Според идејниот проект, проценето е дека изградбата би чинела пет милиони евра

Деспина Трајковска -Утрински весник

Црквата „Кирил и Методиј“ во Аеродром, што според најавите треба да почне да се гради најдоцна до почетокот на септември, ќе биде најголемиот и најмодерниот православен храм на подрачјето на Општина Аеродром. Црквата ќе се наоѓа на просторот на раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и „Јане Сандански“, дијагонално од поштата во Реонскиот центар. Според Детаљниот урбанистички план, кој наскоро треба да биде усвоен од Советот, за храмот е предвидена маркичка за градба со површина од 3.050 квадратни метри. Општинарите посочуваат дека за храмот постои идеен проект, според кој објектот ќе има модернистички изглед, подигнато приземно ниво и куполи од стакло. Сепак, дали црквата „Кирил и Методиј“ ќе се гради по веќе постојниот идеен проект, ќе зависи од желбата на инвеститорот.

Од Општината, чиј заменик-градоначалник, Југослав Зиберовски и архиепсикопот на МПЦ г.г. Стефан неодамна одржаа средба и разговараа за изградбата на црквата, посочуваат дека деталите околу финансирањето се' уште не се дефинирани. Инвеститор може да биде приватно лице, здружение, или пак МПЦ. Пред неколку месеци, пак, градоначалникот Кирил Тодоровски, кој сега се наоѓа во притвор, рече дека од МПЦ потврдиле оти ќе ја финансираат изградбата на црквата до фаза карабина. Според процените, доколку храмот се гради според постојниот идеен проект, за негова реализација ќе бидат потребни пет милиони евра.

Инаку, на неодамнешната средба помеѓу г.г.Стефан и Зиберовски било разговарано и за динамиката на завршување на изградбата на храмот „Свети пророк Илија“. Според најавите, црквата ќе се освети на големиот христијански празник Илинден. Покрај овој храм и најавата за почеток на изградба на „Кирил и Методиј“, на подрачјето на Аеродром е планирани да се градат уште четири цркви. „Свети Кузман и Дамјан“ во населбата Лисиче, потоа црква „Света Богородица“ на улицата „Васко Карангелески“, „Свети Василиј Велики“ е во план да се гради во Мичурин, а црква која ќе се вика „Свети Ѓорѓи“ ќе добијат жителите на улица „4“. Општинарите посочуваат дека изградбата на храмовите е неопходна, бидејќи 90 отсто од жителите во Аеродром се православни христијани. На подрачјето на општината засега постојат два храма - „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче и „Света Троица“ во Долно Лисиче.

 Посети: {moshits}