логоFacebookTwitterYouTubeeMail

  ИНТЕРВЈУ СО МАКЕДОНСКИОТ ВЛАДИКА



Проблем се фанатичните верници што својата беда и немањето парче леб го префрлаат на сметка на другиот, дека тој им го зел, и поради тоа се спремни да му демонстрираат сила и превласт и да дигнат рака на него како кривец што им ја одзел територијата, работата и лебот, вели македонскиот владика Пимен во интервјуто по повод неодамнешните инциденти со поставувањето крст во Бутел и орел во Чаир и потпалувањето верски искри со политичка цел.

Христовото учење не подразбира буквално влечење големи дрвени крстови како Неговиот, туку подразбира мирно прифаќање на искушенијата, вели отецот и додава дека секој човек со чисто срце и искрена вера неговите зборови ќе ги сфати како повик на разумност и толеранција. Презаситени сме веќе од патриотски и националистички прикаски и крв, вели владиката. И навистина сме презаситени.

Дали крстовите што во последно време со помош на црквата се поставуваат насекаде низ Македонија воопшто имаат некакво црковно значење? Симболизираат ли нешто од црковен аспект?

Крстот е украс на вселената и најмоќно оружје во борбата против ѓаволот според учењето на Црквата. Но, реков против ѓаволот, ама не и симбол што со своето поставување на одредено место ќе значи и прогласување победа и обележување територија. Христос нè учи да го земеме крстот свој на своите плеќи и да го носиме врз себе. Но тоа е во нашиот живот и не подразбира буквално влечење големи дрвени крстови како Неговиот, туку подразбира мирно прифаќање на искушенијата. Подразбира благодарење на Бога што ни дал искушенија преку кои можеме да растеме во верата. Православната теологија учи дека само преку крстот се стигнува до Воскресение, што е и наша крајна цел како христијани.

Се разбира, тоа не значи буквално и ние да чекаме подобно на Христа да бидеме распнати на крст, туку да ги распнеме нашите страсти и ослободени потоа од нив да влеземе во Воскресението на Нашиот Господ Бог Исус Христос, Кој вели дека по тоа ќе нè препознаат дека сме негови ученици, по љубовта кон Неговите заповеди, а не преку поставувањето на нефункционални обележја. Крстот се брани со живо литургиско сведоштво за верата преку покајание, исповед и причест.

Вашата фејсбук-порака дека провокативното поставување крстови и орли нè води кон безумие наиде на одобрување и согласување кај разумните луѓе. Зошто сметате дека ваквиот суров симболизам води кон крвопролевање?

Настаните што следуваа деновиве по поставувањето на орелот како провокација, и одговорот на провокацијата со поставувањето камен-темелник на крстот потоа, а веднаш потоа и окупацијата на местото каде што беше осветен камен-темелникот за крстот, полицискиот кордон помеѓу „окупаторите“ и „бранителите“, повредените полицајци, повлекувањето на кампот поради сугестијата на странскиот фактор и задушницата, протестот пред МВР, јасно говорат за една можност ваквите собирања лесно да излезат од контрола и да испровоцираат безумие и меѓуетнички и меѓурелигиски тензии. Секој човек со чисто срце и искрена вера (без разлика во кој Бог верува), кој не сака да е сведок и учесник во вакви сомнителни исповедања на верата, моите зборови ги разбира како повик на разумност и толеранција. Тоа е клучот на општоприфатеноста на мојот апел. А од друга страна, презаситени сме веќе од патриотски и националистички прикаски и крв.

За среќа, не се отиде до крај. Сепак народот и тоа како знае да биде помудар од политичарите.

Имаше и такви што не Ви ја разбраа пораката, па гневно се чукаа во гради и дрско се „правеа поголеми папи од папата“. Не дека вреди да се споменуваат, но, ете, поради нивната масовност - што би им порачале?

