Духовни бисери од светите отци

ИСКУШЕНИЈА И ЗАБЛУДИ

✣✤✣
ЗА СТРАСТИТЕ

✣✤✣

Пороците се – товар на душата (св. Јован Лествичник)

Zima.grad.jpg

Исусовата молитва има способност да ги открие вгнездените страсти во срцето, да го разоткрие ропството во кое нѐ држи искушувачот. Затоа немој да бидеш малодушен, ниту да се збунуваш, кога страстите на твојата падната природа ќе се подигнат, или кога злото во тебе ќе ги распали. Ти си должен да ги држиш на око и да се бориш против нив (св. Игнатиј Брјанчанинов).

Во помислите, во нашата чувствена и волна природа дејствуваат страстите, внесувајќи немир во нашата душа; тие доаѓаат од нашето самољубие. Оној што ги нема во вид духовните закони, воопшто не се грижи за тоа и беспомошно им се предава на страстите. Секоја страст што човекот нема решително да ја одбие, му е слабост на човекот и таа веднаш го победува (преподобен Макариј Египетски). Еден го врзува претераната грижа за неговото тело или желбата за имот и добивка; друг го оковува сетилната љубов кон предметот на неговата алчност; некои паѓаат во меланхолија, гнев, самоволие или славољубие. Секоја страст што човекот ја храни во себе, го врзува него со железни синџири, го влече кон земјата и не му дозволува да ги развива своите внатрешни сили. Суштината на пороците е дека се тие товари на душата. Страстите ни пречат да живееме во дух, нѐ помрачуваат и ни ја отежнуваат молитвата.

Коренот на сите пороци е себичноста – таа дадилка на сите страсти (преподобен Григориј Синаит). Самољубието е пред сите пороци (преподобен Исак Сирин). Од саможивост или од неумерена и погрешна љубов кон самиот себе, произлегуваат сите страсти и барања, како и студенилото и тврдоста на срцето кон Бога и кон ближните.

Од саможивоста се раѓаат трите главни пороци: сладострастие, среброљубие и гордост, а од нив произлегуваат сите понатамошни пороци во телото, душата и духот (Рим. 7, 23).

Седум водечки страсти го мачат човекот: алчност за телесна удобност, сетивност, ненаситност, грижа и потиштеност, бес, честољубивост и гордост. Тие ја проникнуваат целата човечка природа.

Во телото владее страсна желба за удобност. Неумерената грижа за телото води во прекумерно воздржување од напори, разгаленост и задоволување на сетилните страсти. На таа подлога расте сладострастието: мрзливост, невнимателност, прејадување, пијанство како и нескротлива чувствителност.

Во троичноста на душата: во мислите, чувствата и волјата – се подигаат недуховни движења.

Во областа на мислите владее дух на спротивставување, градење на ставови само врз основа на сопствениот разум, сомнеж и ситничарска критика, надменост и самоувереност.

Во областа на чувствата: саможива радост и страв, како и душеубиствени страсти: гнев, завист, омраза, злоба и одмаздливост, честољубие, самофалење, презирање и осудување на другите, вознемиреност, помраченост и очај.

Во областа на волјата: самоволие, непослушност, самодоверба и властољубие, неблагодарност, копнеж по заработка и алчност.

Гордоста е духовна страст. Таа е извор на целото зло, праизвор и врв на секоја страст. Гордоста е одрекување на Бога и противење на Него. Таа е пронајдок на ѓаволот, нечовечен судија и немилосрден осудувач, извор на гнев и раздразливост (преподобен Јован Лествичник). Горделивиот своето сфаќање, чувствување и сакање го става над сѐ друго, го става своето јас на Божјото место и служи само на себеси.

И во духовно разбудениот човек стануваат страсните движења, кои се спротивставуваат на неговиот нов духовен живот. Наместо внатрешната собраност и враќање во себе, човекот ја напушта својата внатрешност и се губи во надворешното. Притоа е опасно ако со губењето на внатрешната собраност падне и свеста, зашто тогаш паѓа и целата животна активност. Со губењето на свеста за духовниот свет се паѓа во заборав и духовно се пропаѓа. Наместо страв Божји и чувствување на внатрешна зависност од Него, се јавува чувство на немање страв, заборавање на Бога и рамнодушност во однос на сѐ духовно, нечувствителност и скаменетост на срцето, наместо покајание се јавува самооправдување, наместо ревност – ладење и млакост, наместо предавање на волјата Божја – самоволие.

Има множество гревови кои во секој миг се подигаат во нас против нашиот духовен живот, подготвени да го згаснат. Ако еден од тие гревови ја нападне свеста и слободата, изворот на нашиот духовен живот почнува да осиромашува или пресушува.

Сите овие душегубни движења постојано се раѓаат преку своите произведувачи: „овој свет“ и демоните. „Овој свет“ со своите носители, навики и дејствување, претставува свет на отелотворени страсни желби. Тој ги привлекува кон себе сите со помош на одредени страсти. Покрај тоа, тој свет заведува преку „општата прифатеност“ или застрашува преку чувството на грозна осаменост или „општ презир“ на оние што не го прифаќаат.

Демоните, тие поттикнувачи на секој порок, ги предизвикуваат сите страсти во душата и во телото. Во областа на гревот тие постојано поттикнуваат: богохулење, сомнеж и неверување; незаситна сетивност, смртоносно трајна омраза, разновидна прелест и очај (св. Теофан Затворник). Малкумина знаат дека вистинскиот причинител на сите тие пороци и страсти е нечестивиот. Како мисловна сила и пород на сатаната, гревот дејствува во тајност преку човековиот разум и се бори против човекот преку мислите, кои тој ги смета за сопствени. Гревот го обзема срцето преку претставите и земните желби и го исполнува со темнина на незнаење, заборав и измама. Искушенијата на ѓаволот го помрачуваат човековиот ум за Бога и го свртуваат кон порок и страсти. Со тоа срцето се возбудува и се врзува за било што. На крајот желбата и волјата ѝ се покоруваат на алчноста и порокот се извршува (преподобен Макариј Египетски).

Затоа, за молитвен живот, неопходно е потребно познавање на сите поединечни искушенија, како и на сопствените душевни движења и грижливо контролирање на сите надворешни влијанија.

Живеј во Бога и ништо не ставај пред Него – тоа е целта. Ако душата со сите свои сили и чувства е свртена кон Бога, тогаш таа е светла, пријатна, полна со мир. Во онаа мера во која чувствството и вниманието ќе се одвратат од Бога, во таа мера душата станува сѐ потемна. Неа повеќе ја помрачува занесеноста со чувствата отколку мислите, уште повеќе трајната страстна поврзаност, а најмногу ја помрачува гревовното дело (св. Макариј Египетски).

Извор: Бигорски манастир