ИНТЕРВЈУ ДУКЕ БОЈАЏИЕВ: Од коренот не се бега!

 

Ние сме генерација на емигрaнти коja своеволно сакаше  да се пронајдат себе на едно друго ниво, да си ги измерат силите со светот и да научат од него. “Македонија не е претесна за нас, туку нашите амбиции се поголеми од границите на една држава. Тоа воедно е многу добро и за нас и за нашата култура и традиција, со која на тој начин се запознава и светот”.

Дуке Бојаџиев, и лекар и композитор, е музичар кој се втурна во светската конкуренција на најкреативните. За порталот Фактор одговара пред неговиот нов музички камп во македонските амфитеатри каде ехото од ноти и гласови ќе ја докажува бесмртноста на  уметноста.

“Омразата, зависта, недовербата, сите тие се недостаток на љубов во срцето,“ вели Дуке, за кого негативната енергија никогаш не ги решава проблемите.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: Платон вели дека уметноста е копија на физичкото од нашите животи. Според овој филозоф, уметноста која предизвикува возбуда и емоции, има неконтролирана моќ врз човекот. Но кога една уметност станува совршена ?

Дуке Бојаџиев: Уметноста станува совршена само кога е искрен израз на емотивната состојба на креаторот во моментот на создавање. Кога тој станува медиум низ кој животното искуство и емоциите се преточуваат во форма која може да ја сподели со светот. А доказ за совршена уметност е кога таа  станува бесмртна. Ако една песна, филм, слика или било која форма на уметност преживеала децении, па и векови без тие да изгубат од својата вредност, тоа е најдобар доказ за совршеност. Поезијата на Руми напишана во 13-тиот век и денес звучи свежо и инспиративно, исто како и класичната и изворната музика, која ги пленела луѓето низ векови и сеуште го прави тоа.

ДУКЕ 3

Фактор: Во една пригода изјавивте  дека Њујорк, каде што  живеете и работите  речиси 15 години, извршил големо влијание не само врз Вашиот музички развој туку  и кон  погледот на  животот. „ Во Њујорк го препознав она што отсекогаш го барав, светот како поле за културен натпревар меѓу народите, како што авангардниот Гоце Делчев пред многу години тоа го сфатил..“ Дали Македонија е  претесна  за уметниците како Вас,  Милчо Манчевски, Владимир Василевски-Четкар, Горазд Поповски, Симон Трпчевски, Дарко Костовски, Александар Поповски,  … ?

Дуке Бојаџиев: Македонија не е претесна за нас, туку нашите амбиции се поголеми од границите на една држава. Тоа воедно е многу добро и за нас и за нашата култура и традиција, со која на тој начин се запознава и светот. Луѓето кои одат да си ја пробаат среќата вон нашите граници и притоа успешно функционираат, се на некој начин екстензија на нашето културно богатство на пошироко ниво. Убавината е кога наш човек оди надвор, стекнува светско искуство и потоа несебично го пренесува дома. Тоа е формула за еволутивен развој на еден народ. Овој принцип е нешто што треба да се негува и пренесе на новите генерации како најпозитивен пример. Без разлика каде и да сме, во која и средина да се вклопиме и живееме, од коренот нема бегање.

ДУКЕ 2

Фактор: Двата концерти кои ќе ги одржите  се насловени со зборовите „Сон. Верба. Љубов.“. Проектот е спој на филмска, класична и изворна  музика, односно духот на македонската традиција. Каков е впечаток од  контактите кои ги   имате со вашите пријатели во Скопје?  За што најчесто сонуваат а во што најмногу веруваат? Постои ли љубов или омразата, зависта, недовербата, разочараност  се доминантни  ?

Дуке Бојаџиев: Верувам дека како што мракот не постои, туку е предизвикан од недостаток на светлина, така и омразата, зависта, недовербата, сите тие се недостаток на љубов во срцето. Највеќе не повредуваат самите нас, а не оној кон кој е насочена таа негативна енергија. Го нарушуваат духовното здравје, а со тоа и физичкото.  Тие негативни особини се во човечката природа, не само кај нас, туку воопшто во светот. Животот е полн со проблеми, повеќето неможат со пари да се решат, туку само со работа и развој на духовното во нас. Негативноста никогаш не решила ниту ке реши проблем. Уметноста помага во оплеменување на душата и чистење од негативни чуства и енергии.

mkd-206556

Фактор: Од каде ја  црпевте  инспирацијата за  проектот „Сон, Верба, Љубов“?

