TVIT756

Од многумина кои брзаат да се збогатат ќе слушнеш такво оправдување: „Кога ќе се збогатам, ќе можам да правам добри дела!“ Не верувај им, бидејќи те мамат и тебе и себеси. Свети Јован Лествичник длабоко ги познал и најскриените побуди на човечката душа кога рекол: „Среброљубивоста започнува со претпоставка да се прави милостина, а се завршува со омраза кон бедните“. Ова се потврдува кај сите среброљупци, многу богати и малку богати.

Обично, луѓето говорат: „Ако имам пари, јас би направил такво и такво добро дело!“ Не верувај му. Нека и самиот на себе не си верува. Нека се огледа како во огледало на оние кои имаат пари и не сакаат да го направат тоа и тоа добро дело. Таков би бил и тој кога би стекнал пари. Повторно вели мудриот Јован: „Не зборувај дека ти е потребно да собираш пари за бедните за преку таа помош за нив да добиеш Царство, бидејќи Царството може да се купи и за две лепти““. Навистина, евангелската вдовица го купила за две лепти, а богаташот, пред чии врати лежел Лазар, не можел да го купи за неизбројното свое богатство.

Ако немаш ништо да му дадеш на сиромавиот, помоли се на Бога Он да му даде и со тоа веќе си направил милостиња и си купил царство небесно. Кога св. Василиј Нов и прорекол на царицата, жената на царот Константин Порфирородниот, дека прво ќе роди ќерка, па потоа син, царицата му понудила многу злато. Светителот одбил. Царицата го заколнала во Светата Троица да земе. Тогаш св. Василиј зел само три златници и ги дал на бедната Теодора, која го служела, велејќи: „Не ни треба многу од тоа трње, бидејќи многу боцка“.


Свети Николај Велимировиќ

Православен Источник - Pravoslaven Istocnik Православна Ризница

 2023