Единствено Христос, вистинскиот Лекар на внатрешниот човек, може да ја исцели душата и да ја украси со одеждата на благодатта (30.05.2013)
Ако некој во себе ја нема Божјата и небесна одежда, односно силата на Духот, како што е речено: „Ако некој го има Христовиот Дух, тој е Негов“, нека плаче и нека Го моли Господ да ја добие оваа одежда која се праќа од небото и во неа да ја облече душата, лишена од Божјите енергии; со големиот срам на срамните страсти е покриен оној што не е облечен во одеждата на Духот. Како што во видливиот свет голиот трпи голем студ и срам, и како што пријателите бегаат од пријателите и роднините од роднините ако се необлечени, и како што децата, ако го видат својот татко непокриен, ги тргаат своите погледи од таа глетка, го вртат лицето, и така го покриваат, така и Бог се одвраќа од душите што не се облечени во одеждата на Духот со целосна доверба, што не се покриени со силата и вистината во Господ Исус Христос.
И првиот човек се засрамил кога се видел гол; во голотијата има многу срам! Ако телесната голотија е изложена на таков срам, тогаш колку поголем срам ќе ѝ следува на душата што не е облечена во Божјата сила и не е вистински покриена со неискажливата, нераспадлива и Духовна одежда – во Самиот Господ Исус Христос. Секој, што не е облечен во таа Божја слава, би требало да се срами од самиот себе и да биде свесен за својот срам толку, колку што се посрамил и Адам, кој бил телесно гол: и иако си направил облека од смоквини листови, трпел срам, затоа што ја сфатил својата сиромаштија и голотија. И затоа, таквата душа нека бара од Христос, Кој дава одежда и облекува во слава и неискажлива Светилина; нека не си прави облека од празни помисли и нека не мисли, мамејќи се со сопствената праведност, дека ја има одеждата на спасението.
Кој ќе запре само на својата праведност и ќе мисли дека ќе се спаси самиот себеси, тој залудно и бескорисно се труди. Имено, секој, превознесувањето поради сопствената праведност ќе го види во последниот ден како нечиста облека, според зборовите на пророкот Исаија: „и целата наша правда стана како нечиста облека“. Затоа ќе бараме и молиме од Бога да нѐ облече во одеждата на спасението, во нашиот Господ Исус Христос, во неискажливата Светлина, која душите облечени во Него, нема да ја соблечат никогаш. Покрај тоа, при Воскресението и нивните прославени тела ќе бидат во славата на оваа Светлина, во која уште сега се облечени верните и благородни души, како што вели апостолот. „Оној што Го подигна Христос од мртвите, ќе ги оживее и нашите мртви тела со Својот Дух што живеее во нас“. Слава на Неговата неискажлива милост и милосрдие!
Св. Макариј Велики
Извор: МПЦ-ОА