Сакам да верувам дека нивната реакција е плод на ревноста кон Бога и Црквата, а не верски фанатизам и лична омраза најпрвин кон мене како застапувач на тезата, а потоа и кон припадниците на другите вери. Треба сите да сфатиме дека свет е крстот, но дека не е посвет од ниеден изгубен човечки живот во инсценираната одбрана на крстот. Нашиот крст во овие времиња е да го завртиме и другиот образ, согласно со Христовите зборови, да пробаме со кротост да го убедиме другиот дека земјава е на сите нас и дека само преку соживот сите може да се надеваме на подобро утре и дека само преку заемната љубов и почит Бог ќе ни ги отвори портите на рајот, а не преку наседнување на провокации и стремење кон мегаломански проекти.

На интернет имаше коментари, и од Албанци и од Македонци, „Не ни требаат ни крстови ни орли - леб дајте ни!“. Се чини дека соживотот е тука, во лебот, а дека верата, па и онаа најискрената, само ги заострува работите и разликите. Се согласувате?

Искрената вера нe води кон конфликти. Оној што има вера во Бога има респект и кон верата на другиот, на ближниот. И не се проблем искрените верници. Тие се почитуваат меѓусебно и се разбираат и си подаваат корка леб во немаштијата. Проблем се фанатичните и прозелитистични верници што својата беда и немањето парче леб го префрлаат на сметка на другиот, дека им го зел, и поради тоа се спремни да им демонстрираат сила и превласт и да дигнат рака на нив како кривци што им ја одзеле територијата, работата и лебот.

Сведоци сме на многу националистички и верски ексцеси низ Европа (особено по бранот на бегалци од Блискиот Исток, кој патем го предизвикаа „екстремните верници“ што сакаат апсолутно владеење на исламското право и прогонуваат сè што ќе се обиде да им застане на патот на екстремизмот, и христијани, и муслимани и секуларисти. Плод на тоа е и загриженоста на староседелците дека некој ќе ги истисне од нивната родна грутка, притоа забораваат дека несвесноста за својата припадност, неживеењето според крштевањето на кое припаѓаат и падот на нивниот наталитет е реалниот проблем, а не доселувањето на бегалците. Комформитетот и индивидуализмот на христијаните е загрижувачки, а не приливот на бегалци за дисбалансот што би ни се случил за неколку децении. Од друга страна, на Блискиот Исток имаме ист проблем. Со толку млади раселени лица и таму ќе има дисбаланс на наталитетот.

Како ја оценувате улогата на МПЦ и на ИВЗ во овие наши секојдневни случувања? Имаат ли влијание? А волја да несебично да помогнат?

Неофицијалните контакти помеѓу МПЦ-ОА и ИВЗ на различни нивоа многу повеќе функционираат и даваат позначителни резултати во смирувањето на овие меѓуверски и меѓунационални тензии отколку официјалните. Во официјалните соопштенија секогаш се чуваме од осуда на екстремните верници и нивното разочарување во нас како институции и повеќе политизираме и популизираме отколку што реално се трудиме да најдеме долгорочно решение. 

Дали сметате дека Македонија навистина е секуларна држава? Сметате ли дека во земјава државата и црквата се одвоени?

Уставно Црквата, т.е. верата и државата се раздвоени. И треба да е така, бидејќи сме повеќерелигиска држава. Но државата не треба да заборави дека мнозина од народот се изјаснуваат како религиозни и дека тие истите луѓе се членови и на Црквата или други верски заедници што се реализираат во џамијата или синагогата. Не смее државата да им го одземе правото на вера на никој од нив и во име на секуларната држава да ограничува верски права и слободи, ниту пак треба да се однесува надмено и да се обидува да демонстрира власт преку која ќе ги наметнува своите национални ставови над догматските, и со тоа да ја носи во смешна ситуација помесната Црква во случајов МПЦ-ОА, пред другите цркви или кај верниците што не се определени или, пак, се членови на друга партија. Од друга страна, верските лидери не треба да останат неми и да премолчуваат и да аминуваат сè. Погрешно толкување на Уставот и секуларноста се опомените: не се мешајте, не ви е место во политиката, гледајте си ја црквата, џамијата..., ние не живееме на друго место, туку како верници во Македонија.

Имате и Вие впечаток дека одредени политички партии ја злоупотребуваат верата на луѓето заради политички цели?

