Makrina.nov2.jpgБесплатна врска

Во каков свет живееме? И колку самите сме негови креатори? Свет којшто самите го создаваме.  Барем според некои надворешни показатели, виртуелниот свет на денешницата е втемелен на принципите на електронската комуникација. Подвижните далечински пренесувачи на гласови сосема го окупираа човечкиот живот, одземајќи му го без резерва правото на приватност. Можете да бидете лоцирани на кое било место во кое било време од сателит, преку кабел, преку обична антена.
Што е тоа толку неопходно важно што сакате да го прашате сопственикот на бројот што го отчукувате на вашето екранче? Се разбира доколку тоа не е бројот на брзата помош, противпожарна или полиција, на коишто ионака денес веќе речиси никој не се сеќава...?
Не се работи за важност, туку за навика. Оние што не поседуваат мобилен телефон или каква било елктронска адреса преку која можете да ги комуницирате се своевидни црни овци, од агол на мнозинството, или последни мохиканци од агол на вредност којашто губи на својата тежина и е заменета од нова, трендовска, ин.
Да не се биде онлајн е исто како да си мртов. Ако немаш фејсбук твојот идентитет треба под итно да се преиспита. Тие коишто немаат ваков „профил“ се заостанати, а авангардни се вмрежените компании коишто заради поголем профит со забрзано темпо и без престан работат (и остваруваат) на изнаоѓање сè псовршени модели на сметачи-роботи-автомати коишто би му го олесниле животот на човекот уште повеќе.
Моментот кога ова олеснување ќе лелека за свое олеснување ќе биде задоцнето читање на предупредувачките контраиндикации, коишто биле намерно впишани со курзивно писмо, иако мошне кратко: предизвикува зависност.
Денес било ин да се организираат штрајкови, митинзи, протести, и цели државни удари преку социјалните мрежи. Со тоа ако ништо друго општествата барем стануваат поигриви, и поподложни на промени, за коишто инаку, преку своите ригидни системи на закалапени вредности (читај обичаи), знаат да бидат инертни, затворени и премногу наслонети на централистичкиот начин на уредување.
Неисе, откако значи ќе станете неизлечив зависник од електронските помагала коишто изнаоѓаат сè пософистицирани начини како од дистанца и со доза пристојност (за да не бидат фатени на дело) да ви го организираат животот, одеднаш забележувате дека сте станале биро за информации, туристичка агенција, редакциски службеник, портир, секретар, олеснувач, врвен дипломат, купувач и продавач, и зачин во многу манџи, барем во онолку колку што има броеви во вашиот телефонски именик. Не се знае кога за што ќе ви затреба бројот на некој случаен минувач. Ќе се најде во немајкаде.
Така, интимата на човекот стана еквивалентна со онаа фамозна рамнодушност на телефонската секретарка, чијшто кадифен глас се активира на копче за да ви ја соопшти тешко сварливата вистина, патувајќи со брзина на јапонска железница по безжичните бранови на мрежата – „претплатникот“ не е достапен во моментот!...
Речиси принудно, човек сè повеќе ја губи способноста да комуницира самиот со себе. Ако поголемиот дел од времето го троши за да ги искористи колку е можно поефективно бесплатните пакети... му останува многу малку, за да се сети на единствено важното. Обично малкуто преостанато време потонува во сон за да може следниот ден со обновени сили да појде во новите бесконечни разговори.
Дали е само синдром на неизлечива романтичност  призивот на времињата, коишто дефинитивно нема никогаш да се повторат, кога единствениот начин да сретнеш некого беше да се надеваш на serendipity? Во која категорија на забеганост да се смести убеденоста дека човек мора најпрво да е исконектиран со самиот себеси, да го слушне својот глас во внатрешноста, да го почувствува спокојот и убавината на своето постоење? И дека само преку таа поврзаност тој станува Едно со својот Создател... И дека само љубовта е единствената бранова должина преку која може да биде поврзан и да биде ВНАТРЕ...
Има ли на овој свет сè уште некое катче каде што мобилните оператори не ставиле антена? Колку далеку треба да се патува да се стаса до некакво катче на недостапност? Или целава планета е озвучена и обележана? Овие современи конквистадори со амбиција на озонска обвивка зрачат повеќе импулси отколку што луѓето можат да до-о-зборуваат.
Ве молиме, бирајте подоцна...

 

 Друго:

Вистински избор - сестра Макрина