Катерина Коцевска донесе еден жив, необичен и остроумен текст, кој прелевајќи се од сцената, ќе живее долго

Сунчица Уневска

ФОТО: Петр Стојановски

Претставата „Љубовници“, која синоќа ја имаше својата премиера, е добра претстава која остави силен впечаток. Има во неа свежина, има оригиналност, има хумор, има леснотија, иако зборува за толку познати работи, но има и такви пресврти и луцидност кои ја прават поинаква и ве тераат на работите да погледнете од друг агол.

Катерина Коцевска, која го напиша текстот и ја потпишува режијата, се занимава со вечните машко-женски односи покажувајќи голема проникливост, интелигенција, мудрост и аналитичност, особено во креирањето на карактерите, но и во способноста со ведрина да проговори за лицето и опачината, за радоста и горчливоста во нашите избори и односи едни кон други. Таа дава две брачни двојки кои се сосема различни на прв поглед, но и многу слични во незадоволството и во борбата со себе како да го надминат неизбежното и како, на свој начин, да го преживеат „секојдневјето“.

Таа претставата ја носи со многу игра, иако има во неа и толку суровост, но тоа не и' тежи. Интересно е на кој начин таа и извонредните актери ги исцртуваат сите овие карактери, како во нив да се дадени различни парчиња од една иста целина или различни теми кои заедно го прават целото. Едноставно, во нив не можете а да не се препознаете, особено во начинот на кој се водени тие толку познати разговори, во начинот на кој дијалозите и' даваат полетност, и' даваат нешто ново, и' даваат откаченост и забавност, но не заборавајќи ја другата страна... На моменти се чини смешно и тажно, но за жал, дури и во тоа има вистина.



Билјана Беличанец-Алексиќ е исклучителна како Ема, една отворена и современа жена, која и покрај својата кокетност, се' уште верува во својот брак и го држи жив дијалогот и очекувањата во него, додека нејзиниот сопруг Иван (Зоран Љутков) е можеби незаинтересиран и рамнодушен, но во неговото, дури и нејасно и несигурно барање на себе, има се' уште и љубов и почит кон неа. Драган Спасов како Ангел се чини најсамоуверен и самозадоволен во „сопствената формула за уживање“, но неговата доминација буквално се прекршува во умртвеноста на неговата сопруга Елена (Маја Вељковиќ-Пановска), покажувајќи ја целата гнилост во тој привиден мир...

Одлично одиграни улоги, со исто така добро замислена, минимална но алузивна сценографија (низ сликите и атмосферата), со добра музика, ритам, точна дозираност и подвижност, која понесува. Кратките секвенци се сосем доволни, инвентивни и добро заокружени за да можеме да си го претставиме или почувствуваме целиот оној живот затскриен во нив, живот што тие го носат на сцена, живот што сите го живееме надвор од сцена.

Саксофонот и неговиот звук толку добро се вклопува и ја носи атмосферата која во себе содржи се', и копнеж, и носталгија, и посакување, и љубов, но и тага, очекување, барање. Претставата со „малку“ успеа да донесе се', разиграност, едноставност, успеа да постави прашања, да не' натера на нив да го бараме својот одговор, успеа да донесе едно ново видување, а над се', успеа да го долови животот, макар понекогаш и во неговата карикираност, па и низ погледот во искривеното огледало. Таа е весела, забавна, тажна, жива, а толку точна. Ова е претстава која веројатно ќе живее долго.

 

Извор: http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=F3ECC8CF71A05E498DFBD3243B06DF9A