За жал, може да се забележат ваквите злоупотреби, но не би рекол директно од партиите, туку од членови на некои партии. Особено членовите на националните партии се склони кон ова. Дури често можеме да забележиме како преку социјалните мрежи, поединци промовираат монопол на припадност во Црквата присвојувајќи ја само за своите сопартијци, мешање на Црква со партија, нација и држава, и согласно со тоа опрелестено толкување да ги карактеризираат другите неистомисленици како комуњари, кои немаат што да бараат во Црквата. Неретко испаѓа дека таквите немаат ни елементарно поимање на верата, не знаејќи ниту едно Оче наш да кажат, а Симболот на верата им е тотална непознат, а за другите пак, да имаат континуиран живот во Црква преку пост, молитва, исповед и Причест. Верата е лична работа во соборот на Црквата, и затоа не е должност на ниедна партија да ја чува верата и да ја наметнува, како што нема задолжение ниедна партија да се бори против верата и да ја забранува. Верските заедници се тие што треба да ја чуваат верата и верската толеранција.




Според поединечните настапи на владиците од Светиот архијерејски синод на МПЦ, јасно е дека повеќето од вас се против начинот на водење на Австралиско-новозеландската епархија од страна на владиката Петар. Толку ли сте немоќни во САС, па не можете да се спротивставите на случувањата што одат директно против интересите и улогата на МПЦ меѓу Македонците во странство?

Отсекогаш сме биле свесни дека многу лошо звучат сите оние информации за бескрајни судски процеси за кои слушаме во епархијата за Австралија и Нов Зеланд, и сме барале решение. Би рекол дека повеќе се работеше за довербата кон нашиот брат што ја раководи епархијата, отколку во верувањето на медиумските информации што стигнуваа до нас, или за немањето сила како Свет архијерејски синод. Прашањето за споменатата епархија често беше на дневен ред на нашите синодски седници и никогаш не го губевме интересот за решавање на тамошните состојби. Како плод на тој интерес пред неколку години и започнавме со решавањето на долгогодишниот спор.

По предлог на тамошниот администратор г. Петар се направи поделба на епархијата и се пристапи кон наоѓање можност за нејзино регистрирање според австралиското правосудство. Деновиве, кога веќе имаме можност за тоа, Синодот само ги потврди одлуките за поделбата, за поставување администратор на втората епархија и го потврди нејзиниот статут. Со овие одлуки сметаме дека ќе имаме брзо смирување на ситуацијата во споменатата епархија и брзо решение.

Делењето на епархијата никако не може да се сфати како обид на Црквата да го подели и народот во Австралија, туку како начин за смирување на тензиите и преку заедничко литургиско сослужување на двајцата администратори да се дојде до повторно обединување на нашинците, целта на обединувањето е поставена треба само да се насочиме кон неа.

Општ е впечатокот дека МПЦ сè повеќе се оддалечува од своите верници, поради бизнис-ориентираните попови. Свесна ли е црквата за тоа и дали презема ли нешто?

Би рекол дека бизнис-ориентирани попови е престрог збор кон свештенството, иако веќе е општоприфатен таков стереотип. Свесни сме дека за сите нас важи впечатокот за лакомост кон парите и дека многу им пречат тарифите на верниот народ, но сепак, не е сè така црно. Имаме голем број свештеници од различни возрасти што со свој личен пример се обидуваат да го разбијат овој впечаток. Примерот на овие свештеници нека биде одговор на ова прашање и потврда дека Црквата се труди да промени нешто.

Црквата не е само нејзиниот врв. Црквата е соборот на верниот народ преку парохиските свештеници и монаштвото на Светата литургија околу својот епископ, кога причестувајќи се со Телото и Крвта Христови сме она што сме, Црква – Тело Христово. Приближувањето кон народот сепак ќе биде еден долг процес, како и сите процеси низ вековите кога настапувала криза во верата, но тој процес треба внатрешно да го изведеме, како што светите отци на Црквата го изведувале во време кога се појавувале разни застранувања, своевремено.

Со личен пример на секого од нас. И внатрешниот отпор е дел од овој процес, но верувам дека секој што ѝ посакува здрава иднина на Црквата ќе се преиспита и ќе се приклучи. Не зборувам само за епископи и свештеници, туку за целиот верен народ.

