apostol.Toma.jpgЗа да ни го востанови празнувањето на Денот Господов по истекот на секоја помината седмица, Господ најпрво им се јави на учениците собрани во домот, тогаш кога Тома не беше со нив. Он им се покажа жив, им подари мир и дувнувајќи го обнови она прво вдахнување кое Бог му го подари на човекот на почетокот на светот; им подари благодат на Светиот Дух и во нив положи сила да сврзуваат и разрешуваат гревови, правејќи ги учесници на власта која е на Небесата, говорејќи: Примете Дух Свети! На оние на кои ќе им ги простите гревовите, ќе им бидат простени, а на кои ќе им ги задржите, ќе им бидат задржани! (Јован 20; 22-23).

Таа сила и таа благодат Господ им ја подари јавувајќи се на самиот ден на Своето воскресение, односно на Денот Господов. Потоа, по истекот на седум дена, повторно им се јави на истиот начин, во тој ист дом, Самиот обновувајќи го Своето празнување и приведувајќи го сомнежливиот Тома во верата. Согласно возљубениот евангелист и ученик на Спасителот, по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучана, застана помеѓу нив и рече: Мир вам! (Јован 20, 26).

Гледате ли дека на Денот Господов се случи и собирот на Христовите ученици и доаѓањето Господово при нив? Значи, беше Ден Господов кога Он првпат им се јави на собраните и повторно, после седум дена кога пак беше Ден Господов и кога повторно беа собрани, Он им се јави. Црквата Христова непрестајно ги изобразува овие собранија, совршувајќи ги богослуженијата, а особено на денот на воскресението.

Затоа, никој поради мрзеливост или секојдневни грижи кон земното да не ги напушти овие воскресни (неделни), свештени и од Бога предадени собранија за да не се случи, како праведно напуштени од Бог, да доживееме нешто слично како Тома, кој не дојде во вистинско време. 

apostol.toma2.jpgНекои се во недоумение на кој начин Христос, Кој беше во тело, влезе низ заклучената врата. Таквите луѓе очигледно не знаат дека духовното му е сообразно на духовното и дека едното со друго се потврдува, како што вели божествениот апостол (1 Кор. 2, 13). Кога Он не ја повреди утробата на Дева Која Го роди по тело, ни најмалку не отворајќи ја, туку на неа при раѓањето останаа неповредени обележјата на девственоста, иако и Он тогаш беше облечен во тело кое е смртно и подложно на страдања, зошто би не чудило ако, обесмртувајќи го телото кое го прими и сега веќе поседувајќи бесмртно тело, влезе низ заклучена врата? Меѓутоа, како тогаш Господ имајќи бесмртно и бестрасно (неподложно на страдање) тело истовремено можеше да има рани и пробиени места на рацете и на ребрата? Евангелистот проповеда дека Господ му рече на Тома: Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, но верен (Јован 20, 27). Како тоа Он да има рани? Смртното и страдално тело не би можело да ги покаже раните и пробиените места и истовремено да биде неповредено и здраво. Он, меѓутоа, имаше моќ, заедно со бесмртноста и бестрастието на телото да му ги покаже, на оној кој сака, и раните и повредите кои претходно ги прими и притоа Неговото тело да не биде ништо помалку бесмртно и бестрасно.

Оттука заклучувам дека и оние кои пострадале за Христа, на своето тело ги носат раните како некои вечни украси. Како што, на пример, прозорските отвори ни најмалку не ја нарушуваат цврстината на зданието и не го прават нескладно, и претставуваат неопходен дел од куќата, бидејќи внатре пропуштаат светлина и им овозможуваат на оние кои живеат внатре да гледаат што се случува надвор; на ист начин страданијата на телото кои се поднесени заради Христос, како и трагите кои тие ги оставаат, за оние кои ги примија, стануваат некој вид на прозорци кои пропуштаат незалезна светлина и, поради блескањето на таа светлина, се препознаваат по божествената убавина и сјај, и не само што не го нарушуваат бестрастието, туку попрво се залог на бесмртноста.

Христовото тело внатре во себе имаше извор на божествена светлина, од каде заблеска и се просветли сомнежливиот Тома, така што тој во истиот момент почна совршено да богословствува и извика: Господ мој и Бог мој! Господ на тоа му рече: Тома, ти поверува, оти Ме виде; а блажени се оние, кои не виделе, а поверувале (Јован 20, 29), на тој начин покажувајќи дека оние кои со сопствени очи ја гледаат Неговата слава, немаат ништо повеќе од оние кои преку апостолите поверувале во Него. Тоа што не рече „кои ќе поверуваат“ туку „кои поверувале“, тоа е така затоа што е кажано со божествената сила на предзнењето на Оној Кој сѐ знае, и што се случило во минатото, и за Кој иднината е иста како и она што веќе се случило.

Ќе ви откријам една мисла која токму сега ми дојде. Гледајќи дека Тома, за време на своето отсуство, сѐ уште беше неверен, и дека, после собирот со оние кои поверуваа ни најмалку не згреши во верата, ми падна на ум дека ни грешниот човек, само ако се чува од дружење со лоши луѓе и се обрати кон праведните, никогаш не би згрешил во праведноста и благодарение на тоа ниту, пак, во делото на спасението на својата душа.

Свети Григориј Палама

 

Подготви: Редакција на сајтот на МПЦ

 

лого

 

TVITer270

П.П. 2008-05-05 13:25:10