Љуби го ближниот свој. Со оваа [злоупотребена] заповед минативе неколку дена беше најавувано новото, не знам кое по ред продолжение од реалното шоу „Големиот Брат“ во Македонија. И конечно започна, на големо воодушевување на многумина похотожедни гледачи. Подгответе ги пуканките, затемнете ги светлата, и – полетуваме!

Самата психолошка концепција на шоу-трагедијата е веќе позната: неколку млади луѓе ќе се откажат од дарот на слободата, а со тоа и на приватноста, и пред б[л]удното око на јавноста ќе поминат определен временски период. Ќе јадат, ќе пијат, ќе играат и плачат, ќе уринираат и фецесираат, ќе се тепаат и караат, ќе соблазнуваат и ќе се исповедаат во „исповедалната“ на Големиот Брат, кого никој не може да го види, но сите знаат дека постои. Од своите ризници секој од нив ќе изнесе нешта кои смета дека би му помогнале да опстане во анималната битка за гласови: и парадоксално, добриот човек од добрата ризница ќе вади зли нешта, а злиот човек од злата ризница ќе вади добри нешта. Едни ќе ја напуштаат куќата на Големиот Брат, за на нивно место да дојдат други, уште поочајни и поизгубени од претходните. А публиката ќе продолжи да гласа. Шоуто мора да продолжи.

Залуден и јалов би бил обидот да се анализира феноменот на појавувањето и популарноста на ова фрик-шоу. Тоа не е мојата цел. Попрво, сакам да посочам неколку аспекти кои за мене се многу важни за создавање на критички поглед, кој очигледно ѝ недостасува на публиката деновиве.

Трагедијата на Големиот Брат е сè друго, само не реално шоу. Напротив, цел тим на психолози и психијатри, социолози и антрополози работи на бирањето на соодветни профили на натпреварувачи, кои би биле одлични за создавање на сè понови мета-симулакруми. Се профилираат страстите и карактерите на секој еден кандидат, за да се создаде плодно тло за духовната, душевната и телесната кич ерозија која треба да ѝ се понуди на [ништо подобрата] публика. Токму затоа во емитувањата од „куќата“ секојдневно ќе се следат падовите и несреќите на учесниците во оваа трагедија. Од вербално насилство, говор на омраза, сексуална исфрустрираност и насилство, па сè до физички пресметки, сето тоа ќе се користи за да се искешира откровението кое им се нуди на гледачите: „Ете, ова е човекот од Балканот, човекот на 21-от век. Ова, и ништо повеќе.“ Самите учесници во ова фрик-шоу, несвесни дека се третираат како заморчиња-проститутки, уживаат во петте минути на слава кои пророчки ги предвиде Ворхол во минатиот век. Одделени од реалниот свет, жртвено деволуираат во нивната делитургисана човечност. Нивниот макрó, во случајот продукциската куќа како и ТВ куќата која го реализира и емитува шоуто, но и сета јавност, олицетворени во фамозниот нечовечки глас на Големиот Брат, е тука да ги сослуша, да ги воспита, и да ги врати назад во јавната куќа, затоа што – едноставно, така треба да биде. Така се заработуваат пари. Тоа е реалниот живот.

Од друга страна, пак, самата идеја за Големиот Брат е превземена од орвеловиот профетски роман „1984“. Насетувајќи ја опасноста од извесниот информациски тоталитаризам, Орвел понуди увид во едно дистопично општество обоено во комунистичка боја, во кое Големиот Брат е апсолутниот владетел кој знае сè за секого. На граѓаните на таа земја дури им е забрането автономно да размислуваат и чувствуваат, а реалноста секојдневно се менува и прилагодува на потребите на Големиот Брат, во кого оние со охристовен ум суптилно го препознат прототипот на антихристот.

Отстранувајќи ја суштината на овој концепт, која е зла, модерните франкенштајни на индустријата за забава го прават невозможното возможно: го ипостасираат Големиот Брат во секој од нас. И така, секој што го гледа ова шоу, станува еден вид на псевдо-бог или демијург кој има увид во секојдневнието на обичните смртници, вообличени во шаката луѓе кои се наоѓаат во куќата. Очајните домаќинки, несреќни од нивното секојдневие, добиваат можност да бидат морални судии на некоја девојка во куќата на која потајно ѝ завидуваат. Уште поочајните бизнисмени, имаат шанса легално да уживаат во млади и разголени, и на граница на малолетноста девојки и дечки. Изгубени деца и тинејџери се проектираат во своите идоли, трудејќи се да ги имитираат во нивното разхристовено живеење.

А токму тоа е и финалниот производ на оваа трагедија [сметам дека не се работи за шоу, туку за трагедија]: создавање на масовна хипноза и колективно сквернавење на божјиот лик и подобие, вечнодарувани на човекот.

За трагедијата да биде уште поголема, доколку тоа е можно, секоја критика упатена на сметка на оваа и сличните на неа програми, се лабелизира како суво морализирање и декадентност. Секој еден обид за одвраќање од толку погубниот пат (или пад, но и ад) е претходно осуден на исмејување и осуда, како ретрограден и спротивен на толку посакуваната модерност.

Големиот Брат, Бандини, Ѕвездите на Гранд, но и Идол и Кога лисјата паѓаат – тоа се богослужбите кои македонскиот современ верник секојдневно ги посетува. И преку нив, се уподобува на својот псевдобог, принесувајќи му жртва на неговиот престол: некогаш бескрвна, но почесто крвна.

Господи помилуј.

Милан Јаковчевски

Извор: АГАПИ