vozdvizenie.jpg

 Грешникот, кој се одвојува и оддалечува од Бога, него Бог не го остава, туку оди по него и го повикува со татковски глас: „Чедо, каде се оддалечуваш од Мене? Каде ќе го најдеш блаженството без Мене и надвор од Мене? Насекаде ќе те сретнуваат неволји.“ И така, повикувајќи го, го приближува кон Себе. А го приближува на разни начини:

1. Однатре, преку својата благодат, со која чука на вратите од нашето срце. Преку совеста, која прекорува поради гревот и му го предочува на грешникот Божјиот суд и вечната мака за гревовите;

2. Нѐ приближува преку спасителното промислување, страдањето, смртта и воскресението на Својот Син, Исус Христос, покажувајќи дека тоа големо дело се случило поради нас. Христос не дошол во светов поради некој друг, туку поради грешниците: „Оти, Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното“ (Лука 19: 10); „Зашто не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание“ (Матеј 9: 13). Он ги повикува грешниците преку покајание да се вратат при Него: „Зошто ти, грешнику, Ме остави? Зошто се оддалечуваш од Оној, Кој те љуби? Сети се дека Јас зедов обличје на слуга и се изедначив со луѓето и по вид се покажав како човек“ (според: Филип. 2: 7); поради тебе бев дете, осиромашив, се понижив, на земјата живеев, плачев, се трудев, претрпев гонење, понижување, навредување, рани, плукања, потсмев и секакво страдање; на крајот, умрев со срамна смрт на Крстот. И сето ова го направив поради твоето спасение. Слегов од небото, за тебе на небото да те издигнам; се понижив, за тебе понижениот да те издигнам; осиромашив, за тебе сиромашниот да те обогатам; се предадов на потсмев, за тебе посрамотениот да те прославам; бев ранет, за тебе ранетиот да те исцелам; умрев, за тебе умрениот да те оживеам. Ти згреши, а Јас твојот грев го зедов врз Себе; ти си виновен, а Јас ја претрпев казната; ти си должник, а Јас ти го платив долгот; ти си осуден на смрт, а Јас умрев за тебе. И на сите овие Мои страдања поради тебе, ништо друго не ме привлече, освен љубовта кон тебе. И зошто сета оваа Моја љубов, напори, подвизи и страдања поради тебе, ти самоволно ги запоставуваш и самиот сакаш да се убиеш? Сети се колкава е и колку скапоцена цената, која е платена за тебе: со Мојата крв и со Мојата смрт си искупен! Сети се на сите овие Мои заслуги, преку кои си стекнал прошка на гревовите и вечен живот и покај се, па така ќе се спасиш. „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“ (Откр. 3: 20). Ете, така Божјиот Син го повикува заблудениот грешник;

3. Нѐ повикува на покајание преку пророците и апостолите, како свои пратеници и слуги, кои нѐ советуваат и молат: „Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога“ (2. Кор. 5: 20). И уште: „Обрнете се кон Мене, вели Господ Саваот, и Јас ќе се обрнам до Вас“ (Зах. 1: 3). Така, како што гледаш, преку пророчкиот и апостолскиот глас, Бог му се обраќа на грешникот и го повикува кон покајание;

