија: едното крило е божественото Тело Христово, а другото крило е животворната Крв Христова. Без нив, колку и да е голем подвигот, не може да се дојде до Царството Небесно“. Затоа и св. Марија Египетска, која четириесет и седум години се подвизувала и која достигнала степен со молитвата да може да се подига од земјата, го молела старецот Зосим да ја причести со светите и животворни Тајни. 

Во една огромна куќа живееле две семејства. Но, во животот на тие две семејства постоела голема разлика. Едното семејство ја имало светлата половина од куќата, а другото мрачната. Првото семејство во својата половина имало големи светли прозорци, низ кои продирала силна светлина, чист и прекрасен воздух, така што пред нивните очи се простирал прекрасен поглед. Во здравствен поглед, благодарение на светлината и воздухот, самите простории биле  целосно погодни за живот. Таму било суво, топло и чисто... Луѓето кои таму живееле секогаш биле здрави и исполнети со животна радост. Втората половина од куќата немала прозорци и затоа таму било мрачно и ладно. И најважното: таму секогаш се ширеле штетни пареи и смрдеа, зашто куќата се наоѓала во низок и мочурлив крај. Луѓето коишто  живееле во тој дел од куќата, често биле болни, бледи, раслабени и мрачни.

Пријатели мои, таа куќа е нашиот свет. Светлите прозорци од првата половина на куќата ја претставуваат божествената Литургија. Јас, грешниот, се осмелувам да ви кажам дека во таа света служба, преку тој прозорец се отвора сјаен и прекрасен поглед на вечно блаженство, така што ми се чини дека срцето нема да може да ми го изрази чувството на најголема благодарност кон Бога, Кој ми испрати таков дар.

Оние коишто живеат во светлата половина се оние кои веруваат во Христа, кои ја посетуваат божествената Литургија, кои го вдишуваат Божјото благоухание на благодатта што се излева при оваа голема служба, Тоа се оние кои ја уживаат топлината на љубовта и светлоста на Сонцето на правдата. Тие луѓе се духовно здрави, светли, мирни, затоа што на нив се простира исцелителната сила на Светиот Дух. Оние што живеат во темната половина од куќата, се оние кои не сакаат да бидат со Христа, на кои не им е драга свештената Литургија. Кутри луѓе – тие не ја чувствуваат топлината на Христа Спасителот. Нивниот живот е полн со смрдеа и трулеж, затоа што испарувањето и  смрдеата од страстите продира во нивната душа. Тие немаат прозорци и вентилација за да ги очистат своите души од таа трулежност, затоа нивниот живот е темен и мрачен. Драги мои, и јас ве повикувам да ја посетувате божествената Литургија, зашто сакам да ја разберете и да ја сакате, таа да ви биде светлина што ги осветлува и најтемните бездни на гревот. Таа е топлина што го загрева и најстрашното студенило на душата. Таа е љубов, и радост и живот.

Извор: Бигорски манастир