ГУБЕЊЕ НА РЕВНОСТА

Стравот од можното изладување на ревноста. Различни причини за оладување на духовниот живот Како да се однесуваме при појавувањето на оладување.

Свети Теофан Затворник

Вие се плашите, и поради тоа нема да дојдете до крајот, иако ќе го почнете делото со голем ентузијазам и напор. Да, нормално е од ова да се плашиме, затоа што ние често можеме самите себе да се изневериме, т.е. ние не можеме на себе да се потпреме. Целата надеж треба да ја упатиме кон Бога. Овој страв не го оставајте, а поддржувајте го со мислата и желбата да не го натажиме возљубениот Господ, и плашејќи се дека ослабувајќи, нема повторно да се воздигнете кон таква близина со Бога, а знаете дека сега или утре ќе настапи смртта. Понатаму овој страв ќе помине и ќе се замени со верна надеж на спасение, но во овој момент не треба да го оставите стравот: тој ќе ја запалува ревноста и ќе ги прогонува желбите за олеснување кои се многу погубни.

После ова, во вашето срце ќе биде постојан призив: „O, Господи, спаси ме! O, Господи, побрзај!,, И: „На начин кој само Ти го знаеш, спаси ме мене грешната". Јас ова го нарекувам болезнено припаѓање на срцето кон Господа. Непријателите се силни и не знаеш дали однатре или однадвор ќе се кренат бури кои ќе те турнат на земја. Паѓаш и пропаѓаш. И еве крик: „O, Господи, спаси ме!". Еве ова е „срце скрушено и смирено", за кое пророкот Давид во моментите на каење говори дека Господ не го унижува, не го презира, а го слуша (Псал. 50,19). Размислувајте за ова. Затоа што вие веќе ја видовте оваа опасност, тогаш треба секогаш да ја имате предвид, да ја чувствувате и да повикувате на помош. Чувството на скрушено припаѓање пред Господа треба да биде постојано, затоа што тоа е резултат на осознавањето на опасностите кои не опкружуваат и кои можат да го прекинат текот на духовниот живот и да го задушат. Запомнете го ова. Кој го има ова чувство, тој оди по вистинскиот пат.
Вие пишувате: „Да даде Бог, сегашната готовност за почнатото дело да не ослаби понатаму". Не понатаму, а никогаш таа не треба да ослаби. Запомнете дека таа готовност, односно сосредоточеноста да се дејствува за Господа, или ревноста за богоугодување, или решеноста за посветување себеси за служење на Господа со точно исполнување на Неговите заповеди (се што е сега спомнато е едно и исто: различни зборови, а исто дело), го сочинуваат духовниот живот. Кога ја имаме оваа готовност, имаме духовен живот, а кога ја немаме, го немаме и духовниот живот. Кога ќе исчезне готовноста, духовното дишење ќе престане и духовното срце ќе престане да чука: духот или умира, или замира. Затоа првата грижа на човекот кој стапува на Божјиот пат, треба да биде тоа, на секој начин да ја поддржува оваа готовност, ревност и усрдност. Со ова правило може да се ограничат и сите понатамошни правила, т.е. чувај ја само оваа ревност и готовност и таа самата ќе те научи и постојано ќе те поучува што и како да се направи и кога и како да се постапи. Запомнете го ова!
Готовноста заедно со скрушеното припаѓање кон Господа е корен, заштита и ограда на духовниот живот Вие добро определивте дека изладувањето е непријател, поточно најголемиот непријател на коренот на духовниот живот. O, горчлива и прегорчлива работа! Но знајте дека не секое намалување на жарот на ревноста е погубно оладување. Може да се случи изладување како резултат на излишно напрегнување на душевните сили, или, пак, после намалување на телесните сили поради болест. И првото и второто се безначајни и ќе поминат. Страшно е она оладување кое се појавува како последица на произволно отстапување од Божјата волја, свесно и спротивно на совеста која вразумува и сопира. Исто така, ова отстапување е придружено со некоја пристрастност кон нешто што не е Божјо. Тоа го убива духот и го пресекува духовниот живот. Од ова треба најмногу да се плашите, плашете се како од оган, како од смртта. Ова се случува после губењето на вниманието над себеси и стравот Божји. Нив и треба да ги чувате, за да го избегнете ова страшно зло. Што се однесува до несаканите случајни оладувања кои се последица на исцрпување на силите и на болести, тогаш за нив има еден закон: да се потрпи, но во ништо да не се нарушуваат утврдените благочестиви дела, иако тие ќе бидат исполнувани без никаков вкус. Кој трпеливо ќе го издржи ова, од него и брзо ќе помине оладувањето и ќе се врати претходната срдечна и топла ревност. Запомнете го ова и ставете го предвид, дека како прво, никако не смеете да допуштите произволно да се излади ревноста; како второ, во случај на случајни оладувања, да се продолжува и продолжува со практикувањето на вообичаените молитвени правила со увереност дека ова суво исполнување ќе ја врати живоста и топлината на усрдноста.


Се што ви напишав во последните две писма ќе ви биде од полза после моментот кога на дело ќе почнете нов живот. Но, затоа уште сега, кога правите само умствена перестројка (преустројување) на животот, треба да ги земете предвид сите идни можни случајности. Тоа е причината зошто јас ви раскажав поопширно за нешто чиј повод беа вашите зборови.
Јас на тоа и се израдувавав, дека вие, можеби, самите не забележувајќи го тоа, сте ги допреле најсуштествените страни на духовниот живот. Тоа значи дека вашиот ум работи правилно. Господ, Кој ја гледа вашата готовност да Му служите во потполност, ви помага и вие самите не знаете како ви доаѓаат на ум овие или други претпоставки и стравови. Ангелот чувар по Божја заповед ви го толкува тоа. Благослови го Господи, вашиот почеток! Од се срце ви посакувам успех.
Кога ќе почнете да работите над себеси, ќе видите дека сите надворешни раководства и укажувања се само учебници. Што имено и е потребно на душата и како најдобро да се постапи во овој или во друг случај, треба секоја душа да одлучи сама, со помош на Божјата благодат, која невидливо раководи со неа. Оној кој искрено сака да Му угодува на Господ и себеси целосно да Му се предаде, секогаш ќе почне со вистинската работа, но сето ова ќе биде придружено со смирение.
Писмото го заклучувам со добри желби, да ви помогне Господ, да ја направите вашата подготовка на најуспешен начин.

Превод од руски јазик:
Александар Ѓорѓиевски, дипл. Теолог

Православна светлина бр. 36