Дуке Бојаџиев: Од моето секојдневие, животни случки и искуства. Моите емотивни состојби и искуства ги преточувам во музика, а потоа таа ја пренесувам до слушателите. Бидејки во корен сите сме едно, тоа едно ако мене ме допрело длабоко ке го допре и слушателот кој е спремен да ја прими таа порака. Колку е по искрена уметноста и колку е по искусен креаторот да го пренесе тоа не само како емоција туку и да го спакува во форма разбирлива за сите, толку е поголем ефектот. Сон.Верба.Љубов. е на некој начин моја животна филозофија. Со мојата музика јас не сакам да ги забавувам слушателите, туку вистински да допрам до нивните срца и да ги поведам на едно духовно патување.

Фактор: Во Античкиот театар и во Хераклеа  ќе ве придружуваат  Тања Царовска и  Владимир Крстев.  На концертот  кој ги имавте на почетокот на годинава со Македонската филхаромнија  во Скопје учестуваше  Крсте Роџески.  Како  успеавте   да напрравите  еден ваков спој кој беспрекорно  функционира со  песните „Си Заљубив “  што е преработка на народната „Си заљубив едно моме“ во изведба на Тања   и  „До Балчак“ која ја пее Крсте ? 

Дуке Бојаџиев: На моите досегашни поголеми концерти имам работено со разни пеачи и инструменталисти. Како што за добар филм треба добар кастинг на глумци за да се создаде потребната магија, истото е и за концертните настапи. Со Тања се познавам уште од 90тите пред да заминам во Америка и одсекогаш ми беше желба да соработуваме но дури 2010та конечно дојде до соработка кога ја поканив да ја пее мојата обработка на „Си Заљубив“. Потоа годинава ми беше гостин на концертот во Рим по повод Св. Кирил и Методи каде свиревме трио со Владимир Крстев на виолина и поминавме фантастично. Соработката продолжува на двата концерти летово.

mkd-206554

Фактор: Имате работено со добитници на Оскар како Џонатан Деми и Данис Танович… Вашата  музика е користена за светски кампањи на брендови како Пежо, Ланком и Лореал Има работено со артисти како Синди Лопер и Телепоп Мјузик, а имате настапувано во светски дворани, меѓу кои Карнеги Хол во Њујорк, Авалон Театар во Лос Анџелес. Но сепак за Вас најголема возбуда и предизвик  е кога  имате концерт во Македонија ?

Дуке Бојаџиев: Иако имам изградено интернационална кариера и работено со врвни светски имиња, на домашен терен најмногу се радувам бидејки чуствувам дека правам нешто вредно за својот народ. Тоа ми дава неописива убавина и ми го полни срцето. Уште од мали години посакував да се конектирам и работам со наши талентирани луѓе од светот. После многу години и многу работа, мојот детски Сон, со многу Верба и Љубов стана реалност. Затоа секогаш концертите и проектите на наш терен ке ми бидат посебна возбуда. Се почна од тука, од дома.

mkd-176740

Фактор:  Една од вашите  песни е насловена „Татко“ посветена на Вашиот  покоен родител  кој беше лекар и познат кантавтор. Дали од оваа  временска   дистанца  жалите можеби што тргнавте  по понеговите стапки?

Дуке Бојаџиев: Напротив, секогаш сум пресреќен кога ке помислам дека го направив тој потег, музиката неминовно стана моја професија. Во еден момент, кон крајот на моите медицински студии, сватив дека неможам да замислам музиката да ми биде само хоби. Така никогаш немаше да можам да се дадам до крај ниту да се најдам себеси. Влијанието на татко ми беше огромно, еден на друг си бевме инспирација, а јас го направив она за кое тој одсекогаш сонувал. Иако условите и времето во кое живеел не му дозволиле, преку мене успеа да се реализира.

Од друга страна никогаш не сум се покајал што поминав 6 години и го дипломирав медицинскиот факултет, тоа беше преубаво искуство и големо влијание на моето оформување во човекот кој сум денес.

Фактор: Колку што имам слушнато во Њујорк  има одлична  дружба  меѓу нашинците, која на моменти наликувала  на  журките од 90 тите години во „ Ван Гог“,  Зи-Зи, Мусандра.  Дали тоа се собиранки за сузбивање на  носталгијата кон татковината  и кого се’ може да се види таму     

Дуке Бојаџиев: Носталгија имаат обично луѓето кои се отидени на печалба, од немукает. Ние сме генерација на емигранти, луѓе кои своеволно отишле да побараат нешто повеќе од животот, да се пронајдат себе на едно друго ниво. Да си ги измерат силите со светот и да научат од него. Тоа се наши луѓе од најразлични профили и професии, од уметници до банкари, од научници до претприемачи. Иако тие собиранки не се чести бидејки сите таму живееме во едно забрзано темпо, кога се случуваат се празник за душата.

Извор: Фактор