Годинава се соочуваме со предизвикот на освојување нови кинематографски пространства. Ова е една убава желба, која би сакал да се оствари, како што се оствари сонот за „Астерфест“- да имаме кино што ќе ги задоволува високите стандардите на киноприкажувањето



 Борис Геретс со наградата „Астер“

ДЕСЕТ ГОДИНИ „АСТЕРФЕСТ“

„Ново и старо“ е мотото под кое се одржува годинешново издание на интернационалниот фестивал на краток и документарен филм „Астерфест“, чие свечено отворање се случи завчеравечер, во малата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.

Во чест на јубилејот, отворањето помина во атмосфера полна со набој на филмската магија, а малата сала во Домот на културата во Струмица беше претесна за да ги собере гостите од странство, филмските уметници, актери, критичари и љубители на филмската уметност.

Највисокото признание на фестивалот, наградата „Астер“, за посебни достигнувања во светскиот и европскиот филм, градоначалникот Зоран Заев, му ја врачи на данскиот режисер Борис Геретс, меѓународно признаен автор на документарни филмови и докажан визуелен уметник и монтажер.
Режисерот Геретс, со искрените зборови на благодарност, ѝ ја посвети на својата сопруга.

- Не постои филм без магија, а понекогаш за добриот филм требаат и ангели. Филмот што ќе се прикажува на крајот од фестивалот „Човек-сенка“ почнав да го снимам со една личност што ми рече „добре дојдовте назад“. Пристигнав во Африка, по 25 години, и кога слегов од автомобилот бев опколен со луѓе и еден од нив ми рече „добре дојдовте назад“. Тоа всушност беше моментот кога филмот почна - рече Геретс.

Специјалното признание за високи достигнувања во филмската и драмската уметност ѝ беше доделено на актерката Љупка Џундева.

- Кога ќе ви кажат дека сте добиле награда, и тоа во време кога со години сте оддалечени малку од сцената, тогаш настапува вистинското изненадување - рече актерката Љупка Џундева.

Во изминатите десет години на „Астер фест“ се прикажани повеќе од 350 документарни филмови, како и кратки играни филмови од 50 земји во светот, а од сите континенти.

За режисерот Горан Тренчовски, идеен творец на фестивалот, годинава почнува нова ера во филмската фестивалска магија.

- Мисијата на „Астерфест“ со годинашната концепција е заокружена и на повидок е нов предизвик, на освојување нови кинематички пространства. Ова е една убава желба, која би сакал да се оствари, како што се оствари сонот за „Астерфест“- да имаме кино што ќе ги задоволува стандардите на киноприкажувачката сфера и сето тоа да биде зачинето со високата технологија - рече Тренчовски.
По врачувањето на наградите, во чест на лауреатите, беше прикажан филмот-оскаровец „Хелиум“ на режисерот Андерс Валтер.

Вчера претпладне за двајцата лауреати се одржаа Астер-портрети и Тивериополски филмски беседи, во конаците на манастирот „Св. Богородица Елеуса“, во Вељуса. Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе трае до 31 мај.

Извор: http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=5291483445&id=16&prilog=0&setIzdanie=23186