ИНТЕРВЈУ, ТИМОТИ БАЈФОРД, РЕЖИСЕР, НАГРАДен ЗА ВРВНИ ДОСТИГНУВАЊА НА „АСТЕРФЕСТ“

Не е важно каде живеете, туку како се чувствувате

 

Не можам да ја разберам потребата на младите луѓе од Балканот по секоја цена да заминат на Запад - ќе отидат на некој ден во некоја западноевропска земја и гледаат како подобро се живее, бидејќи има некој стандард. Но тоа што не го гледаат е дека се работи многу, од утро до вечер, за да се задржи стандардот и тоа во текот на целата година

И во 70-тата година од животот Тимоти Бајфорд зрачи со енергија и срдечност, исто како пред повеќе од 30-ина години кога случајно ги избрал балканските простори за своја творечка промоција, но и за живеење. Роден е во 1941 година во Солзбери, Англија, а драмското образование го стекнал во Лондон. Во раната творечка фаза работел во „Ројал Шекспир“ и во Би-би-си. Од неговиот режисерски опус се издвојуваат повеќе циклуси документарни филмови, играни проекти и серии за деца. Најпозната и најгледана на просторите на бивша Југославија е неговата мамутска серија за млади „Невен“.

Бајфорд минатата недела престојуваше во Струмица каде што му беше врачена наградата „Астерфест“ за врвни достигнувања во авторскиот филм. Во времето на одржувањето на фестивалот беше болен, па сега, со своето присуство ги удостои и организаторите и љубителите на филмската уметност за да можат да уживаат во продолженото издание на фестивалот.

- Многу ми е жал што не можев да присуствувам на фестивалот за време на неговото одржување. „Астерфест“ е познат фестивал во Србија, а јас за него дознав од интернет. Вашиот фестивал е автентичен и е место каде што филмофилите навистина може да уживаат неколку дена - вели Бајфорд.

l Ви значи ли фестивалската награда?

- Па нема да бидам скромен и ќе кажам дека многу ми значи и ја доживувам како заокружување на мојата богата кариера. Можеби некои награди што сум ги добивал порано ми биле подраги, но оваа последната, сепак ми е круна.

l Како еден западњак пред повеќе од четириесет години се одлучи да дојде да работи и да живее на Истокот?

- Јас дојдов од Би-би-си за да работам копродукции со земји од Европа. Мене ми падна Југославија сосема случајно и останав засекогаш. Не е важно каде живеете, туку како се чувствувате. На почетокот се чувствував како Англичанец на привремена работа во Белград и тоа во една социјалистичка земја, а подоцна, со текот на времето и работењето во ТВ Белград и ТВ Сараево, се почувствував како дел од тоа што го работам и го оставам тука. Не можам да ја разберам потребата на младите луѓе од Балканот по секоја цена да заминат на Запад. Ќе отидат на некој ден во некоја западноевропска земја и гледаат како подобро се живее, бидејќи има некој стандард. Но тоа што не го гледате е дека се работи многу, од утро до вечер, за да се задржи стандардот. Јас го претпочитам лабавиот однос кон работата, иако кога режирав актерите велеа за мене дека сум како стражар на робови кои ги терам да работат со камшик. Знаев да работам по 16 часа дневно, но не работев цела година и знаев да се опуштам и некое време ништо да не работам. Ги почитувам обичните нешта и сакав да докажам дека „западњаците“ можат да живеат и работат на Истокот. Пред седум години со указ на претседателот на Србија, Борис Тадиќ, добив државјанство.

l Како се роди идејата за снимање на серијата „Невен“?

- Јас имав некоја друга идеја за снимање серија за млади. Го открив списанието со исто име заради илустрации. Видов дека е интересно, иако беше од 19 век и сето тоа го прераскажав со јазикот на телевизијата.

l Има ли разлика меѓу продукциите за деца и млади и тие за возрасни?

- За мене нема никаква разлика бидејќи и продукцијата за деца сама по себе е сериозна и одговорна. Најтешко е да се работи за деца бидејќи тие се најстроги критичари. Се прашувам кој го гледа тоа што денеска им се нуди преку телевизиите за децата и младите. Тоа што се продуцира воопшто не е сериозно и одговорно.

l Пред неколку години понудивте концепт за реформи на образованието во Србија. Значи ли тоа дека сакате да се занимавате со политика?

- Не. Јас никогаш не сум сакал да се занимавам со политика. Пред неколку години му понудив концепт за реформи на образованието на министерот. Но тој не сакаше ниту да ме прими. Кога јас би бил министер за образование, мои советници ќе бидат деца, кои вистински ги знаат и чувствуваат проблемите во образованието.

 Извор: http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=919A08B26916F14BA32AA18D289C6C41