РАЗГОВОР СО РОЗА МОЈСОВСКА, СЛИКАРКА КОЈА ГО ПРЕМОСТУВА СВОЈОТ ХЕНДИКЕП


Господ сака да се прослави преку мене, а не јас преку него...


"Кога ќе ми дојде мисла се трудам веднаш да ја пренесам на хартија или на платно. Се разбира, секогаш идејата не излегува на виделина, но бидејќи својата инспирација ја црпам од Светото писмо, Господ ми помага бидејќи тој создал се, па и мене, за да можам да ги вообличувам своите слики и зборови", вели Роза за своето творечко постоење


Уметничката Роза Мојсовска својот светоглед го шири од својата соба - престојувалиште во Заводот за рехабилитација во Бања Банско, а особен придонес за нејзиниот раширен светоглед има сликањето и поезијата. Таа од 1986 година, па до денес се дружи и живее со своите сопатници по болест и душа, а главната потпора ја црпи од нејзината "десна рака" Тошка.

Својата инспирација и дух речиси непрестано ги претвора во зборови и слики. За нејзината инспирација и нејзиниот тек на мисли, таа вели:
"Кога ќе ми дојде мисла се трудам веднаш да ја пренесам на хартија или на платно. Се разбира, секогаш идејата не излегува на виделина, но бидејќи својата инспирација ја црпам од Светото писмо, Господ ми помага бидејќи тој создал се, па и мене, за да можам да ги вообличувам своите слики и зборови".

Најчесто црта цвеќиња, бидејќи за неа цвеќето претставува љубов...
"Преку нежноста на цветовите сакам да ја изразам таа љубов, подарувајќи им ја на луѓето", вели Роза. Таа твори во ателјето кое е прилагодено и пренасочено за неа, кое се наоѓа еден кат подолу од нејзината соба. Оттаму таа ја продолжува својата патека кон иднината, но и борбата со болеста, која ја "осудила" доживотно да биде во инвалидска количка, но не се предава:
"Јас меѓу другото се борам да докажам дека и ние луѓето со телесен хендикеп, односно со посебни потреби нешто вредиме. Не се жалам никому, не се самосожалувам, бидејќи Господ таква ме создал затоа што сака да се прослави преку мене, а не јас преку него...

Досега во уметничкото портфолио на Роза Мојсовска се запишани или поточно создадени повеќе од илјада слики - дела, бројка што несомнено е за респект. Нејзиниот труд почнува да се верифицира од 1996 година, кога според нејзини зборови започнала сериозно да се занимава со сликање. Инаку, Роза дружбата со боите и палетата ја започнува од мали нозе. Таа е член на Светското здружение на уметници кои сликаат со уста или нозе. Тоа е самофинансирачка организација во која членуваат само тешки инвалиди. Заради тешките последици на болеста, не можат да ги употребуваат рацете и затоа се научиле да цртаат држејќи ја четкичката со забите или со прстите на нозете. Таа е стипендист на ова здружение, а преку своето школување под будното око на професорот Панче Георгиев се труди да добие статус на професионален сликар и да биде полноправен член на светско ниво во нејзината категорија.

За својот труд и професионален однос кон уметноста и сликањето не сакаше многу да зборува пред се поради нејзината кроткост и скромност, па сепак кусо ни рече: "Досега се соочувам само со позитивни оценки. Имам многубројни изложби низ цела Македонија, но и во Италија, Швајцарија, Словенија, Србија, Бугарија..."

Засега во преговори е изложба во Битола, но не е исклучено многу наскоро или во текот на годинава Роза преку своите дела да се претстави и во Скопје.

За крај и понатаму не симнувајќи ја својата ведрина и насмевка од лицето, Роза на сите луѓе без разлика на нивната здравствена состојба им порачува:
"Човекот секогаш треба да се бори, бидејќи, ако ги земеме предвид сите околности со кои се соочуваме во психофизичка смисла, секој човек на некој начин е инвалид, односно носи по некоја болка со и во себе. Без оглед на фактичкото здравје и изгледот, секој човек со верба и позитивна енергија може да се избори со злото".

Мојата молитва

Би сакала да украсам душа
На сите скршени срца.
Да нанесам сјај
На солзите што течат од болка.
Да закачам вера
На очите тажни.
Да ја нацртам надежта
Во којашто се надевам.
Сакам да ги наредам имињата
На сите мои најблиски,
Па нека бидат и на оние
Што ми мислат зло,
И на тие кои сум ги повредила
Без да сакам.
Сето тоа
Сакам да го вметнам
Во мојата молитва
А мојата молитва да одлета
До Твоите уши.
И нека биде
Ти како што сакаш да биде
По твојата волја Боже!

Ова е последната песна од четвртата стихозбирка на Розе, "Ја имам надежта", а пред тоа таа ги напиша уште и "Во прегратките на Исус", "Не се предавам" и "Немам време".

Борче ГРОЗДАНОВ- Вечер