4. Бог нѐ повикува преку ветувањето на овоземните и вечните богатства, преку кои, исто како и чедољубиовиот татко, кој со јаболко го повикува своето дете, нѐ привлекува кон Себе, па така, со помош на добрините да се разбудиме и обрнеме кон Него, за што во пророчките книги и апостолските посланија доволно се говори. Така Христос нѐ повикува кон Себе и ни ветува пресладок покој за нашите души: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11: 28-30). Со ова, Он како да ни рекол: „О, бедни и заморени грешници од светските суети. Никаде нема да најдете спокој и бл;аженство надвор од мене. Насекаде, надвор од мене, ќе наидувате на беда и зло. Богатството, честа, славата и сласта од овој свет, кои вие ги барате, уште повеќе ќе ве оптоваруваат, наместо да ви олеснуваат, повеќе ќе ве заморуваат, отколку да ве одмараат. Барате ли добро? Секое добро е во Мене и од Мене извира. Блаженство ли сакате? Го нема никаде надвор од Мене. Убавина ли барате? Па, кој е поубав од Мене? Барате ли некој од висок род? Па има ли некој кој е од повисок род од Исус Христос? Слава ли посакувате? Па кој е пославен од Мене? Богатство ли сакате? Во Мене и во Мојата рака сето богатство е нераспадливо. Мудрост ли сакате? Јас сум Божја Премудрост. Пријателство ли сакате? Па кој е пољубезен и поголем пријател од Мене, Кој својата душа за вас ја положи? Барате ли помош и заштита? Па кој може да ви помогне и да ве заштити, освен Мене? Барате ли лекар? Па кој ќе ве излечи освен Мене, Лекарот на душите и телата? Барате ли утеха, радост и веселби? Па кој ќе ве утеши и развесели, освен Мене? Барате ли спокој и мир за себе? Јас сум мир и спокој душевен и никаде нема да најдете такво нешто, надвор од Мене. Светлина ли сакате? „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8: 12). Не сакате да бидете измамени и заблудени? Јас сум Вистината! Сакате ли да се доближите до Бога? Јас сум Патот! Не сакате да умрете, туку сакате вечно да живеете? Јас сум Животот! „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14: 6). Не смеете ли да Ми пристапите? Па, на кој друг му е полесно да пристапи? Сите ги повикувам и сите ги примам: Дојдете при Мене! Се плашите ли да Ме замолите? Кому досега, од оние што молат, Јас сум му ја отфрлил молбата? Напротив, вашите гревиви ве одбиваат од Мене. Јас за грешниците Својата душа ја положив. Ве вознемируваат ли безбројните гревови? Кај Мене има многу повеќе милосрдност, отколку што има гревови во целиот свет. Затоа, „Дојдете при Мене сите изморени и обременети…“;

5. Бог нѐ повикува преку овоземните закани и вечни казни, за што можеме да заклучиме од многу места во Светото Писмо: „Ако не се покаете, Бог ќе го очисти Своето оружје, ќе го затекне Својот лак и ќе го насочи, и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува“ (Псал. 7: 12-13); „Го презираш богатството на Божјата благост, кротост и долготрпеливост, не разбирајќи дека Божјата благост те води кон покајание? Но, според твојата упорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога, кој секому ќе му даде според неговите дела“ (Рим. 2: 4-6);

6. Понатаму, татковската Божја промисла испраќа казни за грешниците, со кои сака да им го пресече погубителниот пат, за да запрат и да се обратат кон Бога. Ваква смисла имаат болестите, гладот, пожарите и сите други несреќи;

7. На крајот, Бог нѐ повикува преку секојдневните смртни случаи, кога гледаме како нашите браќа заминуваат одавде, а истото го очекуваме и ние секој ден. Зашто, секому од нас му е кажано истото она, кое Бог му го кажал на Адам: „Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“ (1. Мој. 3: 19). Затоа, покај се, за да имаш учество во воскресението на праведните, кои ќе воскреснат во слава…

Причините, кои можат и треба да го поттикнат грешникот на покајание се:

1. Големата Божја желба да се спасиме. „Бог сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1. Тим. 2: 4). За оваа Божја желба сведочат пророците, а особено сведочи Христовото доаѓање во светот;

2. Тоа од нас го бара искупителниот подвиг на Божјиот Син (воплотувањето, животот, страдањето и смртта) извршен поради нашето спасение. Но, сето ова не им користи на оние, кои живеат без покајание и не сакаат да се поправат, ниту да покажат плодови на покајание. поради тоа ќе бидат и повеќе осудени, зашто ја презреле преизобилната благодат. Зарем да ги правиме оние гревови, поради кои Христос, Божјиот Син, беше толку многу рануван и мачен? Самата Негова крв повикува кон нас да престанеме да грешиме и да се покаеме. А ако не се покаеме, истата крв ќе повикува против нас да потпаднеме на суд, па според своите дела, да примиме и награда. Страшно е да се слушне ова: „Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган“ (Гал. 6: 7).

