Деновиве една та иста мисла ми се врти низ глава:

Ми се гади од тоа што нема на која страна да се завртиш, а да не ти излезе пред нос сексуалната неморалност што се продава насекаде (ТВ, билборди, интернет) како кул однесување во тек со времето. Според тоа, ти си забеганиот и отпадникот од „нормалното“, зашто нели, не си го сметаш своето тело како туѓа сопственост со која може било кој да располага.

Ми се лоши од фактот што мнозинството жени си дозволиле да си го газат своето достоинство за пари, слава или набивање на его и не сфаќаат дека секое величање од светот и медиумите на нивната промискуитетност е всушност нивно крајно понижување и многу кажува за тоа каква личност се. По се' изгледа, статистички, убавината најчесто оди со безумието. А нели ти, „ненормалниот“, сакаш нешто повеќе од површноста - срцето на човекот и неговиот чист ум.

Ми е смачено од машки, што се како бесни кучиња само за мало телесно задоволство (почнувајќи со очите, мислите, па стигајќи до дела), кои се толку нападни и лигави, што освен превртување на очите, ти иде и дополнително да ги треснеш со ташната по глава. А нели, тебе те интересира некој со вистински квалитет, а не со морално IQ на собна температура.

Ми се повраќа од луѓе во години, коишто наместо да се запрашаат уште колку години живот имаат и што е најкорисно за нивната душа да направат, тие, изулавеле по секс и секакви перверзии. Па и старци-мажи со перверзен ум, што трчаат по млади девојки (однапред не се извинувам на оние што се препознаваат), и возрасни жени, што си замислуваат дека да се биде добар родител е само да ти зготват и да ти исперат, а не ги интересира каков пример оставаат... епа да ми простите - БЉАК!

Не сфаќам ни зошто сеуште постојат оние реклами по весниците „дискретен дечко бара млад брачен пар за интимни дружења“ бла бла бла. Дај не трошите хартија, кога само ако излезете навечер во некој бар, можете да најдете на лагер колку ги сакате! Денешните огласи (со оглед на тоа што преку оглас се бара најчесто некоја реткост што не ти е лесно достапна), треба да гласат:

>>>Личност со високи морални принципи изградени на темелите на верата во Христа, бара дечко / девојка, своја сродна душа, на кого / која сака да го посвети својот живот во верност и не нуди ништо помалку од искрена љубов и нежност и желба за делење на добро и лошо, во заедничко трпение.<<<

Хмм, а има ли такви останато? Ако ги има, сигурно се ендемски вид...

 

Извор: Аргирета Атева