На социјалните мрежи, каде што сте активен, гледаме дека сите, и верниците и атеистите, главно одушевено ги примаат Вашите секогаш искрени коментари и повици, а реакциите генерално се „конечно се најде еден нормален поп!“. Какви се реакциите на Синодот на таа Ваша „необичност“, ако воопшто ги има?



Во почетокот тоа изгледаше многу чудно во очите на членовите на Светиот синод. Можеби се чувствуваше тоа како моја желба за промоција, дури во одредени моменти и како знак на незрелост, онаа младинска. Имаше и контроверзна одлука за затворање на ФБ-профилите од страна на свештенослужителите. За кратко време, откако се виде силата во информирањето на социјалните мрежи, некако целата наша Црква стана поактивна на нив. Полека се менуваше и мислењето, така и денес со повеќе собраќа од Синодот имам многу пријателски и срдечен контакт, а и тие го знаат мојот бунтовен карактер и желба за правдољубивост во Бога. Искрено, знаат понекогаш и родителски со совет да ме опоменат за „мое добро“ да премолчам. А некогаш да ги цитираат моите статусни досетки со насмевка, и сето тоа е само плод на нашата братска љубов, а не заканување, потсмевање или цензура.

Само уште ова (не можеме да одолееме): 21 век сме. Луѓето сè уште се занимаваат со цркви и попови, со оџи и џамии, се покрстуваат, се исламизираат, вршат дејства со заостаната симболика, светот врие од верски војни. Не ли мислите дека досега црквите и џамиите требаше да бидат надмината работа и погледот преку најсовремени апаратчиња да ни биде свртен кон вселената и нејзината логика?

Православната црква сведочи дека Христос е ист и вчера, денес, утре и во веки, како што светиот апостол Павле проповедаше. Верувам проблемот е во тоа што само тешко успеваме (како и сите верски заедници) да ја промовираме таа секогаш и вечна актуелност на Христовото присуство и во современоста.

Можеби, за некого непривлечно изгледа Христос кога на Неговото распнато Тело на Крстот ќе китиме надворешно разни верски додавки за да препознаеме дека Он е Христос Спасителот на човекот и светот, а кога зад Неговиот грб ги криеме нашите национални страсти што ги мешаме со верата, т.е. кога му ги врзуваме рацете за да не може да ја оддели верата од верскиот фанатизам, кога ние што го чуваме Неговото место во црквите, а се плашиме да не дојде ненадејно и да ни го расипе „бизнисот“, кога во многу се разликуваме од Него сите што го сведочиме, кога сме само лоша копија на Неговата љубов и морал, кога читаме во Евангелието за неговата неизмерна, би рекол радикална љубов откриена во долготрпеливоста и човекољубието (кон секој човек, пријател или „непријател“), а го држиме народот во страв од Божјиот гнев, секако ќе размислуваме дека не ни треба Бог, вера, црква, или џамија...



Но ако со нашиот живот го актуализираме Христос, бидејќи како што споменавме, Христос е и Човек од денешницата, исто како и од минатото, но сега и денес треба да ја покажеме таа Негова Божествена Љубов, која е вечна, и затоа нека не нè зачудуваат коментарите од типот: ни се врати верата, ете еден нормален... мисијата е да бидеме свесни т.е. нормални за присуството Божјо, за Љубовта, а не стравот.

На крајот од краиштата (а и тие во Бога се почеток), дури и кога би ги употребиле апаратчињата за истражување на Универзумот, и кога би дошле до крајот на вселената, и таму ќе се запрашаме Кој го ставил тука крајот, и пак би се вратиле на верата, религијата и Творецот, ако сакате и на онаа научна причинско-последична врска во постоењето.

Така, не би рекол дека е поминато времето за теологијата и религијата, туку дека треба враќање кон корените на верата и чистење од фанатизам, симболизам... И ако ја земеме онаа досетка, дека само Вселената и човечката глупост во овој свет се бесконечни, барем да се занимаваме со корените што ќе нè насочат кон вечноста во Бога, која ја исповедаме и за која единствено треба да се врземе, а да се чуваме од глупоста, која никаде не води освен во пропаст.

