debata

Вештачката интелигенција сѐ повеќе напредува и само можеме да погодуваме во која насока ќе се развива во иднина.

Ај-би-ем во Сан Франциско го претстави „Проџект дебатер“, компјутер што користи вештачка интелигенција и голема база на податоци за да му парира на човекот во дебатата. И успеал.

Користејќи стотици милиони документи - од новинарски до стручни статии, овој компјутер ги создавал одговорите на тема за која пред тоа не бил информиран.

Компјутерот во текот на дебатата не бил поврзан на интернет, туку морал да се потпре на базата на податоци што ја имал. Дебатата била одржана пред публика која гласала за тоа кој давал подобри аргументи.


Фото: Youtube/Printscreen

Луѓето победиле во категоријата подобра презентација, но компјутерот ја однел победата во аргументите. Од Ај-би-ем велат дека токму тоа е она што сакаат да го постигнат - да создадат уред што на луѓето ќе им помогне во донесувањето одлуки и давање добри и релевантни аргументи.

- Овој проект ја одразува мисијата на Ај-би-ем за развивање широка вештачка интелигенција која учи низ различни дисциплини за да ја прошири човечката интелигенција. Асистентите втемелени на вештачката интелигенција ни станаа доста корисни благодарение на нивната можност да спроведат софистицирани пребарувања по клучни зборови и да одговараат на едноставни прашања или барања. Овој проект истражува нова територија - апсорбира големи и различни сетови на информации и перспективи за да им помогне на луѓето да изградат уверливи аргументи и да донесат добро информирани одлуки - напиша на својот блог Арвинд Кришна, директор на одделот за истражување на Ај-би-ем.

Тој најави дека проектот ќе биде вграден во „Ај-би-ем Ватсон“, веќе добро познат компјутер со вештачка интелигенција.

- Колку потранспарентна и појасна можеме да ја направиме оваа трансформативна технологија, толку повеќе ќе можеме да ѝ веруваме. А колку повеќе можеме да ѝ веруваме, толку повеќе ќе ни помогне да донесеме подобри и поинформирани одлуки во сѐ покомплексниот свет - вели Кришна.

20.06.2018 год.

Извор:

https://www.fakulteti.mk/news/20062018/veshtachkata-inteligencija-gi-pobedi-lugjeto-vo-debata