kurbinoo_02_640

Паралелно со истражувачките работи на конструктивниот систем, се реализираа и истражувачки работи на ѕидното сликарство …

Заштитата на црквата „Св. Ѓорѓија“ во преспанското село Курбиново, прогласена за споменик на културата уште од 1952 година како едно од врвните остварувања на источнохристијанската култура, е еден од приоритетите на Министерството за култура. Во согласност со проектот, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Битола во изминатиот период извршија геотехнички и физичко-механички истражувања за конструктивна консолидација на црквата „Св. Ѓорѓија“.

Паралелно со истражувачките работи на конструктивниот систем, се реализираа и истражувачки работи на ѕидното сликарство со цел да се утврдат техниката на сликање, видовите и распространетоста на оштетувањата, како и нивните причинители. Направени се и дополнителни физичко-хемиски анализи на живописот од горните зони во црквата. Во изминатиот период беше изготвен и проект за конзервација на фрескоживописот, како и проект за изработка на привремен заштитен покрив врз градбата.

По изведбата на заштитниот покрив, екипите ќе продолжат со истражувачките работи на архитектурата и на покривните елементи, а акцент ќе биде ставен врз утврдувањето на првичните висински коти на овој храм. Со тоа ќе завршат археолошките истражувања и ќе се заокружат истражувачките работи на архитектурата и на покривот.

По заокружувањето на истражувачките работи и изготвувањето на проектната документација, ќе се пристапи кон непосредни конзерваторско-реставраторски работи на  фрескоживописот за што ќе бидат применети современи техники и методи. Со претстојните конзерваторско-реставраторски активности, црквата „Св.Ѓорѓија“ во Курбиново ќе биде целосно заштитена и во внатрешниот и во надворешниот дел.

Извор: Министерсво за култура на Р. Македонија