Oltar.sr

              Сите треба да се грижиме, откако веќе сме почнале, да не ги намалуваме нашите трудови, да не се очајуваме и да не велиме: “Веќе долго време се трудиме во нашиот подвиг”. Многу е подобро, да ја зголемуваме нашата ревност, како да започнуваме секој ден одново. Целиот човечки живот е многу краток во споредба со идните векови.

          И сѐ што имаме тоа е ништо спрема вечниот живот. И како што секој предмет во овој свет се продава според неговата вредност и секој од нас врши размена на предмети, кои имаат еднаква вредност, треба да бидеме свесни за тоа дека вечниот живот се купува сосем евтино.

             Зашто е напишано: “Деновите на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осудесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив” (Псал. 89, 10). Па така, ако и сите осумдесет, па дури и цели сто години, ги преживееме во подвиг, тоа не значи дека ќе царуваме само сто години, туку, место сто години, ќе царуваме векови и векови во сета вечност.

            Освен тоа, оној што се трудел на земјава, нема да добие наследство на земјава; она што ни е ветено ќе го добиеме на небото. А, оставајќи го нашето тело гниежливо, ќе го примиме негниежливото. Затоа, да не очајуваме и да не мислиме дека долго сме се труделе (во подвигот) или дека сме направиле нешто големо. Свети апостол Павле пишува: “Мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас” (Рим. 8, 18).


Св. Антониј Велики

 

Тивериопол.мк

 2023