АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА ВО СКОПСКО

Таор бил привремено седиште на архиепископијата Јустинијана Прима

Може да замислиме колку му значело ова место наЈустинијанПрви кога по големиот земјотрес во 518 година Скупи не бил толку обновен, вели археологот Киро Ристов


На локалитетот Градиште кај Таор, пронајдени се населби
 од бронзеното време, од 2200 до 1800 година пред новата ера

Седиштето на легендарната византиска метропола Јустинијана Прима привремено било сместено во доцноантичката населба Таурисиум, кај скопското село Таор, родното место на Јустинијан Први, големиот император на Источното Римско Царство. Оваа теза археолозите од Музејот на град Скопје храбро ја поставуваат водејќи се од годинашните археолошки ископувања. Тие пронајдоа објект со големи димензии, кој имал кат, отворен двор - атриум, од кој преку колонади од столбови се излегувало на широка улица. Објектот е изграден од исклучително квалитетни материјали.Ако навистина ја изградил Јустинијана Прима на местото на денешно Скопје, тогаш на ова место привремено живееле свештениците на првата архиепископија - вели археологот Киро Ристов, раководител на ископувањата. Можеби е храбра хипотеза, но размислувам во тој правец - вели тој.Екипа од дваесетина археолози, архитекти и работници секое утро, во 7 часот, почнуваат да ги симнуваат слоевите земја за да ги откријат тајните на минатото. Повеќемина носат маички на кои стои логото на локалитетот „Таор-Јустинијан-Македонија“, испишано околу портретот на Јустинијан. Се гордеат со тоа. Велат: „Ова ни е униформата“. Во екипата со години работат луѓето од Таор. Има и јуниори и сениори. Маскота им е кафеното куче Линда, мешавина од „леси“ и волчјак, која од првиот ден е со тимот. Еден од работниците на шега вели: На почетокот ја менувавме за две гајби, а сега не ја даваме ни за камион пиво!

АНГАЖИРАНИ ДОБРИ МАЈСТОРИ

Очигледно е дека целиот тим функционира како семејство. Покрај Ристов работат уште неколку археолози и архитекти. Некои од нив се студенти. Но, сите работници се од Таор. Заедно работат со години. Ристов вели дека ископувањата на Таор станале реалност благодарение на гостопримството, на големината на мештаните, кои им дозволиле да работат на нивните ниви. Археолозите годинава пронајдоа неколку нови објекти, сите од 6 век. Ѕидовите на најрепрезентативната градба со атриум се дебели 1 метар, има трапезоидна форма и со едната страна е потпрена на бедемот на локалитетот. Големиот објект бил за цивилна употреба. Пред влезот во дворот има улица, широка 2,6 метра, од каде преку колонада од столбови се влегувало во дворот, а потоа во просториите од објектот. Во рамките на комплексната мрежа од објекти пронајден е и канал кој бил засведен со арка. Сочувани се ѕидови високи околу 1,7 метар.Фрапиран сум од помислата дека на олку оддалечено место може да има вакви објекти. Не можам да претпоставам што се' друго ќе најдеме - вели Ристов.Ѕидовите се изработени од камен, а потоа малтерисани. Археолозите се изненадиле од квалитетот на малтерот што бил употребен во тоа време. Малтерот изгледа цврст речиси колку бетон. Објектот имал кат. Горните ѕидови биле направени од градежна тула, врзана со малтер.Тука работеле добри мајстори. Некој требало да ги плати. Локалното население во тоа време немало толку пари - објаснува Ристов.

ИНТЕРВЕНЦИИ СО ДРЖАВНИ ПАРИ

На локалитетот Градиште кај Таор, пронајдени се населби од разното бронзено време, од 2200 до 1800 година пред новата ера. Во доцноримскиот период егзистирала мала населба, од крајот на 4 и почетокот на 5 век, која егзистирала до катастрофалниот земјотресот во 518 година. Според пронајдените монети, накит, оружје, луѓето престанале да живеат таму кон крајот на 6 век, кога во овие краишта поминале Аварите и ја уништиле населбата. Средновековието, 9 и 10 век, е потврдено со две монети, накит и оружје од тоа време. Археолозите пронашле и четири гроба од 17 век.За археолозите е најинтересно доцноантичкото време, поврзано со Јустинијан. На локалитетот се правеле интервенции со државни пари. Тогаш владеел Јустинијан Први. Може да замислиме колку му значело ова место на императорот, кога по големиот земјотрес Скупи не бил толку обновен! - вели Ристов.

Тој објаснува дека античкиот историограф Прокопиј бил јасен во своите записи. „Јустинијан, за да се заблагодари на своето родно место, го обновил и го утврдил“. Топонимот е дополнителен показател дека Таор е современата населба на доцноантичкиот Таурисиум. Останува да се прашуваме која била целта на Јустинијан. Дали го правел местото за себе или за мештаните? Тој бил император, можел да оди во секој град. Зошто инвестирал толку во Таурисиум? Ако тука, близу, ја изградил Јустинијана Прима, првата архиепископија, ова дефинитивно било привременото седиште на архиепископијата додека се градел центарот - вели Ристов.Истражувањата на Таор се дел од капиталните проекти што ги финансира Владата. Археолозите добиле еден милион денари. Со малкуте пари од годишните програми на Министерството за култура на локалитетот донеле струја, вода, изградиле барака со канцеларија, простор за чистење на керамика, тоалет и кујна. Подготвуваат и веб-страница.

Весна Ивановска