За време на своето дваесетгодишно искуство, Конеска има насликано околу 700 икони и 300 фрески. Повеќето од иконите се во приватна сопственост во нашата земја, но и во странство
     
     
     
МАЛКА КОНЕСКА, ИКОНОПИСКА

Иконописот е многу повеќе од сликарство, тврдат оние што се занимаваат со него. А Македонија има со што да се пофали кога зборуваме за иконопис и фрескопис, дел од нашето своевидно културно и духовно наследство. Малка Конеска има 37 години и се занимава со оваа дејност речиси дваесет години. И покрај тоа што 20 години не се мал период, оваа скромна иконописка тврди дека сѐ уште има многу да учи и да се надградува. Има дипломирано на Факултетот за ликовна уметност во Скопје и тврди дека од дипломирањето досега фокусот ѝ е ставен на православната иконографија.
- Интересот за иконописот дојде спонтано, уште во моите средношколски денови, пред дваесетина години. Често ги посетував манастирите во нашата земја. Во манастирот во Вељуса во Струмица уште на времето имаше иконописна школа, која и ден-денес постои, но сега со седиште во манастирот во Водоча. За мене тоа е една исклучителна школа, затоа што сестринството е целосно посветено на пронаоѓањето на одговорите за теологијата и техниките на изработка на иконите - објаснува Конеска.
За оние што го работат ова, иконописот е цел еден свет, кој се разликува по многу нешта од световното сликарство и го поврзуваат со мистеријата на животот, кој го гледаат низ религиозна призма.

ТАЈФА „СВЕТИ НАУМ“

- Иконописот за мене е еден цел живот со сите елементи и текови. Допир со постојано присутниот, а невидлив свет. Разговор. Средба со себе и со светителот што го иконописуваш - зборува Малка.
Фактот дека порано постоеле тајфи го знаеме уште од учебниците од основно училиште. Меѓутоа, помалку е познато дека и денес постојат вакви тајфи, кои функционираат беспрекорно, исто онака како што функционирале тајфите на познатите мајстори од минатите векови. Авторката е дел од тајфата што го носи името на Свети Наум.
- Нашата тајфа има пет члена. За нас свети Наум има посебно значење, па решивме тајфата да ја именуваме по овој светител. Една тајфа функционира како еден организам. Секој дел од организмот е со посебно значење и ништо не функционира без него посебно. Сите делови се потребни за да има хармонија - објаснува авторката.
За иконописот вели дека во еден период замрел интересот за него, меѓутоа во последниве дваесет години повторно доживува голем подем.
- Имаме посебна привилегија во нашата земја да се наоѓаат едни од најубавите икони и фрески што воопшто некогаш биле изобразени. Секако, има и други убави во светот. Но кога ќе застанам пред Богородица Пелагонитиса се чувствувам како по долго талкање да сум стигнала дома. Преубава насока ни е дадена. Во еден период застанува тој тек на развој во живописот кај нас, но во последниве дваесетина години како да се случи повторно будење. Сѐ уште сме во потрага по она до кое стигнале големите мајстори. Барем такво е моето чувство. Парадоксално е, но колку што технологијата се движи нанапред, толку ние се оддалечуваме од старите мајсторски тајни на сликањето. Времето покажало дека нивниот пристап и техника биле, слободно можам да кажам, совршени, бидејќи, и покрај нашата негрижа кон нивните мајсторски изведени икони и фрески, тие сѐ уште опстојуваат и по седум-осум века. Живописот ќе оди во нагорна линија во зависност од тоа колку ние духовно ќе се усовршуваме, ќе се вложуваме, бараме, истражуваме - вели Конеска.

ПРЕДИЗВИЦИ

За себе вели дека не сака да брза кога работи затоа што при работата се воспоставува посебен однос со делото, кој има исклучителен духовен карактер.
- Во иконописот дефинитивно е поважен квалитетот од квантитетот. Брзиот ритам на живеење, кој почна да нѐ проголтува, се обидува да влезе и во оваа сфера. Не би смееле да го дозволиме тоа, бидејќи ќе резултира со целосно промашување на смислата на иконата. Брзината во сликањето треба да дојде спонтано, природно. Имам насликано околу 700 икони и 300 фрески. Повеќето од иконите се во приватна сопственост и се наоѓаат во нашата земја и надвор од неа - објаснува иконописката.
Таа додава дека секое дело е нов предизвик и ново нурнување во себе и во духовните тајни.
- Секоја нова икона претставува предизвик сам за себе. Нов лик, нов живот, поинаков од претходниот, личносен, а сепак и сличен затоа што љубовта кон Бога ги соединува. Ги прави да си личат едни на други, во смисла на тоа дека сите светители и светителки целиот свој живот го посветиле на тоа да го вратат Христовиот лик во себе - заклучува Конеска.      
       
Автор: Биљана Стојановска / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.       Фотографија: Игор Бансколиев

Извор: Нова Македонија