Александар Дамовски

Извор: МКД

Друго:

Митрополит Европски Пимен - Простете ми



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Наука и Култура

Август 18, 2019
чехов

Карактеристиките на вистински културен човек според Чехов

„Животот има свои услови. За еден човек да биде прифатен меѓу вистински образовани луѓе, тој мора да биде образован“, вели во едно писмо рускиот писател Антон Павлович Чехов кое му го испратил на неговиот помал брат, во кое му напишал и листа на услови што…
Јули 04, 2019

Рабиндранат Тагоре:„Погрешно го читаме светот и велиме дека нè залажува.“

Љубовта е еден од најзастапените и најуниверзалните мотиви во сите уметнички облици. Поезијата на Рабиндранат Тагоре, индиски книжевник, филозоф и драматург, е сплетена од стихови кои го докажуваат тоа.Творечкиот опус на овој книжевник го чинат 1000 поеми,…

Петтата сесија на Охридската школа на природното право

Јул 02, 2019 Научни трудови 191
Првата сесија од овој настан ја отвори акад. Владо Камбовски, раководител на Центарот за…

Доделени наградите „Златен був“ на 9. Филозофски филмски фестивал

Мај 18, 2019 Филм, Театар 286
Рускиот филм „Ноќен разговор со џелат“/ Night Talk With a Hangman и режисерот Јаков…

Како може да им се помогне на оние кои размислуваат за самоубиство?

Апр 08, 2019 Друго од култура 497
Според проценката на Светската Здравствена Организација во просек 1 милион луѓе умираат…

Беседи

Антониј, Митрополит Сурошки: Преображение

Антониј, Митрополит Сурошки: Преображение

Мојсеј влегол во тој облак и му било дозволено да разговара со Бога како пријател со пријател; му било дозволено да види како Бог поминува покрај него, сè уште без...

Митрополит Струмички Наум: Преображение, наше (18.08.2016)

Митрополит Струмички Наум: Преображение, наше (18.08.2016)

„Според православната црковна антропологија на Светите Отци, суштината на умот се наоѓа во срцето како духовен центар на човекот, а енергијата на умот преку  сетилата се расејува по светот. Насочувањето...

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Нашето одење во црква

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Нашето одење во црква

Ние можеме да се молиме за здравје и за сè друго што нам ни се чини дека е добро да бараме, но не смееме да очекуваме дека ако одиш во...

Митрополит Струмички Наум: ВО СТИЛОТ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА

Митрополит Струмички Наум: ВО СТИЛОТ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА

Сите сме жртви на суетата, помалку или повеќе. Забораваме дека гревот што го „препознаваме“ кај нашиот ближен, според Светите Отци, постои и во нас или е најчесто само наша проекција....

Митрополит Струмички Наум: „ВНАТРЕШЕН  и НАДВОРЕШЕН АВТОРИТЕТ“

Митрополит Струмички Наум: „ВНАТРЕШЕН и НАДВОРЕШЕН АВТОРИТЕТ“

Просто, сме станале верна копија на старозаветните Црква, храм и свештенство – во нивната изобличеност, со слични рестриктивни правила кон обичниот верник (сепак носител на царското свештенство) и со ист...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: За маченички етос

Викарен Епископ Јаков Стобиски: За маченички етос

Имаме можност да бидеме маченици Христови – во секоја минута, во секоја секунда од нашиот живот. Мачеништво е да се избориш со една лоша помисла, со помисла на завист, со...

Архимандрит Партениј Бигорски: Острастеноста – пат кон демоноопседнатост

Архимандрит Партениј Бигорски: Острастеноста – пат кон демоноопседнатост

Оваа состојба на демоноопседнатост не е некаков мит или обична приказна, или пак, средство за заплашување. Не, таа е реалност и постои. Колку и да се обидуваат некои да ја...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски

Викарен Епископ Јаков Стобиски

Не плашете се да страдате, оти човекот што се плаши да страда и да се жртвува никогаш нема да му објави војна на ѓаволот и на гревот, нема никогаш да...

« »