3. На покајание може и треба да нѐ поттикне Божјата закана. Бог им се заканува со казни на оние, кои не се кајат: „Ако не се покаете, Бог ќе го очисти Своето оружје, ќе го затекне Својот лак и ќе го насочи, и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува“ (Псал. 7: 12-13). А Божјата закана, човеку, не е празна, туку неминовно ќе се исполни, кога човекот не се поправа. Од Бога никаде не можеме да се сокриеме. Неговата казна насекаде ги пресретнува оние, кои не се каат. „И да се закопаат во најдолниот дел на земјата, и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги сметнам. Макар да се скријат и на врв Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги земам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змејот морски да ги голтне. И во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро“ (Амос 9: 2-4). Единствено засолниште од Божјиот гнев е покајанието – тоа го крие грешникот од казната. „Понекогаш, велам Јас за некој царство, дека ќе го искоренам, ќе го згазам и погубам; но, ако тој народ, врз кого сум го изрекол тоа се поврати од лошите свои дела, Јас го одлагам злото, што сум намислил да го направам“ (Јерем. 18: 7-8). Кон ова сигурно засолниште прибегнале и Ниневијците…

4. На покајание нѐ поттикнува и неизвесниот крај на нашиот живот, кој неминовно ќе дојди, но кога, не ни е познато. Бог така одредил, овој час да ни биде непознат, за да го очекуваме секогаш. Бог ни ветува дека ќе нѐ прими кога ќе се покаеме и дека ќе ни даде прошка на гревовите, но не ни ветува дека ќе го дочекаме утрешниот ден. Насочи го вниманието кон ова, беден грешнику, и не го одложувај покајанието за утрешниот ден. Бог ни заповеда да бидеме секогаш подготвени за заминување од овој свет, па какви што ќе нѐ затекне смртниот час, такви и ќе се појавиме на Божјиот суд. И затоа, каков што сакаш да умреш, таков треба да бидеш и во целиот свој живот. Сакаш ли да умреш, како што умираат набожните христијани? Така треба и да живееш, како што живеат и набожните. Секој човек е Божји слуга, а слугата секогаш треба да биде подготвен, било кога и да го повика неговиот господар кон себе. Така и христијанинот, како Божји слуга, секогаш треба да биде подготвен, кога ќе го повика Бог. А Он го повикува на крајот од својот живот: „Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни“ (Лука 12: 37). А буден е оној, кој се наоѓа во секојдневно покајание…

5. На покајание треба да нѐ поттикне и страшниот Христов суд, на кој сите мораме да се појавиме и да дадеме одговор за своите дела пред праведниот Судија. Сега Бог нѐ повикува на покајание, а тогаш ќе нѐ повика на одговорност. Сега ни говори: „Покајте се!“, а тогаш ќе ни рече: „Одговорете ми!“. Сега повикува: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети!“, а тогаш ќе ни рече: „Бегајте од мене, проклети, во вечен оган!“. Затоа, да се плашиме од Божјиот суд.

6. Вечната смрт или пеколното мачење треба да го поттикнат човекот на покајание. Тогаш ќе престани Божјата милосрдност и ќе настапи Божјата правда. Тогаш покајанието е бескорисно, а плачот и солзите нема ништо да ни помогнат. Тогаш ќе се слушне одговорот: „Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив“ (Лука 16: 25). Сега ни е неподнослива топлината, која ни доаѓа од крвта и телото, а како ќе го поднесуваме оној пламен, од кого се плашат и демоните, кој постојано мачи и никогаш не завршува.

7. На покајание нека нѐ привлече вечното блаженство, кое човечкиот ум не може ни да го замисли. Навистина е лудост, заради минливите и лажни страсти и сладости, да се загуби вечната радост.

8. На крајот, на покајание нѐ учи и убедува грижата на совеста, која ни се случува поради гревовите, а од која не можеме да се избавиме со ништо друго, освен со покајанието. Исто така, тишината, спокојството и утехата не можеме да ги постигнеме со ништо друго, освен со вистинското покајание.

Свети Тихон Задонски

 Извор:Благовести

Друго: