Сега нема гонење на христијаните – сега, пак, е време за друг вид смрт. Речено е: “Умртвете ги земните членови, односно пороците” (Кол.З: 5). И така: да ги изгасиме своите страсти; да ја умртвиме својата лутина; да ја истребиме зависта – тоа е жртва жива и угодна. Таа жртва не завршува со пепел, не се расејува во чад, нема потреба ниту од дрва, ниту од оган, ниту од нож! За таа жртва оган и нож е Духот Свети. Користејќи се од овој нож, отсечи го од своето срце она што е излишно и туѓо – отвори го затапениот слух на душата!

Пороците и лошите желби обично го затвораат влезот на словото Божјо. Така на пример: засилената приврзаност кон богатството не дозволува да се слуша словото за милостиња; појавената завист во човекот го преградува патот на учењето за љубовта; па и секоја друга страст што се вметнала во душата, ја прави крајно невнимателна кон сé што е добродетелно. Затоа, да ги изгониме сите лоши склоности – доволно е да посакаме: Сé може да исчезне! Да не мислиме дека љубовта кон богатството за нив е силна сама по себе: целата нејзина сила се состои во нашата безгрижност! Има многу луѓе кои не знаат што е тоа сребро: зашто љубовта кон богатството за нив е неприродна страст. Природните желби се вложени во човекот уште од неговото создавање, а за златото и среброто долго време ништо не било познато-постојат ли или не? Од што се засилила оваа страст? Од суета и крајнa безгрижност.

Многу се желбите на човекот – од нив едни се природни, други потребни, а трети – ниту едното, ниту другото! И така: зошто ние се лишуваме себе си од секое оправдување пред злото? Оној што е плен на премногу силна страст, тој не ќе понесе голема казна; кој, пак, е уловен од слаба страст, тој е лишен од секое оправдување.

На пример, што би одговориле ако Господ нé запраша: Вие Ме видовте гладен. Зошто не ме нахранивте? Што може да нé оправда за оваа постапка? Нé оправдува ли сиромаштијата? Зарем сме посиромашни од онаа вдовица, која дала само две лепти и го надминала дарот на сите богати? Бог суди и ја цени не количината на дарот, туку расположението и жртвата на срцето: и тоа е знак на Неговата Промисла за можностите на човекот да го исполни долгот кон ближниот и да се спротивстави на секое искушение од лукавиот!

 

 Извор: Маран Ата